Запоставувањето на екологијата изминативе години ја донесе Македонија на светскиот врв според загадувањето на воздухот и природната средина, а цената што ја плаќа земјата е пораст на бројот на смртни случаи и хроничнo болни поради последиците од загадувањето. Последната деценија стана повеќе од јасно дека во делот на екологијата мора да се преземат итни мерки доколку Македонија сака да ги применува европските стандарди, што е еден од условите на евроинтегративниот пат
Проблемот со загадувањето сериозен предизвик во пресрет на изборите
Гасификација на секое домаќинство, субвенции за фасади и инвертери, еколошки транспорт, обновливи извори на енергија, селекција на отпадот, казни за загадувачите се само мал дел од понудата со која партиите во земјава ја бараат довербата од гласачите на претстојните парламентарни избори закажани за 15 јули.
Запоставувањето на екологијата изминативе години ја донесе Македонија на светскиот врв според загадувањето на воздухот и природната средина, а цената што ја плаќа земјата е пораст на бројот на смртни случаи и хронични болни поради последиците од загадувањето.
Последната деценија стана повеќе од јасно дека во делот на екологијата мора да се преземат итни мерки доколку Македонија сака да ги применува европските стандарди, што е еден од условите на евроинтегративниот пат.
Од тие причини, во предизборниот период партиите во своите изборни програми излегуваат со посебно поглавје за екологијата, во обид, доколку ја освојат власта, да ги подобрат состојбите во врска со заштитата на природната средина.
Владејачката СДСМ во програмата „Можеме“ во делот на екологијата насловен „Сите за екодржава!“, нуди строга контрола и казни за загадувачите, преку воспоставување комунална полиција во секоја општина и 24-часовен инспекциски надзор. Најавуваат и зголемен број екоинспектори, како и поголеми казни за фабриките што не ги исполнуваат еколошките стандарди.
Од оваа партија се залагаат и за поголеми казни за граѓаните што загадуваат, поголеми контроли на станиците за технички преглед на возилата и контроли со дрон за спречување на формирањето диви депонии.
СДСМ најавува бесплатен екоинвертер за 60.000 домаќинства за да престанат со употребата на фосилни горива, како и 100 милиони евра субвенции за поставување филтри на индустриските капацитети, субвенции за приклучување на централно греење и за набавка на филтри на оџаците на домаќинствата, гас до секој дом и укинување на данокот за увоз на електрични и хидрогенски возила.
Во нивната програма во делот на екологијата уште предвидуваат поврзување на сите државни институции на чисти извори нa топлинска енергија до 2022 година, етапна замена на возниот парк на институциите со ековозила, задолжително сепарирање на отпадот за домаќинствата, укинување на употребата на пластични ќесиња и пластични цевки, хигиена во училиштата и акции за пошумување.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ има обемно поглавје во делот на екологијата, во кое најголеми приоритети се чист воздух, третман на отпадот, чиста вода и реки, борба со урбаната бучава, зазеленување на државата, климатски промени.
Во програмата „Обнова на Македонија“ се предвидува идната влада да финансира половина од трошоците за изградба на енергетски ефикасни фасади и промена на прозорците за да се намали непродуктивното користење на енергијата.
Покрај тоа, од ВМРО-ДПМНЕ како проект во делот на екологијата најавуваат и набавка на сончеви колектори, фотонапоски централи, термални топлински пумпи и приклучок кон топлинските системи, што ќе биде субвенционирано со 50 отсто од државата. Покрај тоа, најавуваат и целосна гасификација на државата, со доведување природен гас до домаќинствата и сите институции и компании, како и бесплатен приклучок за гас за домаќинствата.
Покрај тоа, во нивната програма има проекти за изградба на ветерен парк за поголемо користење на обновливите извори на енергија, модернизација на РЕК „Битола“ и негово еколошко работење, нова термоцентрала за источна Македонија, издавање зелени обврзници…
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и подигање зелени појаси околу општините и населените места, строг и правичен инспекциски надзор, изработка на стратегија за решавање на проблемот со загадениот воздух.
Тие ветуваат дека нивните проекти ќе го намалат загадувањето до крајот на нивниот мандат најмалку за 50 отсто од сегашната состојба.
Партијата Глас за Македонија во својата изборна програма има проекти со кои нуди решенија за најгорливите проблеми во делот на екологијата со кои се соочува земјава изминатите 30 и повеќе години.
Тие го ставаат фокусот на гасификација на целата држава, воведување мерки за намалување на загадувањата предизвикани од транспортот, изградба на брз и модерен трамвај во Скопје, како и целосно подобрување на јавниот градски транспорт низ земјата.
Во делот на транспортот, од Глас за Македонија имаат проект за две модерни железнички линии со брзи возови, ограничување на употребата на автомобили што загадуваат повеќе од дозволеното, а стимулирање на употребата на автомобили со минимални емисии. Во таа насока би биле и категоризација и воведување зони со ниски емисии, динамично регулирање на брзината на движење во зависност од загадувањето.
Во делот на инфраструктурата што влијае врз подобрувањето на екологијата, од Глас за Македонија најавуваат модернизација на улиците и канализацијата, како и редовно миење на уличните површини.
Покрај тоа, од оваа партија планираат и селекција на отпадот во целата држава, изградба на четири модерни регионални депонии, стимулирање инвестиции за рециклирање на отпадот, како и строга забрана за увоз на отпад.
Глас за Македонија предвидува и мерки за намалување на загадувањето од домашното греење, како ширење на мрежата на Топлификација, гасификација на домаќинствата, строги стандарди за користење дрва и јаглен, како и инкриминација на палењето гума, пластика, облека, кабли, масла…
Покрај тоа, од оваа партија предвидуваат и стимули за енергетска ефикасност, нови паркови, повеќе зелени површини и издигање на јавната свест за потребата од заштита на природната средина.
Долгорочната политика на Левица во делот на екологијата цели кон целосна енергетска ефикасност и независност, преку одржливи, чисти и обновливи извори на енергија: еколошки транспорт, електрификација на железницата, трамваи и тролејбуси, и велосипедизмот како алтернатива на приватниот превоз.
Според нив, другите конкретни мерки подразбираат забрана за пренаменувањето на плодното земјиште во градежно, стопирање на сечата на урбаното зеленило и неконтролираната коруптивна урбанизација.
Од Левица ќе се залагаат уште за најстрога забрана за градење хотели во еколошки заштитени средини, против давање под концесија на шуми, езера, национални паркови, реки, води и рудни богатства, како и нула толеранција на загадувањето на воздухот, водата и почвата.
Од Твоја партија тргнуваат со поинаков пристап во заштитата на животната средина, наведувајќи дека станува збор за реанимација на животната средина.
За таа цел тие најавуваат издвојување големи средства од буџетот, не под 2,5 отсто од целокупниот буџет. Ангажирање луѓе што ги познаваат состојбите во животната средина во земјава, но и од странство.
Од Твоја најавуваат и промена на казнената политика и воведување строги казни за загадувачите и засилен мониторинг против големите загадувачи. Најавуваат и поттикнување активности како справување со големите загадувачи, со уништувачите на шумите, со експанзијата на каменоломите, со градежната мафија, со сметот, со недоволното и непланско вложување во патиштата и железницата.
Во нивниот фокус ќе биде и уредувањето на производството и употребата на пластични предмети за еднократна употреба.
Повеќето албански партии во делот на екологијата предлагаат мерки за справување со проблемот на дивите депонии, изградба на регионални депонии за отпад, како и гасификација на домаќинствата за да се спречи загадувањето на воздухот, кое е особено изразено во зимскиот период.