Одредени индиции отвораат политичка верзија дека Бугарија, помеѓу другото, со блокадата на македонските евроинтеграции посакува да продуцира тешка политичка криза и во Македонија. Сепак, повеќето соговорници приматот на бугарските политики го ценат како континуиран и конзистентен од 1878 година, за остварување на нивниот санстефански сон за окупација и асимилација на Македонија
Наближувањето на 10 ноември, кој бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева го нарече „индикативен, но не и конечен“ термин за разврска на ситуацијата за реализацијата на бугарската закана за вето за македонските евроинтеграции, сѐ поинтензивно создава претпоставки за развојот на политичките настани доколку во декември сепак не се одржи првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ. Согледувањата на дел од македонските политички аналитичари се дека во голема мера актуелните тврди бугарски позиции за ветото доколку Македонија не го „признае своето бугарско потекло“ се должат на внатрешнополитичките превирања во Бугарија и временската близина на тамошните парламентарни избори, во март наредната година. Навистина, како што наближува „индикативниот ден“ за ефектуирање на ветото (неприфаќање од бугарска страна на преговарачката рамка за Македонија), изјавите на министрите во актуелната влада на Бојко Борисов (Каракачанов, Захариева) се сѐ порадикални, но бугарските полиберални политички аналитичари ја забележуваат „молчаливоста“ по ова прашање на бугарскиот премиер. Шефот на Институтот за eвропски политики од Софија, Димитар Бечев, вели дека по сите закани и уцени од Софија, на средбата меѓу Борисов и Заев идната недела може да дојде до решение по кое бугарскиот премиер ќе биде позитивна личност пред ЕУ и НАТО. Бечев забележува дека додека Захариева, Каракачанов и другите политичари ја напаѓаат и уценуваат Македонија со влезот во ЕУ, Борисов не се појавува во јавноста на оваа тема.
– Главниот човек што носи одлука, премиерот Борисов, се држи далеку од јавноста. Неговиот состанок со Заев на 10 ноември може да продуцира компромис што тој би го продал дома и потоа да бара заслуги од Брисел за тоа што го решил проблемот – смета Бечев, кој претходно порача дека тоа што Софија му го прави на Скопје е – нечесно.
Од друга страна, заканите за ново вето се толку чести и категорични, што во Македонија реално ги отвора прашањата за генерирање можност од нова внатрешнополитичка криза, имајќи го предвид минатогодишното искуство, кога Франција се спротивстави на одлуката за почнување преговори (и покрај Преспанскиот договор) сѐ додека не беше донесена новата преговарачка методологија. Тогашното разочарување од ЕУ резултира со предвремени парламентарни избори, кои со одложување поради пандемијата, наместо во април, се одржаа во јули годинава. Колкав е потенцијалот на Бугарија да генерира политичка криза и во Македонија?
– Теоретски е многу можно, доколку се случи најавуваното вето од Бугарија за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ, во Македонија да се случи политичка криза. Треба да се очекува дека во ситуација на нова неизвесност за почеток на преговорите со ЕУ, опозицијата во Македонија ќе бара одговорност и нови парламентарни избори. Сепак, додека е актуелна пандемијата, не верувам дека би се одржувале какви било избори. Можно е опозицискиот притисок да се зголеми напролет, за евентуално предвремените парламентарни избори да се одржат со локалните избори, наесен 2021 година – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Покрај оцената за потенцијалот за политичка криза во Македонија, доколку не почнат преговорите за членство во ЕУ, Арсовски смета дека актуелните закани со блокада од Бугарија се повеќе поврзани со тамошните внатрешниполитички прашања отколку со нивната надворешнополитичка позиција.
– Повторно теоретски гледано, Бугарија има можност за ги блокира нашите преговори со ЕУ, во текот на целиот процес. Нивната тврда позиција, сега, пред почетокот на преговарачкиот процес, неизбежно се поврзува со нивните избори – цени Арсовски.
Одредени претпоставки во намерите дека Бугарија со блокадата всушност можеби посакува да продуцира политичка криза и во Македонија, политичкиот аналитичар Александар Пандов не отфрла, но цени дека таквите мотиви се странични, во споредба со континуитетот и конзистентноста на бугарската политика од 1878 година, да го оствари својот санстефански сон за окупација и асимилација на Македонија.
– Изјавите на актуелните официјални бугарски политичари за Македонија и македонското прашање што сега се пласираат пред ЕУ воопшто не се инцидентна политичка позиција. Таа политика и кампања на асимилација и територијално освојување на Македонија од Бугарија се водат од 3 март 1878 година, од проектирањето на т.н. санстефанска Бугарија. Тоа е државен став на Бугарија низ сите историски состојби од тогаш и сите општествени уредувања што ги минала. Така што не сум приврзаник на толкувањето дека сегашните закани за вето за почеток на македонските евроинтеграции се предизвикани само за дефокусирање на бугарската јавност од внатрешните политички проблеми, односно моментално и краткорочно предизвикување акутна политичка криза во Македонија. Нашиот, македонски проблем е што сме доведени во потчинета позиција да разговараме (преговараме) за идентитетски прашања – вели Александар Пандов.
На прашањето за потенцијалната опасност од политичка криза во Македонија по евентуалното бугарско вето, Пандов смета дека државата и сега функционира во еден вид политичка криза, со оглед на состојбата дека на секоја собраниска седница се доведуваат во прашање кворумот и мнозинството.
– Доколку се случи ветото, Македонија треба сепак да ја преиспита својата стратегија за понатаму во однос на водењето на преговорите за членството во ЕУ. Извесно е дека таквата опасност ќе биде присутна во текот на целиот преговарачки процес, како што е јасно дека Бугарија нема намера да се откаже од своите асимилаторски аспирации спрема Македонија – вели Пандов.