Со заклучокот „да му се стави ефективен крај на погрешното толкување на историјата“, Брисел практично ја врти водата на бугарска воденица, односно ѝ дава бланко карта на Софија и во иднина да продолжи со уценувачката, апсурдна и фалш политика кон Македонија во делот на историјата, јазикот, идентитетот и посебноста на македонскиот народ и држава. Или со други зборови, ако сака во ЕУ, Македонија ќе треба да ги прифати сите бугарски уцени и барања. Според експертите, со вметнувањето на ваквиот нов услов целосно е нарушен кредибилитетот на ЕУ. За новиот услов меѓу првите отворено се спротивставија и Чешка и Словачка, како земји-членки на ЕУ

Симптоматична формулација во заклучоците на Советот на ЕУ

Советот на амбасадори на Европската Унија донесе заклучоци со кои ги охрабри земјите од Западен Балкан дека процесот на проширување не е мртов и дека земјите треба да продолжат со реформите и со исполнувањето на европските критериуми, но од друга страна еден од заклучоците ја разбранува македонската јавност, која се сомнева дека Унијата ѝ овозможила на Бугарија да ги реализира своите намери во делот на толкувањето на историјата и поврзано со Македонија.
– Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекора би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешно толкување на историјата – се вели во членот 8 од заклучоците.
За германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, оваа формулација била усвоена уште во 2018 година, а еднакво ќе се однесува и за земјите-членки.
– Формулацијата не е нова и веќе беше во употреба од 2018 година. Таа е еднакво валидна за Бугарија, Грција и за Северна Македонија. Оттука, таа може да биде основа за продолжување на заедничката работа. За нас како претседавачи беше важно да ги усвоиме овие заклучоци за да покажеме дека сите земји-членки се посветени на проширувањето – рече Холштајн.

Дека не станува збор за наивна формулација потврдува и вчерашната одлука на Чешка и на Словачка да не ги потпишат заклучоците за проширувањето токму поради формулацијата „погрешно толкување на историјата“.
Двете земји сметаат дека со вметнување на оваа реченица се нарушува кредибилитетот на ЕУ кон земјите-кандидати и кон идните кандидати, но и кон процесот на проширување воопшто, а сметаат дека може да предизвика проблеми и внатре во самата Унија.
Од друга страна, македонските политичари тврдат дека никој во земјава не е подготвен да прави отстапки за идентитетот, јазикот и историјата, а претседателот на државата во годишното обраќање во Собранието порача дека Македонија не сака во ЕУ по секоја цена.
– Убеден сум дека членството во ниту една меѓународна организација не е вредно ако од вас бараат да се обезличите – истакна Пендаровски.
Сличен настап имаше и премиерот Зоран Заев, кој рече дека идентитетот и јазикот се најсветите нешта за кои никој не преговара, така што нејасно е како ќе се одвиваат македонските евроинтеграции доколку бугарските барања станат дел од преговарачката рамка.
– Голем дебакл е што тоа толкување се внесе во таа рамка и на некој начин, според мене, тоа значи ставање клинец во ковчегот на проширувањето како процес. Тоа би значело дека регион како Западен Балкан со еден куп билатерални спорови, каде што историјата е пред сè и над сè, пред иднината и сегашноста, е свесно блокирање и комплицирање на процесот што требаше да се заснова на новата методологија според заслуги и објективни европски критериуми. Мислам дека сега е мошне искомплициран процесот на проширување и тој ќе биде мртов – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.

Според него, изјавите на македонските политичари дека и покрај сè ЕУ нема алтернатива, се во насока да се задржи фокусот врз евроинтеграциите најмногу поради финансиските бенефиции од претпристапните фондови на Унијата.
– Ќе продолжиме да ги следиме добронамерните реформски процеси што ни ги посочува ЕК, но и препораките што ни го кажуваат земјите-партнери, како Холандија и Германија. Покрај тоа, тука е и користењето на парите од претпристапни фондови на ЕУ, од Берлинскиот процес, а особено важно е политичките елити во иднина да почнат да применуваат принципи на владеење на правото – смета Трошановски.
Тој се согласува дека Македонците не смеат да се откажат од сопствениот идентитет заради ЕУ, а според него, со политиките што Унијата ги спроведува на Западен Балкан таа само го губи сопствениот кредибилитет и бледнее нејзиното влијание.
Универзитетскиот професор Живко Андревски вели дека ЕУ има многу поважни работи за решавање отколку да се занимава со тоа дали Македонија ќе ги почне преговорите и што сè ќе влезе во преговарачката рамка.

– ЕУ решава сопствени прашања што се од поважен и подолгорочен карактер, а помалку се грижи што се случува со преговарачката рамка за Македонија. Бугарија е склона да ги користи тие ситуации и сега тешко ќе биде да се влезе во Унијата ако некој погрешно ја толкува историјата – смета Андревски.
Според него, единствено што може Македонија да оствари во релациите со ЕУ е да биде само нејзин добар сосед.
– Нивото што Македонија може да го оствари со ЕУ е да биде одличен сосед. Тоа може од сега да трае во следните 30 години. Ние сме добар сосед, ги исполнуваме европските критериуми и така ги решаваме нашите историски прашања, а комуницираме со светот и преку ЕУ и преку НАТО – констатира Андревски.