Такво мислење има професорот по политички науки на Универзитетот во Софија Даниел Смилов, кој смета дека Бугарија со блокирањето на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, всушност, работи против самата себе: ги забавува интеграцијата и поврзувањето на регионот неопходни за сопствениот просперитет, го поддржува антибугарското расположение во соседната земја и паѓа во меѓународна изолација поради нејзината неразбирлива позиција
Империјализмот и шовинизмот го кочат просперитетот на Бугарија, вовлекувајќи ја во меѓународна изолација
Извесното бугарско вето за почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија наидува на осуда и неразбирање и кај прогресивните сили во Бугарија, кои сметаат дека официјална Софија е на патот да направи стратегиска грешка во својата надворешна политика.
Одлуката за вето изминатиот викенд ја повтори шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, која рече дека нивниот став е оти во овој момент Македонија не е подготвена да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
Од своја страна, македонскиот премиер Зоран Заев потврди дека ветото е извесно и дека македонските граѓани веќе се подготвени за таквото сценарио, иако не ја отфрли можноста до декември сепак де се постигне некаков договор меѓу Македонија и Бугарија и сепак да се одржи првата меѓувладина седница со ЕУ.
Апсурдната бугарска политика наиде на реакции низ Европа, но и во самата Бугарија, каде што сè погласни се изјавите дека со блокадата на Македонија, Софија работи против себе.
Такво мислење има професорот по политички науки на Универзитетот во Софија Даниел Смилов, кој смета дека Бугарија со блокирањето на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, всушност, работи против самата себе: ги забавува интеграцијата и поврзувањето на регионот неопходни за сопствениот просперитет, го поддржува антибугарското расположение во соседната земја и паѓа во меѓународна изолација поради нејзината неразбирлива позиција.
Според него, Бугарија ги претвора своите романтични толкувања на сопствената историја во мерило на нејзините односи со остатокот од светот, што, како што вели, може да биде популарен став во земјата, но не е работен модел за водење надворешна политика со суверени и рамноправни држави.
Смилов смета дека мора да постои одредена дистинкција помеѓу политиката и историјата, прецизирајќи дека станува збор за различни области, а сето тоа го поткрепува со девет причини.
Првата, како што истакнува Смилов, е тоа што историјата не е прашање на преговори меѓу држави, односно вистината не зависи од потписите на владите или од преговорите на меѓувладини комисии.
Како втора причина за немешањето меѓу политиката и историјата, Смилов го наведува меѓународното право.
– Меѓународното право ги регулира основните односи меѓу државите. Во него, државите не си го признаваат една на друга националниот идентитет, националноста, јазикот или религијата. Се признаваат две работи – државност (суверенитет) и влада на државата, доколку не е дојдена на власт по нормалниот уставен ред. Барем од 1648 година (од Вестфалискиот мировен договор), дел од суверенитетот на државата вклучува ексклузивно право на државата да ги регулира своите внатрешни работи: религијата, јазикот, националноста и, соодветно, образовниот систем, учебници итн. Бугарија ја призна Северна Македонија како суверена држава од 90-тите години на минатиот век – посочува Смилов.
За него, фиксирањето на преговорите на комисиите за историски прашања за заеднички став за сите прашања води кон неефикасно работење на овие комисии.
– Идејата за заедничка комисија за историски прашања имаше цел да ги подобри односите меѓу двете земји преку процес на дијалог. Меѓутоа, со фиксирањето на преговорите за заеднички став за сите прашања, ефектот од активноста на оваа комисија почнува да генерира спротивен резултат: тој ги надувува негативните расположенија на двете страни на границата. Силното антибугарско расположение во Македонија е факт кај дел од општеството и медиумите, но барем во моментот земјата има влада што сака да ги подобри односите меѓу нашите земји и да ја внесе Северна Македонија во ЕУ. Блокирањето од страна на Бугарија на преговорите на Северна Македонија само ќе ги ескалира и зајакне негативните ставови таму и ќе ги влоши позициите на добронамерно настроените кон нас кај нашиот сосед. Покрај тоа, Бугарија ризикува да стане најголем „непријател“ на Македонија, што е апсурдно – посочува Смилев.
Како четврта причина за спротивставеноста меѓу политиката и историјата, Смилов ја нагласува правната вредност на договорите за историјата, која, според него, е речиси ништожна.
– Правната вредност на „договорите“ за историјата е речиси ништожна. Ако бидат прекршени, ќе се судиме ли во Хаг за симболична компензација? Дури и да се потпише таков договор, тој не може да ги обврзува размислувањата и зборувањето на луѓето во Северна Македонија (или кај нас) – сепак, како дел од европскиот простор, принципот на слобода на говор важи за сите нас. Ниту, пак, таквите договори за историјата може да запрат научни истражувања што водат до заклучоци различни од нашите – објаснува Смилов.
Според него, Македонија дури и да биде принудена да потпише нов анекс на договор за историја, идентитет, антибугарски кампањи во медиумите итн., овој договор нема да го промени расположението кон Бугарија во Македонија, туку тоа ќе ги зајакне и ќе ја мобилизира опозицијата против него.
Смилов уште појаснува дека меѓу двете држави постојат многу договори со кои тие се откажуваат од територијални претензии и обврска за недавање државна поддршка на групи и движења што бараат отцепување и дека тоа е добар чекор, прецизирајќи дека малцинствата треба да бидат внатрешно прашање за секоја земја.
– На долг рок, за Бугарија е важно да има подобрена комуникација со С Македонија – медиуми, научни конференции и размени, патишта, железници, комуникации. Доколку овие работи станат вообичаени или барем поврзани, постои можност за промена на расположението во Северна Македонија кон Бугарија. Членството на нашиот западен сосед во ЕУ, па дури и самиот преговарачки процес, само ќе ги зголеми можностите за поголема поврзаност меѓу двете земји – смета Смилов.
Тој додава дека бугарската позиција е неразбирлива за светот и привлекува само прекор и потсмев во ЕУ.
– Грците беа во слична ситуација и едвај успеаја да се извлечат од неа со Договорот од Преспа. Во моментот кога тие го сторија тоа, ние го зазедовме нивното место. Грција не доби ништо од конфронтацијата со Република Македонија. Тешко дека и ние нешто ќе спечалиме. Покрај тоа, Грција не сакаше суверена држава со специфично име до нејзината граница. Ова беше позиција што многумина ја критикуваа, но сепак беше во познатата рамка на меѓународното право – признавање суверена држава.
Ние тестираме нови територии во меѓународното право – непризнавање на идентитетот, јазикот и толкување на историјата на држава чиј суверенитет веќе сме го признале. Ова е внатрешно контрадикторна позиција – како што кажав, суверенитетот вклучува право на самоопределување за прашањето на идентитетот, јазикот и религијата. А историјата воопшто не е прашање на пазарење – истакнува Смилов.
Според него, влезот на Македонија во ЕУ со право бил претставуван како стратегиски бугарски приоритет уште од почетокот на транзицијата, но сега овој приоритет си го поткопува самата Бугарија.