Контроверзноста на политичкиот потег на бугарскиот претседател со активирањето на своите безбедносни служби за заштита на бугарското малцинство во Македонија, а во исто време земајќи го предвид фактот за непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија, упатените во проблематиката на правата на малцинствата ја оценуваат како посегнување по стратегијата „нападот е најдобра одбрана“
Пресудите на Европскиот суд за човекови права од Стразбур се доволен демант за тврдењата на бугарскиот претседател Радев
Како „нов прилог“ во сета небулозност на бугарската политика во односите со Македонија, особено интензивирана во актуелните амбиции за попоречување на македонските евроинтеграции, може да се додаде и внесувањето во „играта“ на бугарските безбедносни служби од страна на претседателот Румен Радев, на кои им дал задача да „преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од Бугарија, кои се изложени на напади само поради нивната национална самосвест“. Освен што со мобилизирањето на таква акција на безбедносните служби за прашања што се во доменот на внатрешното уредување на странска земја бугарскиот претседател влегува во опасната зона на прекршување на меѓународното право, на одреден начин ја носи во офсајд и политиката спрема малцинствата на својата земја.
Ќе реагираат ли западните демократии за неспроведувањето на пресудите
од Европскиот суд за човекови права од Стразбур
Ноторната вистина од која Бугарија не отстапува ниту за волја на европските вредности е дека признавањето на малцинствата, особено на македонското, е ништовна тема за официјална Софија. Сепак, иако самата нема намера да пристапи кон спроведување на пресудите од Европскиот суд за човекови права од Стразбур и да овозможи регистрација на здруженијата на Македонците во Бугарија и да направи чекор кон признавање на македонското малцинство, бугарскиот претседател почнува да си поигрува со проблематизирање на темата со правата на лицата во Македонија со бугарска национална самосвест. Бугарскиот претседател на таква ризична игра се одлучува по фингерајката со писмото на претставници од културното друштво „Иван Михајлов“ од Битола, за наводна загрозеност на нивните граѓански права поради искажувањето на бугарската самосвест. Но никако не треба да се запостави и темпирањето на ваквиот потег на бугарскиот претседател пред претстојните избори таму, за нецел месец.
– Бугарскиот однос кон Македонија, во сите свои фантазмагории, се закопа и околу некакво бугарско малцинство во нашата земја. Ако според нивните досегашни тези, ние сме веќе Бугари, како може тука да има бугарско малцинство? Самиот чин на бугарскиот претседател да ги мобилизира своите тајни служби да работат во Македонија покажува дека и тој многу застранил, како сите бугарски политичари. Ние само можеме да претпоставуваме дека Софија, која е многу блиска со Вашингтон, најверојатно побарала помош и од ЦИА да го брани правото на Бугарите во Македонија. Во секој случај, Софија го потврдува правилото дека кога еднаш ќе заглавиш во калта, можеш само повеќе да пропаѓаш. Што се однесува до Македонците во Бугарија, првокласна глупост е ние да негираме дека тие постојат, бидејќи тоа се сведува на слична ситуација кога ние би потврдувале или негирале дека Велика Британија е монархија. Македонците во Бугарија или постојат или не, а дека се тие таму со векови, најдобра потврда се 13-те пресуди на Судот за човекови права во Стразбур – вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.
Нападот е најдобра одбрана
Контроверзноста на политичкиот потег на бугарскиот претседател со активирањето на своите безбедносни служби за заштита на бугарското малцинство во Македонија, наспроти непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија, упатените во проблематиката на правата на малцинствата ја оценуваат како посегнување по стратегијата „нападот е најдобра одбрана“. Радев всушност на тој начин се обидува да ја дискредитира Македонија за непочитување на граѓанските права на самосвесните Бугари во земјава, за да си создаде алиби за неспроведување на пресудите од Советот на Европа за регистрација на организациите на Македонците во пиринскиот дел на Бугарија. Адвокатот Тони Менкиновски, застапник на здруженијата на Македонците во Бугарија, смета дека последните активности на Радев имаат основа во Резолуцијата на Советот на министрите, со која се бара од Бугарија, до 1 јуни 2021 година да бидат регистрирани сите македонски организации на нејзина територија.
– Може да се каже дека Македонија е лидер во однос на почитување на правата на малцинствата во Европа, а сосема извесно има многу повисоки стандарди за овие прашања отколку соседите Бугарија и Грција, кои се членки на ЕУ.
За разлика од нас, соседните држави немаат спроведено речиси ништо од обврските поврзани со правата на малцинствата. Бугарија е притисната од рокот за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права за признавање (регистрација) на организациите, со нагласена македонска етничка припадност, па прибегнува кон стратегијата „нападот е најдобра одбрана“. Таа стратегија се сведува на притисокот Македонците во пиринскиот дел на Бугарија да се откажат од сопствените права, а бугарската држава ги проблематизира правата на Бугарите во Македонија. Но какви чекори и да преземаат, проблемите на Бугарија со (не)почитувањето на правата на малцинствата само ѝ се мултиплицираат. Бугарија не може да ги избегне обврските за спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права без да се соочи со можноста да биде исфрлена од Советот на Европа – смета адвокатот Тони Менкиновски.