Според предвидувањата, собраниската расправа за интерпелацијата, односно барањето на опозицијата за преиспитување на кредибилитетот на Владата предводена од СДСМ, заврши во корист на актуелната власт. Гласањето по интерпелацијата, со која се бараше изгласување недоверба на Владата, заврши со 40 гласа – „за“, 62 – „против“ и двајца „воздржани“, со што практично владата на премиерот Зоран Заев доби доверба од мнозинството пратеници. Вкупно гласаа 104 пратеници од 107-те присутни во собраниската сала. Воздржано гласаа Узеири Ферати Мерал од ДПА и пратеникот на движењето Беса Мемеди Реџеп.
Според опозицијата, Владата предводена од СДСМ и од ДУИ нема капацитет за водење на институциите. Во интерпелацијата исто така беше наведено дека Владата работи за партиските интереси, а во изминатите десет месеци не е остварен ниту еден од проектите и реформите што ги ветуваа во предизборието. Интерпелацијата беше прв чекор што го презеде ВМРО-ДПМНЕ кога одлучи да се врати во Собранието. Последен меѓу говорниците од опозицијата што во расправата зеде збор беше поранешниот премиер, а сега пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој говорот го почна со заклучок дека „по утрото се познава денот“ зашто, како што рече, „со чин што личи на државен удар се назначи претседател на Собранието“.
Тој обвини за лоша економија, скандалозна надворешна политика и десетмесечно владеење без ниедна реформа. – Демагогија е кога 22 отсто работоспособни бараат работа и кога нема ни странски, ни домашни инвеститори, а оваа влада се труди да објасни дека заштедила на патни трошоци. За разлика од нас, оваа влада само филозофира за економија. Наместо со нови конкретни иницијативи, се занимава со маргинални прашања и е посветена исклучиво на прашањето за смена на името на државата со спуштени преговарачки позиции како никогаш досега… Ова е трчи-лажи влада што секому му ветуваше што сака да чуе. Влада што верува и се надева дека на следните избори меѓународната заедница ќе ѝ излегализира нов изборен криминал затоа што ќе ги распродадат националните интереси – рече Груевски. На неговата изјава и на сѐ што беше кажано претходно, во своето обраќање на крајот од расправата реплицираше премиерот Зоран Заев, кој му порача на Груевски дека е минато за Македонија.
– Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Наследивме тотален колапс, долг од 280 милиони евра, последици од владеење што биле закани по системот на институциите. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе нанесат штета врз буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенерира во самите институции. Тоа мора сами да го направиме. Низ тешките премрежиња се создаде парламентарно мнозинство, кое вети дека донесе реформи. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратегиските интереси на граѓаните и државата, тоа се ЕУ и НАТО. Оваа можност беше прифатена и од опозицијата – рече Заев, во говорот пред гласањето.