Фото: Игор Бансколиев

Владата го задолжила Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување 80 милиони денари од тековната буџетска резерва, односно од ставката – функции на државата од буџетот на Министерството, кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања на Собранието како овластен предлагач на референдумот за спогодбата за името со Грција

Средствата во износ од 80 милиони денари, кои Владата ги обезбеди за Собранието за кампања за референдумот, се за пратениците и за политичките субјекти што се избрани на последните парламентарни избори, истакна вчера на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Тој појасни дека Владата донела одлука со која го задолжила Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување 80 милиони денари од тековната буџетска резерва, односно од ставката – функции на државата од буџетот на Министерството, кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања на Собранието како овластен предлагач на референдумот за спогодбата за името со Грција.

Овие средства, истакна Бошњаковски, се од ставка од тековниот буџет и, како што нагласи, нема потреба за ребаланс на буџетот. Кога ќе бидат префрлени парите на Собранието сѐ уште нема информации. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие, како што кажа портпаролот на Владата, ќе бидат вратени во буџетот на Република Македонија.

Исто така, на прес-конференцијата тој посочи дека овие средства ќе бидат наменети за медиумски закуп за сите медиуми што поднеле медиумски ценовник до Државната изборна комисија. Бошњаковски притоа истакна дека Владата ја поништила одлуката донесена на 83-та седница, со која ги задолжи министерствата и државните органи да предвидат средства за оваа намена. Тој истакна дека овие 80 милиони денари не се од министерствата и дека ниту едно министерство нема да даде пари за оваа намена, туку дека се работи за средства од буџетот. П.Р.


Владата ќе потроши 400 илјади денари

Објаснувајќи како ќе се одвива владината кампања, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, меѓу другото, кажа и дека за комуникација преку социјалните медиуми, односно Фејсбук, Инстаграм и Твитер, Фликр и Јутјуб, Владата ќе одвои средства во висина од 400 илјади денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата, додека другите активности ќе се реализираат во рамките на редовните владини активности. Меѓу другото, предвидени се и теренски посети, неформални средби со граѓаните, состаноци, гостувања и учества на јавни настапи. Кампањата, според Бошњаковски, се очекува да се интензивира во следните две недели.
На новинарско прашање дали можеби Владата влегува во навивачка кампања за референдумот, Бошњаковски одговори дека тие ја спроведуваат својата програма, која ги опфаќа стратегиските цели на Република Македонија за влез во ЕУ и НАТО и тоа ќе биде суштината на оваа владина кампања.
– Да, ќе ги повикаме граѓаните да гласаат на референдумот – рече Бошњаковски, истакнувајќи дека влезот во ЕУ и во НАТО е стратегиска цел на сите досегашни влади и политички гарнитури во земјата во изминатите 27 години.
Бошњаковски кажа дека Владата ќе спроведе кампања за референдумот базирана на принципите на објективност, транспарентност и рационалност и дека ќе ги повика граѓаните да излезат и да се изјаснат на референдумот за името на 30 септември.
Во однос на ставовите на Венецијанската комисија за референдумско претставување, портпаролот на Владата рече дека ги зеле предвид сите препораки на комисијата, но дека тие сепак треба да се прочитаат поубаво, бидејќи голем дел од нив се однесува на известувањето на јавните сервиси.