Само краток поглед на собранискиот сајт остава впечаток како Собранието да е во своевидна предизборна хибернација, иако до најавеното распуштање на парламентот за предвремените избори има уште три месеци. Од друга страна, редица закони, кои чекаат на ред, беа претставувани како реформски и итни за евроинтеграциите. Тука, секако, се и очекувањата на граѓаните за промени во изборното законодавство, но и носењето законски акти во насока на подобрување на животот и стандардот на населението. Во моментов сево ова како да е ставено на стендбај
Ако се отвори веб-страницата на македонското собрание, главниот впечаток е дека веќе подолго време доминираат информации за одредени протоколарни средби и посети во парламентот, и пригодни честитки за одбележување на некој светски ден или празник. На пример, во петокот на 22 ноември, на почетната страница на собранискиот веб-сајт беа насловите: „Обраќање на претседателот Џафери по повод културно-научната манифестација ’Денови на азбуката‘“ (албанската азбука), па „Академија во чест на американскиот претседател Вудро Вилсон“ и „100-годишнина од Парискиот мировен договор“… Во делот на сајтот за одржани и закажани пленарни седници, забележано е дека последната пленарна седница е одржана на 12 ноември, а нова не е закажана… Овој краток поглед на собранискиот сајт остава впечаток како Собранието да е во своевидна предизборна хибернација, иако до најавеното распуштање на парламентот за предвремените избори има уште три месеци. Токму поврзано со изборите, од Собранието се очекува да ги донесе измените на Изборниот законик, а постои и пратеничка иницијатива за менување на изборниот модел со една изборна единица и отворени листи… Понатаму, иако влегоа во собраниска процедура со европско знаменце, т.е. за забрзана постапка, веќе со месеци не се споменуваат законот за јавно обвинителство и законот за попис (кој најверојатно ќе биде одложен поради совпаѓање со изборите)… Во голема мера овие закони беа претставувани како реформски и итни за евроинтеграциите.
Се разбира тука се и редица други реформски активности и законски акти, кои ги очекуваат граѓаните и ќе бидат во насока на подобрување на животот и стандардот на населението.
Впечатокот за сведување на Собранието на вршење протоколарна активност, делумно може да се толкува и како своевиден ефект од дебаклот со недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, но познавачите на работата на парламентот наведуваат и неколку други причини.
– Досега било практика предизборно да се забрза работата на Собранието до распишување на изборите, но се чини дека овој пат се случува поинаков процес. Причините за создавање на тој впечаток се должи на тоа дека не се одржуваат често пленарни седници. Но за тоа може да биде причина што има измени во собраниското работење, т.е. во начинот на носење на законите, каде што акцентот се става на работата на комисиите. Во комисиите се водат главните расправи за законите, а ако се добро обработени, на пленарните седници можат да се донесат и повеќе закони одеднаш – вели Александар Новаковски, поранешен генерален секретар на Собранието.
Сепак, Новаковски наведува дека освен тоа што акцентот при носење на законите е ставен на работата на собраниските комисии, што создава „привид“ за пленарна неактивност на Собранието, сепак постојат и објективни причини за таквиот впечаток. Една од тие причини е и своевидната блокада за изгласување на текстовите на законите во комисиите, предизвикана од „неажурноста“ на одредени претседатели на комисиите. Многу често, причина за неактивност на Собранието е неусогласеноста на политичките партии за клучните законски текстови, поради што не може да се постигне мнозинство за изгласување, а уште потешко ако станува збор за закон што треба да биде изгласан со двотретинско мнозинство. Сепак и покрај сите собраниски тактики на партиите во однос на изгласување одредени закони, не може да се избегне констатацијата дека пратениците ретко самите предлагаат закони.
– Впечатокот е дека пратениците, кои покрај Владата, исто така се овластени предлагачи на закони, многу ретко го користат тоа свое право, што секако не е добро за парламентаризмот. Порано, кога јас бев генерален секретар на Собранието, имаше многу законски предлози од пратениците. Можеби на сегашниве пратеници им се одбиваат предлозите уште во комисиите, или немаат поддршка. Бидејќи за изготвување добар законски текст многу е важна улогата на секторот за анализа од стручните служби на Собранието, а не знам дали пратениците доволно ги користат – вели Александар Новаковски.
Врз основа на согледувањата на актуелното расположение на македонската политичка сцена, политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека Собранието сепак ќе има уште еден напор за носење пакет реформски закони.
– Ценам дека пред распуштањето за предвремените избори, Собранието ќе направи уште еден напор за изгласување пакет реформски закони. Мислам дека тоа ќе се случи во периодот на пленарната расправа за изгласување на буџетот (до крајот на годината тоа е единствената сериозна причина за одржување пленарна седница) и тогаш во пакет може да се изгласаат и реформските закони, пред сѐ законот за јавно обвинителство. И тоа мора да се направи брзо, со блицкриг, зашто веќе се заострени партиските кланови пред изборите – смета Петар Арсовски.