Парламентарното мнозинство не го прифати барањето на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, дневниот ред на вчерашната собраниска седница да биде дополнет со нивниот предлог-закон за амнестија на лицата обвинети, осомничени и осудени за собраниските настани од 27 април.
Со поддршката за законот, како што кажа Мицевски, власта ќе покаже дека намерата е навистина да се работи во насока на помирување, а сѐ друго, како што рече, би било политикантство.
Сепак, пратениците со 50 гласа против, го одбија предлогот, по што Мицевски потсети дека тој по скратена постапка е доставен пред неколку дена, а дека, како што рече, спротивно на законските прописи, собранискиот спикер Талат Џафери не го предложил за дневниот ред на вчерашната седница.
– Сведоци сме дека седум, осум закони поминаа по скратена постапка денеска, иако информациите за нив ги добивме предмалку – реагира Мицевски. П.Р.