Осветувањето на храмот во Скопје е извршено по повод 1.150-годишнината од раѓањето на патронот свети Климент Охридски, на 12 август 1990 година, во времето на архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил
Архиепископскиот соборен храм во Скопје, „Свети Климент Охридски“, веќе 30 години е историски симбол на македонската црковна и државна самостојност. Неговата градба почнува пет години по прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, а е осветен една година пред прогласувањето на македонската независност. Храмот посветен на патронот на МПЦ, свети Климент, е своевидно архитектонско здание за тоа време, уникатна градба, која станува симбол на македонската црковна и државна самостојност.
Осветувањето на храмот е извршено по повод 1.150-годишнината од раѓањето на патронот свети Климент Охридски, на 12 август 1990 година, во времето на архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил.
Камен-темелникот е поставен на 23 април 1972 година, по проект на архитектот Славко Брезоски. Црквата е од тип ротонда, само од куполи и лакови, под кои е опфатена површина од околу илјада квадратни метри. На тој простор може да се соберат речиси 6.000 верници.
Отец Сашо, свештеник од Соборниот храм, вели дека изградбата на оваа црква и нејзиното осветување се од големо значење, особено во тој период, на почетокот на 1990-тите години кога се создавала македонската држава.
– Така, свети Климент Охридски ни стана патрон на државата, на нацијата – посочува отецот.
По овој повод, во Соборниот храм денеска ќе се одржи свечена литургија.
Тогашниот архиепископ г.г. Гаврил на свечената академија, која била одржана по повод осветувањето на храмот, пред 30 години посочил дека светата охридска црква што ни останала како скапоцено наследство од великиот архијереј свети Климент одолеала повеќе од 10 века и за тоа време ништо не можело да ја уништи, ниту некој ќе можел да ја уништи.
– Затоа залудни се сите негирања за нашето егзистирање, иако повеќе од едно столетие некои од браќата по крв и по вера сѐ поинтензивно се натпреваруваа за да нѐ убедат во тоа дека ние не сме она што сме, туку дека припаѓаме на некое друго братство. Меѓутоа неоспорен е историскиот факт дека тогаш уште во 10 век имавме своја држава, имавме своја независна црква. Па, и сега ја имаме. Но уште понепобитна аргументација за нашата кауза е токму нашата архиепископија, која како што гледате и денес живее. И ќе живее вечно. Па, ете, тоа е поводот, тоа е причината што му изградивме храм посветен на свети Климента поради неговото преголемо и презначајно дело за нас, за нашиот род, за Македонците, за Македонија, за Македонската православна црква. Од тоа име ве поздравуваме и ве молиме, дојдете утре на овој свет чин, оти утрешниот ден за нас е како историја голема. Тоа е нова пресвртница во животот наш, а верувам дека сите си ја сакате црквата, зашто сите помогнавте да ја изградиме – изјавил тогаш архиепископот Гаврил.
Осветувањето на Соборниот храм во Скопје, тогашниот митрополит повардарски, а подоцна и архиепископот на МПЦ, г. Михаил го прогласи за македонски вознес.
– Оваа манифестација сенародна се нарекува „македонски вознес“, поубаво име, поубав наслов, назив за оваа златна круна на земјата не можело да има. Македонски вознес, македонско бдение, македонско неспиење, чување на оваа убавица наша. Како ќе се вознесуваме, како ќе се издигнуваме, па зарем ова вечерва, ноќва не е издигнување? Со духот сме дигнати во небесата, другаруваме со сите оние што се бореле за Македонија, со сите оние што ги дале своите животи за неа, со сите оние од нашиот род што светлееле со Христа и се просветиле. Се издигаме кон свети Клемент наш златен кому ќе му биде утре посветена оваа прекрасна црква наша – посочил тогаш г. Михаил.
Инаку, главната црква во Соборниот храм му е посветена на свети Климент Охридски, а долната црква на света Богородица. Од капелите, едната им е посветена на царот Константин и на царицата Елена, а другата на светиот маченик Мина. Кога ќе се влезе во внатрешноста на црквата, особено внимание привлекува иконостасот што е направен од дабово дрво. Основен мотив на резбата е флората – лозови листови, афионови булки и желади.
Во дворот на Соборниот храм на 12 август 2007 г. бил поставен споменикот на архиепископот господин господин Доситеј, првиот поглавар на возобновената Македонска православна црква. Споменикот е висок околу два метра, а архиепископот Доситеј е претставен во природна големина.
Фонтаната пред црквата е подарок од Исламската верска заедница.