Премиерот Заев им ги врачи мандатните писма на министрите
Мора да им служиме на сите граѓани. Како министри и министерки слушајте го гласот на граѓанинот како прецизна насока која доаѓа од највисоко ниво и од која нема отстапување, кажа премиерот Зоран Заев при денешното врачување на мандатните писма на министрите во Владата.
– Граѓаните избраа да продолжиме да ја движиме државата напред. Ни го дадоа нивниот глас и доверба, и ние сме обврзани во четиригодишниот мандат, да им обезбедиме уште поквалитетен живот, каков што би сакале за себе и своите најблиски. Имаме обврска да ги исполниме очекувањата на сите граѓани, а овие мандатни писма се доказ што постојано ќе нѐ потсетува на она на кое сме се обврзале – истакна Заев.
Премиерот порача дека од министрите очекува во извршувањето на нивните должности и во владината програма за работа да се вклучат без задршка и со целосна професионална посветеност. Заев ги задолжи министрите на редовна и отворена комуникација со сите граѓани и засегнати страни во општеството, додавајќи дека принципите важат и за односот кон медиумите.
– Сакам да ја искористам приликата, свечено, но и обврзувачки да ви ги доделам мандатните писма, во кои очекувам од вас одговорно и посветено извршување на должностите и очекувам резултати за чие остварување постојано ќе се проверуваме, а ќе не проверуваат и граѓаните. Да не заборавиме дека сме менливи. И таа менливост да ни биде мисла водилка да им служиме подобро и поефикасно на граѓаните. Во целото ваше делување бидете им пример на тие со кои работите, како и на граѓаните за кои работите – им порача Заев на членовите на новата Влада.