Тоа е директна и логична последица на успехот на теориите на заговор, кои ја релативизираа опасноста од вирусот, го споредуваа со обичен грип, дури и го негираа неговото постоење. Од друга страна, тоа е комплетен крах на комуникацијата на надлежните државни органи со населението, комплетен неуспех да се укаже на реалните ризици, смета проф. д-р Драган Даниловски

ХАЗАРДЕРСКИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ ПОЛИТИКИ ИМ СЕ УДРИЈА ОД ГЛАВА НА НЕКОИ ЕВРОПСКИ ВЛАДИ

Владата на Словенија ги изедначила правилата за граѓаните со стекнат имунитет по преболувањето на коронавирусот со оние што се вакцинирани. Но тоа искуство им се удри од глава. Голем број граѓани на Словенија одлучиле намерно да се заразат со коронавирус, затоа што Владата најавила дека имаат исто право на движење и патување како и оние што се вакцинирани. Eпидемиолозите од Словенија сега се згрозени од ваквата одлука и ги повикуваат граѓаните да престанат со овој руски рулет.
– Секој што намерно ќе се зарази ризикува да добие потежок облик на болеста – рекла епидемиологот Матеја Логар, додавајќи дека Владата треба да ги разгледа ограничувањата, односно да ги смени правилата за патување.
Проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет смета дека е жалосно што одредена група граѓани се решаваат на таков, како што вели, хазардерски потег.
– Мислам дека тоа е директна и логична последица на успехот на теориите на заговор, кои ја релативизираа опасноста од вирусот, го споредуваа со обичен грип, дури и го негираа неговото постоење. Од друга страна, тоа е комплетен крах на комуникацијата на надлежните државни органи со населението, комплетен неуспех да се укаже на реалните ризици – вели Даниловски.
Според него, дополнителен фаворизирачки фактор е несреќната одлука на властите да се третираат еднакво прележаните и вакцинираните.

– Во услови на објективен недостиг од вакцини и истовремено постоење на трескавична желба да се спасат од изолацијa, ете, сведоци сме, одредена категорија граѓани се решаваат и на таков хазардерски потег. Ова е жалосно – оценува Даниловски.
На опасноста од намерно изложување предупреди и инфектологот Томаш Зовко од Универзитетскиот медицински центар во Љубљана.
– Сѐ уште не знаеме многу за оваа болест. Непредвидлива е и не знаеме кои се долгорочните последици, особено за младите пациенти. Токму поради оваа причина, многу посигурно е да се почекаат вакцините и на тој начин да се стекне имунитет – рекол инфектологот.
Неодамна, поради смирувањето на епидемиолошката ситуација по 11-дневниот карантин, Владата укина многу од претходно воведените мерки. Меѓу другото беше укинат полицискиот час, кој беше во сила 174 дена. Властите оцениле дека со оглед на добрата соработка со граѓаните за време на последното затворање, треба да ги отворат границите на статистичките региони во државата.