Договорите што државата ги ратификувала во својот парламент ѝ наметнуваат обврска на секоја власт во иднина да го почитува потпишаното, оти во спротивно го прекршува меѓународното право, што би можело да доведе и до реперкусии врз државата. Сепак, и покрај сѐ, некои моќни земји, како и оние држави што се под нивниот „чадор“, го прават тоа. Македонија не е моќна држава да си дозволува луксуз и поигрување со меѓународното право како што тоа го правеа и го прават Грција или Бугарија
на пример
ПРЕКРШУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИТЕ ДОГОВОРИ – ЛУКСУЗ ШТО МОЖЕ ДА СИ ГО ДОЗВОЛАТ ПОСИЛНИТЕ ДРЖАВИ
Меѓународното право е стриктно и јасно, така што кој било потпишан договор државата мора доследно да го почитува и исполнува, бидејќи тоа зборува за нејзиниот кредибилитет како меѓународен партнер.
Договорите што државата ги ратификувала во својот парламент ѝ наметнуваат обврска на секоја власт во иднина да го почитува потпишаното, оти во спротивно го прекршува меѓународното право, што би можело да доведе и до одредени реперкусии во однос на државата.
Македонија не е моќна држава да си дозволува поигрување со меѓународното право, како што тоа го правеше Грција, а се обидува да го прави и Бугарија. Токму почитувањето и спроведувањето на она што го прифатила како меѓународна обврска ја етаблираат секоја држава како доверлив партнер со кој може да се склучуваат договори во иднина.
Последната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека тој нема да го почитува Договорот со Бугарија ја отвора и дилемата до каде може да се оди со евентуалното преиспитување, оспорување или негација на нешто што е веќе потпишано како правен акт од страна на државата и како би се спровело тоа.
– Мојата порака и до Радев и до бугарската влада е дека овој едностран договор, потпишан од политички бегалец, како Зоран Заев, новата влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го почитува. Затоа што ниту учествува ниту знае каков е. Треба да знаат дека немаме намера да го почитуваме – порача Мицкоски.
Слични изјави кај нас изминатите 30 години даваа многу политичари заради разни дневнополитички потреби, но, во принцип, Македонија стриктно се придржуваше и ниту еднаш не го прекрши меѓународното право и остануваше на договореното, без оглед кој и да беше на власт. Најсвежиот пример индиректно е поврзан со еден меѓународен договор, во случајот со Преспанскиот, врз основа на кој беа направени и измени во внатрешните правни акти, односно Уставот, во врска со промената на името на нашата држава. Да потсетиме, се работи за потпишувањето на свечените изјави на советниците во неколку македонски општини со старото име на државата, кои во согласност со законите мораше да бидат поништени и повторени со новото уставно име. Тоа само потврди дека државата, без оглед на внатрешниот отпор, сепак ги почитува и исполнува меѓународните договори, врз основа на кои се менуваат и внатрешното право и акти.
Правните експерти категорични – договорите мора да се почитуваат
Правните експерти се категорични дека меѓународното право мора да се почитува од сите, без оглед кој го потпишал договорот.
– Ние имаме 11 темелни вредности во Уставот, во кои велиме дека имаме обврска за почитување на меѓународното право, особено на оние договори што Македонија ги склучила, но и за преостанатите доколку се во делот на меѓународни организации во кои и ние сме членка, како Советот на Европа, Обединети нации и слично. Значи, ние имаме обврска и во Уставот, но и како независна држава како членка на меѓународни организации да ги почитуваме сите меѓународни договори што сме ги ратификувале и кои се прифатени од тие меѓународни организации каде што членуваме – вели универзитетската професорка по уставно право и политички систем Тања Каракамишева.
Според неа, секоја власт во државата е должна да ги почитува меѓународните договори.
– Работата е како ќе се сфатат ваквите изјави, како политичка или како правна изјава. Ако се сфати како политичка изјава, тогаш може да се каже дека тој договор со Бугарија нема да се почитува, но правото вели друго, дека сè што Македонија склучила како договор е обврзана да го почитува, освен ако не поведе постапка за негово евентуално менување или раскинување – појаснува Каракамишева.
Таа додава дека без оглед што две држави потпишале меѓународен договор, некоја наредна власт во иднина може да побара постапка за изменување на тој договор или евентуално раскинување.
– Додека договорот важи и е во правна сила, во согласност со правото, тој ќе мора да се почитува од сите, колку и да не ни се допаѓа. Ако се најдат механизми преку кои двете страни потписнички на тој договор би се согласиле да направат измени, во тој случај ќе може да се оди на негова ревизија – нагласува професорката Каракамишева.
Во иднина, крупните меѓународни прашања да бидат заеднички координирани, во интерес на државата и на граѓаните
За да не се доведува државата во ваква ситуација, најдобро е политичките субјекти во земјава секогаш кога станува збор за крупни меѓународни прашања да бидат координирани и заеднички да работат на решенија што би биле во интерес на државата и на граѓаните. Тоа подразбира вклученост на сите политички субјекти од власта и опозицијата во целиот процес, нивна конструктивност и посветеност на суштината на тој договор, односно каква бенефиција би добила државата од него, а не партијата. Тоа несомнено ќе овозможи во иднина никој да не го доведува под знак прашалник почитувањето на меѓународните договори потпишани од која било власт и да најавува дека нема да ги почитува, како што претходно беше случајот со Преспанската спогодба.
– Секоја опозиција мора да бара да биде вклучена кога станува збор за стратегиски прашања од интерес на државата и ниту една власт не може да ја исклучи од тие процеси. Опозицијата обично самата се исклучува, а потоа се жали дека не била вклучена. Треба заеднички да се работи, наместо да се бламира државата со ваквото однесување – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Тој, како добар познавач на меѓународните односи, појаснува дека сите работи со меѓународното право се точно и прецизно регулирани и давањето изјави од типот дека нема да се почитуваат договорите остава лош впечаток за самата држава.
– За секој договор што е ратификуван заемно важат истите правила и тоа мора да се почитува, а волунтаристичките изјави за непочитување на договореното се несериозни. Државата има свои постулати, кои треба да се почитуваат и уважуваат. Тука се и меѓународните институции што тоа го санкционираат на некаков начин, Меѓународниот суд на правдата, Обединетите нации, така што не треба тие изјави да се земаат здраво за готово, тие само внесуваат паника, претставуваат лош знак за граѓаните и создаваат впечаток дека во таа држава нема ред и поредок – истакнува Јањатов.