Неексплодираните експлозивни направи наследени од битките, кои низ историјата се воделе на овие простори, сѐ уште се закопани насекаде низ територијата на Македонија што претставува сериозна закана за безбедноста на граѓаните и, воопшто, за животната средина
Има ли опасност по безбедноста на нашите граѓани од неексплодираните експлозивни направи наследени од битките, кои низ историјата се воделе на овие простори. Оваа дилема е актуелна во домашната јавност откога неодамна, во близината на фудбалското игралиште во битолското село Долно Оризари, при изведувањето градежни работи, биле пронајдени три неактивирани рачни бомби, кои потекнуваат од Првата светска војна.
Според информации од МВР, веднаш по пријавата, бомбите биле безбедно подигнати од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување. Претходно, полицијата регистрира сличен случај во Вевчани, каде што при чистење одводен канал, биле пронајдени рачна бомба и муниција што датираат од Втората светска војна. На почетокот од годината, пак, во кумановската полиција било пријавено дека на улицата 11 Октомври, при извршување градежни работи, била пронајдена рачна бомба од Втората светска војна.
Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме велат дека заканите од неексплодирани направи од војните во минатото сѐ уште се реална закана за граѓаните.
Драгољуб Поповски од Дирекцијата за заштита и спасување оценува дека ваквите експлозивни материјали, иако стари еден век, воопшто не се безопасни зашто експлозивот нема рок на траење.
– Најголема е опасноста во лето кога има опасност од пожари при што можат да настанат експлозии од заостанатите средства, но и при градежни работи со удар во запалките на артилериските гранати. Една експлозија може да има радиус и до 150 метри – вели тој.
Опасност демне и од неексплодирани средства останати од конфликтот во 2001 година. Од овој период, најмногу заостанати експлозиви се наоѓаат во струшкиот, тетовскиот и во кумановскиот регион, како и во појасот кон албанската граница.
– Тие се опасни бидејќи станува збор за сосема нови смртоносни средства, кои можат во секој момент да експлодираат.
По акцијата што беше спроведена за собирање и уништување на тоа оружје, се случува луѓето што не ги предадоа сите, а денес се плашат да ги чуваат дома, заедно со сметот да ги стават во контејнер или да ги фрлат во некоја меѓа, грмушка, покрај пат… – вели пиротехничарот.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, пак, оценува дека очигледно во Македонија треба да се издигне свеста за ова прашање.
– Заштитата на населението од овој вид закани, очигледно, е проблем, па оттука чистењето на просторот од експлозиви треба да биде еден од приоритетите на идната влада, која ако најде сенс за тоа, може трајно да ја зголеми безбедноста на сите нас, особено на оние чии живеалишта се лоцирани по должината на фронтовите од светските и на локалните војни – резимира Стефаноски.