АМЕРИКАНСКАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ГИ КРИТИКУВА ТРОМАВОСТА И КОЛЕБЛИВОСТА НА ЕУ

Официјален Вашингтон сѐ погласно ги критикува европското колебање и тромавоста во однос на евроинтеграцијата на Балканот, вклучувајќи и на Македонија, при што се укажува и на фактот дека ЕУ практично ништо не работи и не придонесува за регионот туку само вергла во место

САД сметаат дека состојбата статус кво на Балканот не е одржлива и дека нивната цел е насочена кон изградба на стабилен, безбеден и просперитетен Западен Балкан.
Оваа порака ја објави на Твитер американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, делумно парафразирајќи го неодамнешниот говор на американскиот заменик-државен секретар Метју Палмер.

– Политичките лидери мораат да ги остават настрана националистичката реторика и историскиот ревизионизам – пишува Скот.
Ваквите изјави доаѓаат во време кога ЕУ одолжува со доделување датум за почеток на преговорите за членство со Македонија, нешто што претходно и го ветуваа европските лидери доколку се реши деценискиот спор за името со Грција.
Сега, кога повеќе не постои спор, приоритет им се дава на внатрешните реформи на Унијата, на сметка на проширувањето, иако давањето датум за почеток на пристапните преговори не значи по автоматизам членство, туку макотрпно преговарање и усогласување со европското законодавство, што може да потрае меѓу пет и 10 години, што е сосема доволно време Унијата да се реформира.
Во таа насока и домашните и странските аналитичари се едногласни во ставовите дека постои разлика од најобично доделување датум до полноправно членство и Унијата таа разлика мора да ја знае и така да се однесува, наместо постојано да бара изговори и да применува двојни стандарди.

Со отворените критики и пораки што доаѓаат од Вашингтон и се упатени на адреса на Европската Унија всушност САД укажуваат на тромавоста на ЕУ, на двојните аршини што Брисел ги применува кон Балканот и Македонија, но истовремено и на фактот дека ЕУ практично ништо не работи и не придонесува за регионот туку само вергла во место.
– Неодамнешното историско помирување меѓу Грција и Северна Македонија покажува дека храбрите и прогресивни лидери можат да ги остават настрана штетните спорови зад себе – порача американскиот заменик-државен секретар Палмер.

Неминовно се поставува прашањето дали токму европската нерешителност околу датумот за Македонија, расправата што треба да се чека во германскиот Бундестаг, но и француската колебливост, ги враќа Американците на главната сцена на Западен Балкан, кои сметаат дека решавањето на спорот со Грција треба да биде наградено и да претставува мотивација за конечно постигнување договор меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите. Истовремено, официјален Вашингтон е свесен дека затворената врата од ЕУ по огромната жртва што ја направи Македонија целосно ќе ги демотивира лидерите од соседството и на некој начин отворено му порачува на Брисел да не создава дополнителни проблеми и да отвора можности за други влијанија на овие простори, кои за Американците не се посакувани.

– Кинеските економски интереси во регионот се познати. Русија е видливо поактивна во Србија, но традиционално е заинтересирана за Балканот – за нас, за Бугарија, Грција и Босна. Европа не смее дополнително да ја засилува прераспределбата на влијанието во регионот – истакна неодамна и премиерот Зоран Заев во интервју за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Според аналитичарите, САД никогаш вистински не се повлекле од регионот и голема улога одиграле и во последните случувања во Македонија, но сега се подготвени да тргнат во конечно решавање на клучните проблеми на Балканот.

– Изјавата на американскиот амбасадор во Белград само ја потврдува нивната подготвеност што поскоро да ги решат клучните проблеми во нашиот регион. Неоспорно е дека зад договорите со Бугарија и со Грција, како и зад Законот за албанскиот јазик стои Вашингтон, а сите напори за решавање на косовското прашање и жестокиот притисок на кој е изложен Белград, да се бара итен договор со Приштина, само ги потврдуваат овие констатации – вели Ристо Никовски, поранешен амбасадор.
Тој додава дека притисоците кон Белград ќе продолжат и дека прашање на време е кога Србија и Косово ќе потпишат договор.

– Веќе имаме информации дека постои текст-договор меѓу нив и дека е прашање само кога Белград ќе биде присилен да го потпише. Оваа изјава само навестува дека САД го губат трпението, најверојатно, да ја стават БиХ на маса за решавање – нагласува Никовски.

Токму во таа насока, според аналитичарите, треба да се гледаат и пораките дека продолжувањето на статус квото на Балканот веќе не е одржливо и регионот треба што поскоро да се интегрира во ЕУ. Неодамна високи функционери од САД посочија дека, наместо само да се глумат реформи, треба вистински и суштински да се работи за интеграција во европското семејство. Иако некои ваквата порака ја протолкуваа како да е на адреса на земјите од Балканот, очигледно пораката исто толку се однесува и на Европа, нејзините политики кон регионот, но и внатрешните состојби и случувања во Унијата.

Американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот