Фото: Игор Бансколиев

Не треба да се потценат овие воскреснати иницијативи, анализи, размислувања и предлози. Тие не произлегуваат само од албанската интелектуална елита, туку никулците се лоцирани во различни центри на моќ. Очигледно, некој е доволно умешен да согледа дека старите политички концепти се анахрони (освојување територии, поместување граници итн.) и дека треба да се стават на јавен испит новите форми и модели на истата изворна идеја, каде што стратегиските интереси би биле заокружени и исполнети

Кој упорно ги турка иницијативите за сеалбанско обединување во една држава?

Зад завесата на европската сцена се подготвуваат измени на мејнстрим-сценариото за проширување. Ако на отворената сцена јавно и декларативно се бараат нови модуси и критериуми за процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, зад неа се чини дека сѐ позачестено се одвиваат засилени активности во разработка на идеите за создавање услови за политичка кохезија на албанскиот етнички супстрат во регионот. Некако симптоматично, забележливо е дека во последните месец-два, во јавноста зачестено се појавуваат некои „неофицијални“ планови од „непознати автори“, но и од албански интелектуалци, кои заговараат еден вид ребрендирање на проектот „Голема Албанија“, кој повеќе од еден век виси како сенка над Балканот. По нонпејперите од ЕУ-продукција, (кои се сеќавате, иако никој не ги признаваше како постојни, содржеа идеи за менување на границите токму во интерес на големоалбанската идеја), неодамна е објавена колумна на албански интелектуалец, Антон Марку, кој го оценува националниот сон на Албанците од 19 век, со обединување во една државна формација, како нереализирана авантура. Но сепак, рака на срце, Марку не сака да ја дерогира целосно идејата за албанско обединување, ами истакнува дека е потребно нејзино ребрендирање во духот на новата геополитика – под името „идеална Албанија“.

„Голема Албанија“ од 19 век, да се трансформира во „идеална“ за 21 век?!

– Обединувањето на Косово со Албанија, отцепувањето на западниот дел на Македонија и анексијата на неколку мали општини во Црна Гора и јужна Србија, заради создавање на „голема Албанија“ претставува авантура во време кога голем дел од Албанците во Албанија, барем економски и културно, се повеќе заинтересирани да се обединат со Италија или Грција отколку со Косово. Самиот назив „голема Албанија“ е производ на хегемонистичката пропаганда уште од времето на „титославија“, а потоа и на фашизмот – пишува Антон Марку, поет од Албанија, во својата колумна, која ја објавува косовскиот весник „Бота сот“.
Правејќи анализа за постигнатото досега од големоалбанскиот сон, Марку вели дека „по основањето на Албанија требаше речиси еден век да се направи вториот чекор кон остварувањето на ‘националниот сон’, што беше создавањето на државата Косово“.
– Неговото обединување (на Косово) со Албанија би бил трет чекор во ова патување, по што би следувало отцепување на западниот дел на Македонија и анексија на неколку мали општини во Црна Гора и јужна Србија. Во моментов кога и Албанија и Косово се намалуваат според бројот на жители, од таму доаѓаат гласови за проширување на териториите… Приврзаниците на овие авантури, кои личат на осамени војници што силно викаат, може да бидат демобилизирани, но не и деморализирани. Косовските Албанци се обидуваат да наметнат национално обединување, иако сега имаат своја држава. Од друга страна, се добива впечаток дека голем дел од Албанците во Албанија, барем економски и културно, се повеќе заинтересирани да се обединат со Италија или Грција отколку со Косово. На последните парламентарни избори на 24 април, ниту едно движење или политичка партија во Албанија, поврзани со националното обединување, не успеа да освои барем едно место во парламентот – предупредува авторот Марку во својата колумната, откривајќи дека тој се залага за создавање „идеална Албанија“, која „не мора да ги вклучува сите ‘албански територии’, но која во умовите на сите би разбудила чувство дека се грижи за нив и оти ги поддржува, каде и да се и секогаш, не само во рамките на административните линии“.

Незавршените соништа за албанска федерација

Наспроти модерната визија на големоалбанскиот сон, меѓу албанските интелектуалци и понатаму е жива желбата за некаква албанска федерација. Политикологот Садри Реамбаја, исто во своја колумна, истакнува дека во Југоисточна Европа „созреале услови за формирање државна заедница наречен албанска федерација“. Оваа голема држава во своите граници би ги вклучила сите територии на Балканот на кои живеат Албанците, со образложение дека „основната цел за нејзиното формирање е засилувањето на влијанието на ЕУ во регионот, наспроти дејствувањето на Турција“. Оваа федерација, според иницијаторите, би ги заштитувала „културните“ и „едукативните“ вредности на ЕУ и би помогнала во зацврстување на влијанието на Германија, наспроти некои поранешни политики, како онаа на администрацијата на Трамп, која одела на штета на Брисел и на Берлин, со оспорување на независноста на Косово. Во иницијативата, Реамбаја напоменува дека идејата за формирање албанска федерација треба да биде мотив на Албанија, за дејствување во скора иднина, кога земјата ќе стане полноправна политичка и економска членка на ЕУ.

Приспособување на старата идеја кон новите геополитички
поместувања

Универзитетскиот професор Оливер Андонов, ценејќи ги контекстот и времето на појава на овие размислувања и неформални предлози за политичко дејствување во регионот, со главен фокус на големоалбанската идеја, смета дека албанската елита се обидува да ги вклопи старите идеи во новите геополитички поместувања.
– Не треба да се потценат овие анализи, размислувања и предлози што произлегуваат по албанската интелектуална елита во регионот. Очигледно некој е доволно умен да согледа дека старите политички концепти, со освојување територии, поместување граници својствени на големоалбанската идеја, не се добри во контекст на геополитичките поместувања во регионот (и во светот), кои се во тек. И многу брзо се реагира и се преземаат мерки, старата цел (обединување на Албанците) да се преоблече во ново руво, т.е. со менување на задачите, методите на дејствување и инструментите за спроведување, своите стратегиски цели да ги „прилепат“ на новата геостратегија. Прифаќајќи ја проевропската приказна и приклонувањето спрема Грција и Италија, албанската политичка елита работи на тоа, интересите на големите центри на моќ да ги искористи за своите потреби и цели во регионот – вели професорот Оливер Андонов.
Во регионален аспект и во односот спрема Македонија, Андонов проценува дека Албанија прави стратегија за да ѝ парира на Бугарија, користејќи ги позициите во ЕУ. Но тој смета дека во овој очигледно актуелен процес на приспособување на старите национални цели кон новите геополитички движена во регионот, Македонија, за жал, се однесува како да не ги перципира и како да нема капацитет за каква било национална проекција, оставајќи се без потпорен столб пред геополитичките ветришта.