Секаде во светот политичарите се исти, но она што ја прави разликата меѓу нашите и западните политичари е справувањето со одговорноста и моралните вредности. Ако еднаш се направи исклучок во почитувањето на механизмите на одговорност, тогаш се урива целиот концепт. Политичарите мора да даваат пример со своето однесување за другите. За жал, кај нас таква одговорност нема, тврдат експертите
Непостоењето морални механизми во нашето општество ја прави разликата меѓу нашите и западните политичари околу почитувањето на моралните вредности. Многубројните афери не се туѓи во ниту една земја во светот, но тамошните политичари, барем во демократските земји, во моментот кога ќе бидат откриени беспоговорно поднесуваат оставка, без дополнителни објаснувања и обиди да се „извадат“.
Викендов австриската влада ја погоди скандал со контроверзна видеоснимка, во која коалицискиот партнер на канцеларот Себастијан Курц договара нелегален бизнис. Аферата експресно резултира со оставки и закажување предвремени избори во септември.
Кај нас е спротивно. Колку некој скандал, афера или коруптивна зделка ќе станат повидливи, толку станува поголема борбата како тоа да се покрие, оправда, без да се понесе одговорност. Со други зборови, домашните политичари и функционери како да се сраснати за фотелјата од која не можат да се одвојат. Примери за тоа низ годините има многу и на страната на власта и кај опозицијата.
Пред некоја година со месеци одекнуваа бомбите преку медиумите, се слушаа разни афери, но никој не поднесе оставка и не си замина, туку се чекаше до последен момент да се остане на власт. И кога едните ги сменија другите токму поради аферите и немањето морални вредности, како да се повтори целата приказна. Ниту откривањето на серијата афери со непотизам, шверцување цигари, вработување роднини, набавка на психотропни супстанции, не резултираа со нечии оставки, туку следуваа банални објаснувања од типот „и вие правевте така“, итн. Наместо соочување со одговорноста и брзо расчистување на случаите често сме сведоци на барање изговори, релативизирање и префрлање на топката од една на друга институција, додека случајот не се подзаборави.
И така во недоглед.
Експертите сметаат дека не е вината во политичарите, туку во целото општество, кое треба да создаде амбиент во кој несоодветното однесување на секој поединец ќе се најде на удар од сите и под еден таков притисок, тој ќе треба да понесе одговорност за своите постапки.
– Недостига одговорност кај нашите политичари, понесување одговорност за сопствените постапки. Но повеќе би рекол дека недостига одговорност кај граѓаните, недостиг од граѓанска култура. Ако тоа го кренеме на повисок пиедестал, тогаш и самите политичари ќе бидат под поголем притисок токму од општеството да работат одговорно и чесно – вели Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија.
Тој додава дека недоволно образованото гласачко тело придонесува за помалото ниво на одговорност кај оние што се избрани на функција.
– Сите чинители во општеството, од учители до медиуми треба да поттикнуваат на повисоки морални вредности кај граѓаните – истакнува Трошановски.
Професорката Викторија Кафеџиска, пак, смета дека генерално моралните вредности кај нас постојат, но зависат од тоа колку секоја единка ќе ги вклучи во своето работење.
– Ако се почитуваа сите морални вредности, тогаш и нашето општество ќе беше на едно многу повисоко ниво – вели Кафеџиска.
Таа не мисли дека западните политичари се поморални од нашите, туку дека општествените механизми ги прават да бидат поодговорни.
– Не мислам дека западните политичари се поодговорни од нашите. Разликата е во тоа што западните општества изградиле повеќе механизми на одговорност, од пониско, па до повисоко ниво. Токму затоа тамошните политичари мора да ги почитуваат тие механизми. Ако еднаш се направи исклучок во почитувањето на механизмите на одговорност, тогаш се урива целиот концепт – додава Кафеџиска.
Според неа, општеството е тоа што треба да бара одговорност и политичарите мора да го почитуваат тоа.
– Кај нас недостига токму тој механизам на одговорност. Не само кај политичарите, туку кај сите. Разликата е во тоа што политичарите мора да даваат пример со своето однесување за другите. За жал, кај нас таква одговорност нема – нагласува Кафеџиска.