Актуелното македонско државно знаме е усвоено во Собранието во октомври 1995 година. Владата во 2010 година, со одлука на седница, донесе одлука за свечено подигање на нашето знаме пред институциите и оттогаш 15 Мај се одбележува како Ден на македонското знаме, иако овој датум сѐ уште не е означен како официјален државен и национален празник. Според аналитичарите, Македонија треба да воведе свој празник на знамето, со кој ќе ги зацврсти државните позиции пред моменталните напади од надвор врз нашиот национален идентитет и посебност
ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ – 15 МАЈ
Македонија на 15 Мај го одбележува Денот на македонското знаме. Иако овој датум сѐ уште не е означен како официјален државен празник, од 2010 година тој се празнува и одбележува од Македонците низ светот. Знамето, заедно со химната и грбот, е суштествен државен белег на секоја земја и обележје со кое се идентификуваат секој народ и држава.
Универзитетскиот професор Оливер Андонов од Воената академија вели дека иако овој ден сѐ уште не е официјален празник во нашата држава, тој има сосема скромна традиција на празнување.
– Во суштина, Владата во 2010-та, со одлука на седница, воведе практика за свечено подигање на нашето знаме пред институциите. Оваа практика, за жал, поради големиот број политички процеси никогаш не заживеа во доволна мера или, поточно кажано, таа повеќе заживеа на социјалните мрежи и кај граѓаните отколку што чинот некогаш стана и официјален празник во Македонија. Имено, секој празник е условно кажано измислен, освен нормално црковните. Ваква практика има и во САД, каде што на 14 Јули, кој е посебен од Денот на американската независност, се слави нивното знаме. Сите држави што имаат високо чуство на државност воведуваат вакви празници, од земјите во соседството најпрепознатлив е албанскиот ден на знамето, кој дури се празнува и на 28 ноември и во Македонија – вели универзитетскиот професор.
Тој советува дека во овие тешки и турбулентни времиња, Македонија треба да воведе свој ваков празник, со кој ќе си ја бетонира државата пред моменталните напади на нашиот национален интерес во спорот со Бугарија.
Актуелното македонско државно знаме е усвоено во Собранието, во октомври 1995 година. Идејата за знаме на Македонија се јави неколку години претходно, веднаш по осамостојувањето на државата, кога тогашните парламентарци ја навестија промената на поранешното републичко црвено знаме со петокрака.
По независноста, Македонија имаше првобитна верзија на нашето знаме како црвено знаме со 16 краци и сонцето од Вергина-Кутлеш, но по дипломатскиот притисок на Грција и по потпишувањето на Привремената спогодба со соседот, на 5 октомври 1995 и два дена по атентатот врз тогашниот претседател Киро Глигоров, земјата го доби денешно знаме со шест краци, кое е избрано на јавен конкурс, како предлог на академскиот сликар Костадин Танчев-Динка.
Во моментов, актуелното македонско знаме се вее на јарболите пред ОН во Њујорк и во седиштето во Брисел на најмоќната воена алијанса НАТО.
Во изминативе неколку година, во Македонија се поставени голем број високи челични столбови, со осветлување, на кои се распнати големи знамиња, како симболи на државноста. Ги има на секој граничен премин, на главните влезови во градовите, а особено се видливи по својата густина во Скопје. На овие јарболи се обележуваат државните празници и спортските успеси, а во последно време државните знамиња во Македонија се веат и од јарболи и од покривите на повисоките државни и други институции, но и на приватните објекти.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски по повод Денот на македонското знаме истакнува дека турбулентноста на македонската политика и државност досега резултира со неколку верзии на македонскиот највисок национален симбол – знамето.
Според Стефаноски, сепак, сите верзии, особено последната, ја имаат срцевината на државноста на нашата земја.
– Патриотите на нашата држава, во денешните тешки времиња, кога се води битка за егзистенција на нацијата, со гордост го веат нашето знаме на сите спортски, политички, па дури и воени мисии во склоп на НАТО. Овој национален симбол е заедничко обележје на сите оние што живеат во земјата, без исклучок на нивната национална припадност. Знамињата биле главна одлика за непокорот на Македонија во светските војни и во османлиската окупација и тие биле и останале и денес светло на надежта за подобро утре – вели Стефаноски.
Тој се надева дека Македонија ќе ја издржи и оваа тешка битка за националната иднина што ја водиме со Бугарија и во иднина нашето знаме ќе им се приклучи на знамињата од Европската Унија и нашето сонце ќе стане една од новите ѕвезди на знамето на Европската Унија.
Странски знамиња само под македонското
Во Македонија со Уставот е гарантирано правото на национални обележја, а нивната употреба е регулирана и со закон. Но поради честото нарушување на Законот на употребата на националниот симбол на странски држави, особено употребата на албанското знаме, често има и реакции и незадоволство од страна на граѓаните.
– Секое истакнување знамиња на странски држави во Македонија е дозволено, но под одредени протоколи. Тоа се обележја на странски земји кога има спортски манифестации, кога пристигнуваат странски политички делегации, но и кога малцинствата во земјата ги прославуваат нивните празници. Сето тоа е дозволено до оној момент додека не биде нарушен националниот симбол во земјата. Таков пример имаше пред некоја година, кога во Скопје беше истакнато 50-метарско знаме на Албанија за време на празнување празник на соседна држава – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Тој советува дека треба да се донесе закон во земјата или да се изврши промена на актуелниот закон за, кога ќе имаме вакви случувања, покрај истакнувањето на знамето на соседните држави, да биде задолжителна употребата и на македонското сонце или, пак, истите странски знамиња да се веат за нијанса пониско од националното.
Пекевски објаснува дека во САД американското знаме на јарболите стои секогаш повисоко од сите странски знамиња, знамињата на државните институции, па дури и локални знамиња на сојузните држави на Америка.