Владините пораки и слогани од еден друг агол
Какви се симболиката и значењето на бројките во политичките пароли и владините слогани што се употребуваат на домашната политичка сцена?
Некогаш се верувало дека одредени цифри, самостојно или во комбинација со други бројки, привлекуваат богатство и благосостојба. Но има ли навистина нумерологијата влијание (или, пак, сѐ попопуларното верување и постапување „по фенг шуи“), па се верува дека постојат четири бројки што носат исклучително силна симболика, порака и среќа? Можно ли е и политичките слогани и мотиви кај нас да добиваат и таква интересна и невообичаена димензија?
Овие интригантни (и помалку мистични) прашања се актуализираа во јавноста откога премиерот Зоран Заев неделава ја промовира владината агенда насловена „Акција 21“, а во минатото од претходните влади повеќе политички партии практикуваа политички слогани од сличен профил како план 3-6-9, план 18, „Скопје 2014“ и „Преродба во 100 чекори“.
Во меѓувреме свое размислување на темава за „Нова Македонија“ дадоа видни политички аналитичари, пиар-експерти, политиколози и комуниколози.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во својот осврт на состојбите вели дека симболиката со бројките, програмите, но и резултатите на владините политики е поради неколку причини.
– Имено, бројките во сите програми означуваа некој период, во првиот план 3-6-9, бројките беа етапни фази дека ќе се спроведуваат програмите за 3, па за 6, па за девет месеци, планот 18 целеше на исто толку месеци, а најновата владина програма го носи бројот 21 бидејќи се однесува на 2021-та година. Од комуниколошки аспект, бројките се и добра и лоша работа. Добра се бидејќи граѓаните ги меморираат во нивната свест, а истовремено имаат симболика и можат да се „продадат“ или презентираат пред гласачите. Лошата работа во целата слика е што доколку не се исполнат, граѓаните уште повеќе ќе го запаметат слоганот, а сето тоа носи голема штета за оние што раководат со Владата – вели Арсовски.
Тој објаснува дека симболиката од овој профил е тренд во земјата и во светот бидејќи е спој од комуниколошки вредности и од политиколошки актуелни трендови во науката.
Пиар-стратегот и политиколог Синиша Пекевски вели дека генерално гледано вметнатите бројки во владините програми на оваа и на претходната влада се такви бидејќи во себе имаат силна пиар-порака.
– Сето изгледа убаво за око и фино за слушање кај гласачите бидејќи дава впечаток на бајковитост. Но именувањето од овој профил е проблематично бидејќи тоа може да се врати како бумеранг ако не биде имплементирано на „терен“ пред граѓаните. Неисполнувањето на ветувањата дупло се враќа во негативен контекст, па овој обичај што го практикуваат нашите сегашни и минати влади се избегнува во поразвиените држави токму од ризикот што го носат имињата на програмите. Верувам дека политичарите од сите гарнитури треба повеќе да се фокусираат на содржината на нивните документи отколку на формата и името што го носат. Со квалитетни содржини и неименувана стратегија и владина програма е гарант за освојување на власта на наредните избори и во такви околности не треба да се смислуваат фини имиња и прифатливи бројчени фрази – вели Пекевски.
Комуникологот Бојан Кордалов подвлекува дека тој на своите предавања и курсеви што ги одржува, на политичките гарнитури им советува да ги користат бројките во своите документи бидејќи на таков начин пораката лесно се пренесува до аудиториумот, граѓаните ја паметат, а истовремено во неа се вметнува и форма на мерливост или влијание на политиките што се најавуваат.
– Оваа практика со сегашните политики на оваа владејачка гарнитура со стратегиите за планот 3-6-9, планот 18 и последното со „Акција 21“, ја имаше и кај минатата власт кога, на пример, се употребуваа „Обнова во 100 чекори“ и „Скопје 2014“. Сето тоа се врши од иста комуниколошка заднина што истовремено има и негативен контекст. Политичарите треба секогаш да внимаваат во своето испорачување на ветените политики, кои иако лесно се паметат од страна на граѓаните, не толку лесно се имплементираат во практика. Па еден лош чекор во убаво насловените планови, може многу негативно да се одрази политички на следните избори – резимира Кордалов.
[email protected]