Заев по средбата со Тимерманс
Премиерот Зоран Заев и членовите на македонската делегација, заменик-претседателот во Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска во Брисел имаа средба и со извршниот потпретседател на Европската Комисија Франс Тимерманс.
Премиерот Заев на состанокот изрази благодарност за поддршката на потпретседателот на ЕК Тимерманс за почеток на пристапните разговори со Македонија и додаде дека нашата земја, како и Западен Балкан, се дел од иднината на Европската Унија и дека тоа прашање не трпи одлагање.
Во срдечната и пријателска атмосфера на средбата потпретседателот на ЕК Тимерманс изрази честитки за лидерството и за сѐ што беше направено за напредокот и демократската и реформска трансформација на Македонија во изминатите неколку години и нагласи дека останува цврсто на неговата лична и институционална заложба за почеток на завршниот дел од процесот за членство на Македонија во ЕУ.
Соговорниците на состанокот се согласиле дека во овој процес не треба да има одвојување од Албанија, и дека и Македонија ги исполни сите услови да ги почне преговорите што беше потврдено и во извештаите на ЕК за безусловен старт на преговорите, информираат од владините служби.
На средбата станало збор и за пост-ковид периодот и за поддршката на регионот и на нашата земја во фазата за социо-економско закрепнување, при што потпретседателот на ЕК Тимерманс како посебен успех на Македонија го издвоил лидерството во вложувањата во обновливи извори на енергија што претставува сериозен влог на државата во проектите кои од ЕУ ќе добијат финансиска помош преку Економско инвестицискиот план и ИПА програмата вредна девет милијарди евра грантова помош и дополнителни 20 милијарди поволни кредити за инфраструктурни и други проекти во регионот.