Најмаркантни причини од таканаречениот крупен национален наратив, кои се детектираат како причини за изборниот пораз на владејачките партии во постизборните анализи, се Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Од таквите анализирани причини се извлекуваат и заклучоци со отворени прашања дали е создадена критична маса за преиспитување на легитимитетот (па и легалитетот) за почеток на процес на преиспитување на овие билатерални договори
Локалните избори во светлината на договорите со Грција и со Бугарија
Општата оцена на причините за резултатите од последните локални избори, во кои е доминантно забележлива промена на поддршката на граѓаните во корист на актуелната парламентарна опозиција, е дека тоа во поголема мера се должи на незадоволството од политиката на централно ниво, како на внатрешен, така и на надворешен план. Иако се работи за локални избори, првичните заклучоци на аналитичарите укажуваат дека гласањето имало своевиден плебисцитарен карактер за прашањата од национален интерес. Аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека граѓаните сѐ повеќе се сензибилизирани со постапки и дела со кои се загрозуваат нивните национални колективни и индивидуални интереси, било тоа да е на домашната сцена или, пак, однадвор. Најмаркантни причини од таканаречениот крупен национален наратив, кои се детектираат како причини за изборниот пораз на владејачките партии во постизборните анализи, се Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Од таквите анализирани причини се извлекуваат и заклучоци со отворени прашања дали е создадена критична маса за преиспитување на легитимитетот (па и легалитетот) за почеток на процес на преиспитување на овие билатерални договори.
Загрозена иднината на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство?
Поддржувачите на договорите со Грција и со Бугарија сметаат дека оставката на премиерот, можноста за ново парламентарно мнозинство итн., директно ја загрозува нивната иднина, но и меѓународните позиции на Македонија. Од медиумите во соседните Бугарија и Грција веќе стигнуваат одгласи на загриженост од одредени политичари за понатамошниот третман и посветеност на македонската страна во спроведувањето на договорите, по изразената реакција на локалните избори, односно од отворањето на можноста за промени во Македонија.
– Овој изборен резултат е доволен сигнал за легитимирање на почеток на процес за преиспитување на постапките (особено постреферендумските) и договорите со кои актуелната влада се откажа или загрози многу од македонските национални интереси. Притоа, треба да се има свеста дека за какво било преиспитување на договорите со Грција и со Бугарија, потребни се големо парламентарно мнозинство и национално единство во државата. Секако, тоа би било долготраен процес, во кој не можеме да предвидиме што ќе се случи на меѓународен план. Како можност, на пример, постои опцијата ЕУ да го промени консензуалниот начин на одлучување за прием на нови членки. Во секој случај, пред нас се долгорочни процеси и не треба да се истрчуваме со предвремено спроведување одредби од договорите, за кои во нив е наведено дека треба да се применат дури откако Македонија или ќе ги започне преговорите со ЕУ или ќе стане членка на Унијата. Во меѓувреме, потребно е добро читање на договорите – вели поранешната македонска амбасадорка Мелпомени Корнети, која смета и дека позиции на земјава, во однос на симпатиите кај меѓународните поддржувачи на договорите, не би биле нарушени, токму зашто нивното евентуално преиспитување би било долгорочен процес.
Според Корнети, не е мудра политика да се даде и тоа што не треба и да се даде предвреме. Мудро би било да се направат отстапки тогаш кога мора, но претходно да се преиспитаат сите опции за ублажување на последиците од неизбежноста.
И во Македонија и во Грција примери за локални власти што не го уважуваат Преспанскиот договор
Како прв ефект што предизвика постизборни политички бранувања и реакции во однос на (не)почитувањето на Преспанскиот договор, произлезени од промените во локалната самоуправа, би можел да се наведе случајот со уверенијата на новите општински советници во Штип, на кои фигурира старото уставно име на државата – Република Македонија. Советниците од актуелната победничка опција ги примиле и потпишале уверенијата, додека оние од коалицијата на сегашната централна власт ја напуштиле конститутивната седница на Советот на Општината, со барање да биде почитуван Уставот, односно новото уставно име на државата. Како аргумент на таквото барање се наведува дека каков било општински акт или одлука не може да биде посилен од Уставот, односно меѓународен договор ратификуван во Собранието и имплементиран во Уставот. Од друга страна, своевиден парадоксален аргумент за одржување на старото уставно име на државата во документите на локалната самоуправа може да се пронајде во изговорите на Грција за неспроведувањето на својот (сосема мал) дел од обврските од Преспанскиот договор. Имено, најчест одговор на високите грчки претставници за неменувањето на сообраќајните табли во нивната земја, на кои ќе биде наведено барем новото име на Македонија со географска одредница, е дека „не можат да ги убедат локалните власти да го спроведат тоа“.
Изговорите со неможноста да се влијае на локалните власти се глупава линија на надмудрување на двете страни потписнички на Преспанскиот договор, која повеќе личи на соседи што си крадат од меѓите.
Подобро или погубно за нашата евроинтегративна иднина?
Универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев е дециден во својот став дека раскинувањето на договорите со Грција и Бугарија би се одразило негативно на стекнатите позиции што ги имаме кај меѓународните фактори.
– Македонија, иако е мала, треба да биде достоинствена држава. Непочитувањето на договорите со Грција (па и со Бугарија) би се одразило многу негативно на стекнатите симпатии и позиции што ги имаме кај меѓународните фактори, кои ги поддржаа договорите. А немаме таков луксуз да ги разочараме меѓународните поддржувачи. Преиспитувањето на договорот со Грција би било погубно за нашата евроинтегративна иднина и би значело отворање битки на премногу фронтови. Практично, би значело како да сме се откажале од ЕУ. Што се однесува до договорот со Бугарија, треба да оди по линија на расчистување на односите, во смисла на почитување на она што е потпишано, без проширување и толкување на одредбите. Не треба да се отфрли и опцијата ЕУ да ги започне преговoрите со Македонија и без согласноста на Бугарија – вели Гордан Калајџиев, универзитетски професор на Правниот факултет при УКИМ.
Во врска со отворените можности за промена на власта на централно ниво, произлезени од амбиентот создаден по локалните избори и најавената оставка на премиерот, професорот Калајџиев смета дека значително влијание за поддршка на таквата опција од меѓународната заедница ќе има токму односот спрема двата билатерални договори, особено спрема Преспанскиот.
– Не верувам дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе собере сила и храброст за целосно да ги негира договорите, доколку сака да добие меѓународна поддршка за да ја преземе власта и на централно ниво, по успехот на локалните избори – претпоставува професорот Калајџиев.
Професорот Игор Јанев од Белградскиот универзитет е краток и јасен во својот одговор во врска со Преспанскиот договор.
– Новиот премиер само треба да прати писмо за раскин на Преспанскиот договор до официјална Атина. Дипломатската нота не е предмет на двотретинско гласање, туку само се праќа до другата страна (Грција) дека договорот е раскинат. Само на тој начин ќе се врати достоинството на Македонија и Македонците, а уште поважно за меѓународната заедница е дека токму враќањето во поранешната состојба за неа е единствениот пат за враќање на легалитетот и правдата во меѓународното право – вели Јанев.