Иако третирано како процедурална формалност, се чини дека токму формирањето на ДИК би можело да ги загрози роковите за организирање референдум, на крајот од септември, или почетокот на октомври оваа година, како што за грчките медиуми најави премиерот Зоран Заев
Преспанската спогодба меѓу Македонија и Грција постави многу рокови и интензивна динамика на политички активности, за да се постигне да се исполнат сите преземени обврски. Спогодбата од Нивици, од денот на потпишувањето наиде на дијаметрално спротивставени реакции во јавноста, а една од обврските што (не докрај дефинирано) ги презеде македонската страна е да спроведе референдум за граѓаните на државата да се изјаснат за нејзиното (не)прифаќање.
Според толкувањата од страна на потписниците на договорот, ако референдумот биде неуспешен од повеќе причини, односно граѓаните се изјаснат против него – спогодбата меѓу Македонија и Грција за промена на името и Уставот на нашата земја би била неважечки.
Иако во меѓувреме се преземени активности од страна на Владата на РМ и добиени се „придобивки на стендбај“ (како условениот датум за преговори со ЕУ наредната година, а се очекува и условена покана за членство во НАТО), токму во име на гаранциите дека спогодбата од Нивици ќе биде ратификувана и референдумски легитимирана, проблемите се појавуваат уште на првиот чекор во организацијата на референдумот.
Имено, по оставките на членовите од минатиот состав на Државната изборна комисија, по минатогодишните локални избори, не е конституирано телото што треба да го спроведе гласањето. Иако третирано како процедурална формалност, се чини дека токму формирањето на ДИК би можело да ги загрози роковите за организирање референдум, на крајот од септември или почетокот на октомври оваа година, како што за грчките медиуми најави премиерот Зоран Заев. Тие термини за одржување референдум се оптимални, за да се успее да се создаде временски простор за собраниско изјаснување за резултатите од референдумот и евентуално ратификуваниот договор да се испрати до грчкиот парламент до крајот на годината.
Но цајтнотот започнува уште сега, со формирањето на ДИК. Според законската регулатива за одржување референдум, тој не може да се одржи пред да поминат 60 дена од објавувањето на одлуката за распишување референдум во „Службен весник на РМ“, ниту ако поминат повеќе од 90 дена од распишувањето. Според тоа, оптималниот рок за распишување референдум е 17 јули. Навистина, рокот за формирање ДИК истече уште на 29 јуни годинава, но и понатаму трае неизвесноста колку ќе се доцни со формирањето на комисијата, за што веќе е во тек собраниската процедура.
– Комплицирана постапка за која е потребна целосна согласност од парламентарните групи во Собранието на РМ, за да може успешно да се заврши постапката. Покрај оние фази што веќе ги одминавме, со донесување одлука за објавување конкурс и со завршување на конкурсот, следуваат уште неколку фази што треба внимателно, прецизно и усогласено да се спроведат. Првата фаза е утврдување прочистена листа на кандидати, односно апликанти што ги исполнуваат условите. Тоа треба да го направи Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која е комисија раководена од опозицијата, но која исто така има комплицирано мнозинство во себе. Коалицијата на СДСМ има шест члена во неа, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ исто така има шест члена и еден пратеник е претставник на партијата Беса на Билал Касами – изјави на прес-конференција во Собранието претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кого владејачкото мнозинство го обвинува дека со закочување на процедурите, неговата партија го саботира референдумот, а со тоа и евроинтегративната иднина на Македонија.
Пред неколку дена во ТВ-интервју, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека формирањето на ДИК може да почека до усвојувањето на законот за финансирање политички партии и измени во Изборниот законик. Потоа на протестниот митинг во Струмица, во неделата на 7 јуни, побара и амнестија за обвинетите за настаните на 27 април 2017, што власта го толкуваше како нов услов за формирањето на ДИК.
Сепак, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кога ги повика партиите да ги утврдат кандидатите за Државната изборна комисија за да се исполнат условите за одржување на најавениот референдум за името на крајот на септември и почетокот на октомври, кажа дека амнестијата не е услов за избор на членови на ДИК.
– Амнестијата не е услов за избор на ДИК и идејата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не е поврзана со ДИК. Како претседател на Комисијата за избори и именувања, ценам дека е добро да апелираме до политичките партии, колку што е можно побрзо да се усогласат за сите неопходни постапки, за да не биде притисокот онака каков што е врз Собранието или врз комисијата. Свесен сум за одлуките што ги носам во насока на некакво одложување на целата постапка, ја знам мојата одговорност, но тоа го правам за да оставиме уште малку простор за она што е неопходно во согласност со Изборниот законик – политичко усогласување меѓу партиите. Во првиот момент кога ќе добиеме сигнал од сите политички групации во Собранието дека е можно да се истера целата постапка од почеток докрај, подготвени сме во многу брз период (готови ни се формуларите, направена е процена на кандидатите, подготвени се придружните писма до Собранието, во комуникација сме со претседателот Џафери), со забрзана процедура да ја завршиме целата постапка, за да ги исполниме предусловите што ги налага Изборниот законик – изјави Илија Димовски.