Замрзнатата храна станува сѐ попопуларна меѓу луѓето затоа што во екот на пандемијата многумина започнаа да прават резерви од овие намирници и поради тоа што нивната цена не се менува толку често и не расте како на свежите производи
Кризата со коронавирусот, која владее речиси две години, доведе до прогласување вонредни состојби во многу земји, а во тој период чести се и случаите на панично купување во супермаркетите.
Неколку маркети во Македонија веќе апелираа до потрошувачите да не претеруваат со пазарењето и да не трупаат непотребни резерви. Освен што се создава нервоза кај граѓаните поради вештачкиот недостиг од производи, се загрозува и рамноправното снабдување. Неколку европски држави веќе сведочеа на панично купување, но состојбата во меѓувреме се смири.
Сепак, растот на цените на храната сега повторно ги принудува граѓаните да купуваат намирници во поголеми количества поради стравувања од нови поскапувања.
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека во моментов има доволно храна за сите граѓани и во овој момент сме обезбедени со резерви на основни прехранбени производи.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини во својот осврт на случувањата, за „Нова Македонија“ вели дека сите земји во светот заедно со нашата преземаат редица мерки да ги ублажат последиците на глобалната криза, која ја опфаќа целата планета.
– Никој не е исклучок од овие случувања, а нив, за жал, не може да ги одбегне ниту Македонија. Па оттука сосема е очекувано сето тоа во одредена точка во иднината да се одрази негативно и врз резервите на храна и состојбите во маркетите – вели Хајредини.
Тој нотира дека сепак, иако не може Македонија да дејствува глобално, земјата може да дејствува превентивно и локално и со храна и резерви на храна да се помогнат најранливите категории граѓани.
Тој советува дека на домашните политичари им недостига глобална визија во нивните политики, а сето тоа може да се препознае по нивните изјави, кои имаат демагошки карактер, а не практичен.
– Нашите политичари не зборуваат многу за овие проблеми, а кога зборуваат не даваат практични решенија туку шират демагогија и празен популизам, а сето тоа создава голема забуна кај населението и формира лажна надеж дека претстојните случувања ќе ги минеме без економски последици – вели Хајредини.
Од друга страна, овие состојби, пак, придонесоа и да се промени навиката на потрошувачите во земјата и во регионот, бидејќи замрзнатата храна станува сѐ попопуларна меѓу луѓето затоа што во пандемијата многумина во светот започнаа да прават резерви од смрзнати производи, кои можат подолго време да не се расипат и чија цена не се менува како на свежите производи. Во едно истражување на оваа тема, спроведено во соседна Србија, се истакнува дека младите купувачи на возраст меѓу 18 и 35 години имаат навика повеќе да купуваат замрзнато месо, овошје и зеленчуци пред свежите продукти.
Нутриционистот Ненад Попоски, пак, вели дека прехранбените производи се најхранливи во моментот на бербата, а свежите намирници почнуваат да пропаѓаат веднаш штом се соберат бидејќи земјата и стеблото за нив се главен извор на хранливи материи и енергија. Тој тврди дека замрзнатата храна е здрава, но таа никогаш нема да ја има целосната хранлива вредност како свежите продукти.
– Штом ќе се скинат од гранката на која растат, овошјето и зеленчукот почнуваат да ги трошат сопствените нутриенти и истите тие ги разложуваат за да ги одржат во живот своите клетки, но некои од хранливите материи се особено чувствителни. На пример витаминот Ц, кој му помага на човечкиот организам во апсорпцијата на железото, придонесува за намалување на холестеролот, штити од слободни радикали, особено е чувствителен на воздух и светлина. За разлика од смрзнатата храна каде што нема ваков сооднос – вели тој.
Нутриционистот советува дека здравјето е многу битно во пандемијата и луѓето треба многу да внимаваат како се хранат, колку вежбаат и на кој начин живеат, бидејќи ако се држиме до здравиот живот, ќе имаме поздрав организам и ризикот од штетните последици на вирусот може да се намалат.