Тридецениското искуство на Македонија во настојувањата да се приближи до членството во ЕУ предупредувачки укажува дека токму „неформалните прашања“, кои обично не се на дневен ред, ниту се споменуваат во некакви критериуми, пресудно влијаат врз европската и националната судбина на државава, па логичен е интересот за процена на ситуацијата дали новата затегнатост на односите меѓу важна земја-членка на ЕУ, како Франција, со важни сојузници од НАТО (пред сѐ со САД), ќе се претвори во ново алиби за одложување на проширувањето
Судирот на интереси меѓу Франција и САД како фактор за негативно влијание на политиката за проширување на Унијата
Стратегиската фокусираност на Македонија кон сопствените евроинтеграции во овие триесетина години е исполнета со толку предизвици и контроверзни пресврти, како последица на различни предрасуди, политички амбиции и влијанија од регионалните соседски односи, но и од односите меѓу ЕУ со големите меѓународни фактори, дури и интерните односи меѓу земјите- членки, што македонското искуство покажува дека секоја затегнатост и судир на интереси што допираат некоја земја-членка на Унијата може да се одразат на агендата за проширување.
Ќе продолжи ли голготата кон Унијата со ново
замешателство на Франција
Почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ веќе цела година е блокиран со историско-идентитетски уцени од Бугарија, што всушност е само продолжување на континуитетот на 25-годишното вето на Грција (што резултира со промена на името на државата) и едно шестмесечно вето на Франција, наводно поради внатрешно реформирање на Унијата. Токму затоа, затегнувањето на односите меѓу Франција со САД, Велика Британија и Австралија, поради раскинување на голема трговско-воена зделка (меѓу Франција и Австралија за продажба на подморници од француско производство), предизвикува на внимателност и преиспитување на можностите како тоа би влијаело на односите во ЕУ, особено на агендата за проширување, за што особено е заинтересирана Македонија.
Во Брисел е започната сесијата на состаноци на Советот на Европа. Одржан е првиот формален совет за општи работи на министрите за европски прашања на ЕУ. Иако проширувањето не е на дневен ред, не е исклучено министрите да ја отворат темата доколку оценат дека е потребно, особено во пресрет на лидерскиот самит ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи во Словенија, на 6 октомври. Според дневниот ред, фокусот на овој самит на ЕУ пред сѐ е на пандемијата и вакцинацијата, но, исто така, иако не е формално на дневен ред, не е исклучено земјите-членки да побараат дискусија за трилатералниот воен сојуз помеѓу Австралија, САД и Британија, во кој ЕУ не беше поканета да учествува и предизвика големи тензии со Франција.
Неформалните прашања што не се на дневен ред пресудно влијаат врз
европската и националната судбина на Македонија
Тридецениското искуство на Македонија во настојувањата да се приближи до членството во ЕУ предупредувачки укажува дека токму „неформалните прашања“, кои обично не се на дневен ред, ниту се споменуваат во некакви критериуми, пресудно влијаат врз европската и националната судбина на државата, па логичен е интересот за процена на ситуацијата дали новата затегнатост на односите меѓу важна земја-членка на ЕУ, како Франција, со важни сојузници од НАТО (пред сѐ со САД), ќе се претвори во ново алиби за одложување на проширувањето.
– Франција е една од двете големи т.е. носечки земји на проектот наречен Европска Унија. Секако, големите потреси во нејзината надворешна политика, на невидлив или видлив начин, подоцна или можеби и веднаш ќе се одразат во расположението, односите и политиките на Унијата. Франција има свој круг на (поверни) сојузници во ЕУ, како што и Германија си има свој круг на лојални поддржувачи. Веројатно, Франција ќе бара поддршка кај своите верни поддржувачи во овој воен бизнис-судир на интереси со САД, Австралија и Велика Британија, а останува прашањето колку Германија (со нејзиниот круг на поддржувачи) ќе биде расположена отворено да им се спротивстави на САД. Во секој случај, ЕУ сега повеќе ќе се занимава самата со себе, па реално е да се очекува прашањето за проширувањето да не ѝ биде примарен интерес. Ако досега предизвикот (и изговорот) на ЕУ за одложување на проширувањето беше како да се пререди Унијата, сега тој е издигнат на поалармантно ниво – како да опстане Унијата. Во атмосфера во која преовладуваат „големите експлозии“ во односите меѓу сојузниците, интересот за нешто што и така е оптоварено со голем скептицизам, како проширувањето на ЕУ, ќе биде уште помаргинален – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.
Таа смета дека Македонија треба да престане толку да се оптоварува со членството во ЕУ и целата енергија да ја троши на таа надеж, туку да ги преиспита своите кадровски капацитети и постојните можности да ги насочи во конкретен и реален развој на државата.
Познавачот на политиките и процесите во Европската Унија, Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“, пак, проценува дека несогласувањата во надворешната политика на земјите-членки на ЕУ (дури и најголемите и најважните) не треба и нема да влијаат на принципиелните и декларирани политички приоритети на Унијата.
– Политиката на проширување е во интерес на самата Европска Унија. Без оглед на отвореното или прикриено нерасположение на одредени земји-членки во реализацијата на проширувањето, тоа постојано е во приоритетите на политиката на ЕУ. Не очекувам оваа акутна затегнатост на односите меѓу Франција и сојузниците од НАТО (САД и Велика Британија, заедно со Австралија) да се одрази на декларираните приоритети во политиката на Унијата. Всушност, надворешната политика се гради таму каде што имате заеднички интерес. Ако имате несогласувања на еден сегмент од соработката, не треба да страдаат другите полиња за заеднички интерес. Во тој контекст, и САД и Велика Британија, иако не се членки на Унијата, со своите политики и интерес го поддржуваат проширувањето на Унијата. Сметам дека во поглед на потиснување на интересот за проширување на ЕУ, Македонија засега нема основа за загриженост, но и понатаму останува предизвикот за решавање на билатералниот спор со Бугарија – проценува Марко Трошановски.
Нема да се дерогира ЕУ-политиката на проширување?
Слично размислување во однос на влијанието на надворешниот спор на Франција врз политиката на проширувањето на Унијата има и македонскиот дипломат Ѓорѓи Филипов, кој проценува дека оваа ситуација на дипломатска затегнатост со САД, Австралија и Велика Британија може посериозно да активира некои други идеи во ЕУ, но не и да ја дерогира политиката на проширување.
– Актуелната затегнатост на односите меѓу Франција, како една од моторните земји на ЕУ, со дел од НАТО-сојузниците (кои сепак не се дел од Унијата), не би требало да донесе директна промена во однос на политиката на проширувањето на ЕУ. Всушност, сметам дека веќе се работи на дипломатско амортизирање на затегнатоста. Министрите на ЕУ веќе имаа посебен состанок во Њујорк (во рамките на Генералното собрание на ОН), што, на некој начин, претставува искажување солидарност со Франција. Всушност, Франција е повеќе носител на откажаниот проект, во кој учествуваа и други европски фирми. Притоа, САД, Велика Британија и Австралија молчат, веројатно обидувајќи се да ја амортизираат ситуацијата.
Одредени аналитичари дури сметаат дека ваквиот потег на САД е своевиден одговор за Франција, зашто не беше против реализацијата на Северниот тек на Германија… Можно е оваа ситуација да доведе до поконкретно ангажирање во ЕУ околу идејата за сопствени европски безбедносни сили, односно ЕУ да не се потпира целосно на НАТО. Но не очекувам оваа ситуација да влијае на политиката на Франција во однос на проширувањето, која, впрочем, и така е ригидна. Засега за Македонија, во однос на почетокот на преговорите со ЕУ, најголем предизвик останува решавањето на спорот со Бугарија – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов, кој нагласува дека „проширувањето само може да ја засили ЕУ“.
Како аргумент за заинтересираноста на ЕУ за Западен Балкан, Филипов ја наведува значителната сума во седумгодишниот буџет на ЕУ, наменет за регионот.