Владата ја проширува обврската од алатката за транспарентност на околу 50 органи во состав на министерствата, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, изјави вчера министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски.
– Владата ги задолжи директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, самостојните органи на државната управа, правните лица со јавни овластувања, акционерските друштва во државна сопственост и органите во состав на министерствата, кои се околу 50 на број, а влегуваат во овој втор прстен на проширување на алатката за транспарентност, да ги подготват податоците – објасни Поповски.
Информациите, како што рече Поповски, треба да бидат доставени во текот на јуни, по што ќе бидат објавени на веб-страниците.
– Планот е во иднина оваа алатка да биде проширена на сите буџетски корисници. Тоа значи дека локалната самоуправа и сите носители на функции што можат да трошат пари на граѓаните ќе мора редовно да го објавуваат тоа и да стане практика во Република Македонија – рече Поповски.
Министерот посочи дека првиот извештај на алатката за транспарентност се однесуваше на премиерот, министрите и државните секретари и дека ќе следува и втор извештај, поврзан со оваа група носители на јавни функции, кој ќе го опфати периодот од 1 декември 2017 година до 31 мај 2018 година.