Макрон ми рече дека помалку станува збор за нас, а повеќе за ЕУ, на која ѝ треба време за реформа на пристапниот процес. Но, практично никој не верува во оваа причина. Стравот ни е дека ќе станеме втора Турција, земја која е постојан кандидат за пристапување, изјави претседателот, Стево Пендаровски, во интервју за германскиот весник „Шпигел“, на прашањето како францускиот претседател, Емануел Макрон, го оправдал недоделувањето датум за почеток на преговори.
Пендаровски вели дека недобивањето датум било големо изненадување и шок, пред сè зошто земјата направила нешто уникатно во модерната светска историја и го сменила името.
– Недобивањето датум за преговори беше длабок шок и целосно изненадување за нас. Иако претседателот Макрон најави дека сака да го реформира процесот на пристапување во ЕУ, сите се надеваа дека нема да го блокира почетокот на преговорите со Албанија и мојата земја, Северна Македонија. Тоа беше големо разочарување за нашите граѓани, нашата влада и лично за мене. На крајот на краиштата, ги донесовме сите клучни закони и договори. Пред сè, направивме нешто уникатно во модерната светска историја. За да го решиме спорот за името со Грција, го сменивме нашето државно име од Македонија во Северна Македонија – вели Пендаровски.
На прашањето кои се опасностите доколку ЕУ во иднина стане помалку вклучена во регионот на Западен Балкан и која е опасноста Русија, Турција и Кина да го наполнат вакуумот, македонскиот претседател вели дека ќе се појават други играчи, но дека не сака да именува држави.
– Најпрво, се појавуваат други играчи. Затоа, ЕУ не треба да погреши да нè разбира само како соседски регион. Покрај тоа, другите земји ќе речат, погледнете, Македонците ги исполниле сите услови, го сменија своето државно име и тоа сè уште не им донесе ништо. Тогаш, зошто треба да направиме сериозен напор? Размислувам особено за Србија и Косово и за конфликтот околу признавањето на Косово. Не сакам да именувам држава по име. Но, во светот има центри на моќ кои не се задоволни од проширувањето на НАТО и ЕУ. И во овој контекст, земјите од нашиот регион во неколку наврати беа мета на лажни вести, дезинформации или кампањи за дестабилизација – вели Пендаровски.
На прашањето дали се оправдани сомнежите во Франција, но и во други земји, за дефицит во владеење на правото, особено по апсењето на ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, која е обвинета за корупција, Пендаровски вели дека аферата не е за самата институција СЈО, туку за поединец.
– Аферата не е за самата институција СЈО, туку за нејзиниот поранешен шеф. Да, тоа беше шок за јавноста. Но, нашето судство одговори одговорно на оваа афера и со целосно владеење на правото – вели Пендаровски.
„Шпигел“ потсетува дека Македонија е кандидат за членка на Европската Унија 14 години, што е најдолг период од која било друга земја освен од Турција.