Во текот на денешниот ден, веројатно до вечер Грција ќе ја испрати Вербалната нота до Македонија, јавува дописничката на МИА од Атина. Останати се некои дипломатски детали за нотата од Атина да се испрати за Скопје и тоа треба да се случи набргу.
Според информациите на МИА од Атина, утре, пак, во Брисел, на маргините на Самитот на министрите за одбрана на НАТО, средба ќе одржат Радмила Шекеринска и Евангелос Апостолакис, министрите за одбрана на Македонија и Грција. Не е исклучена можноста, освен што ќе биде средба за запознавање, Апостолакис да и предложи на Шекеринска, токму Грција да ја обучува македонската војска.
Во претседателската палата во Атина денеска се одржа прием во чест на дипломарскиот кор. Вкупно 90 амбасадори и дипломати, меѓу кои и вршителот на должност во Канцеларијата за врски на Р. Македонија во Грција, Лидија Бошковска, беа пречекани и поздравени од претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос и грчкиот премиер Алексис Ципрас.
На приемот, освен дипломатскиот кор и Павлопулос и Ципрас, присутни беа голем број министри од грчката Влада, меѓу кои и алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, министерот за одбрана Евангелос Апостолакис и неговиот заменик, Панајотис Ригас, замениците шефови на грчката дипломатија, Маркос Боларис и Теренс Куик, министерката за цивилна заштита, Олга Геровасили, министерот за поморство, Фотис Кувелис, но и поранешни шефови на дипломатијата и поранешни претседатели на грчкиот парламент.