Во политичкото и дипломатско лобирање за пописот во Македонија се вклучени домашни високи политичари, како шефот на дипломатијата Бујар Османи, вицепремиерот Артан Груби, заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Иљми Селами, но и странски политичари, меѓу кои и кандидатот за косовски премиер Албин Курти. За сите нив прашањето за процентот на Албанци во Македонија е од круцијално значење и настојуваат по секоја цена да го зголемат тој процент. За аналитичарите ваквите постапки се крајно контроверзни, надвор од секоја логика, и само ја потврдуваaт политичката димензија на пописот
ПОЛИТИЧКИ ЛОБИРАЊА И ПРИТИСОК ВРЗ ДИЈАСПОРАТА ЗА ПОПИСОТ ВО МАКЕДОНИЈА
И покрај убедувањата на надлежните дека пописот е чиста статистичка операција потребна за креирање на идните развојни политики на земјата, последните активности на политичарите од албанскиот блок, кои засилено агитираат меѓу дијаспората да се попише, се само потврда дека пописот е далеку од само статистика.
Имено, во моментот кога стана јасно дека одзивот на дијаспората за попишување е многу мал, прекуноќ се ангажираа и шефот на дипломатијата Бујар Османи, вицепремиерот Артан Груби, заменик-директорот на Државниот завод за статистика, Иљми Селами, па дури и високи политичари од Косово, сите со повик до албанската дијаспора да се попише оти „процентот бил важен и од уставен аспект“.
– Бидејќи дури и со сегашниот Устав политичките права на граѓаните во Северна Македонија се диктирани и произлегуваат од бројките, регистрацијата на секој граѓанин е исклучително важна. Ова значи дека во политичката застапеност, капиталните инвестиции, вработувањето, распределбата на буџетот, субвенциите за земјоделците, стипендиите за ученици и студенти, донациите за општините и слично зависат точно од бројот на граѓани на двете државно формирачки заедници на Северна Македонија. Напишете го вашето име таму и кликнете на опцијата: албански – рече меѓу другото кандидатот за косовски премиер Албин Курти, што претставува директно мешање на странски политичар во внатрешните работи на соседна земја.
Македонската јавност со право си го поставува прашањето зошто одеднаш процентот на албанската дијаспора стана толку важен, ако претходно првите луѓе на ДЗС изјавуваа дека дијаспората нема да се брои во категоријата резиденти, туку бројката е важна само за да се знае колку македонски државјани се иселени од земјата.
Потврда дека станува збор за политички интереси и можно замешателство се бројките на попишани изминатите неколку дена, кога одеднаш почнаа да се попишуваат и по 4.000 граѓани дневно, што претходно не беше случај.
Најголем одзив има во Швајцарија и во Германија, каде што традиционално е стационирана албанската дијаспора, но многу помал во Америка, Канада и во Австралија, кои важат за печалбарски дестинации за Македонците. Сепак, последните денови и таму се бележи раст на бројот на попишани, но не доволно.
Прашањето што се наметнува е зошто една статистичка операција прекуноќ се претвори во беспоштедна трка на дијаспората да го докажува процентот и за што ќе се користи тој процент во иднина.
Според последните податоци од ДЗС, досега се попишале нешто над 82 илјади лица во дијаспората, а процесот продолжува до 21 април.
Некои од аналитичарите со кои консултиравме сметаат дека ова што се прави со притисоците врз дијаспората да се попишува само дополнително ја потврдува политичката димензија на пописот.
– Притискањето на политичарите врз дијаспората да се попишуваат ќе се искористи подоцна за борба и докажување во парламентот кој колку население има. Ова што се прави, не личи на ништо. Која е потребата ние да ги бараме луѓето што не се тука подолго од една година, што немаат никаква обврска кон земјава, ниту плаќаат даноци тука, а некои го заборавиле и јазикот. Ова е само фарса во практикувањето и на дипломатијата и на надворешните работи, а вплетувањето на иселениците во домашната политичка сцена продолжува – вели Љупчо Арсовски, дипломат од кариера.
Според него, однесувањето на шефот на дипломатијата Османи и вицепремиерот Груби е надвор сите норми.
– Тоа е надвор од сите норми. Пописот апсолутно, од статистичка, се претвори во политичка операција. Иселениците немаат никаква обврска во земјава, најмалку политичка, без оглед кој и да е на власт. Смешно е да оди министер за надворешни работи да лобира меѓу дијаспората да гласа. Си има помошници, има сектори што водат иселеништво и тие можат да го прават тоа – појаснува Арсовски.
Тој додава дека е непотребно иселениците да се вплетуваат во домашните работи.
– Моја заложба отсекогаш беше иселениците да ги оставиме каде што се, да не ги вплетуваме во домашните прашања. Тие таму живеат, таму си плаќаат даноци, кој има, кој нема државјанство, кој има тука имоти мора да си ги плаќа давачките, и тоа е тоа – констатира Арсовски.
За аналитичарот Синиша Пекевски симптоматично е ваквото вклучување на политичари од земјава за лобирање меѓу дијаспората да се попише.
– Тоа значи дека има нешто тајно што не го знаеме ние.
Тоа покажува дека бројот на лица што не се перманентно таму доведува до намалување или зголемување на одреден етникум тука. А тоа значително води кон зголемување на одредени права, што, пак, води кон политичка состојба во која само ќе тонеме, ќе се поделиме по етникуми, а во суштина ќе немаме леб да јадеме – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, во Македонија нема нешто зад што не стои политика.
– Во моментот кога нема усогласеност помеѓу политичките субјекти во Македонија, пописот станува политичка операција. Во Македонија сè е политика и од статистички попис од кој треба да се добијат информации и податоци поврзани со определени работи, се сведе на сува политика. Тоа е така затоа што кај нас политиката има најголем и единствен влог во сè. Дали ќе се вработиш е политика, дали ќе добиеш субвенции е политика, сè се сведува на политика и сега, кога политиката е најбитниот елемент во сè, нормално е и политичарите да се интересираат за тоа – истакнува Пекевски.
Ковид-19 ги исплаши и попишувачите
Денеска завршува конкурсот што го распиша Државниот завод за статистика на кој се бараат кандидати за попишувачи откако претходно не се пријавија доволен број луѓе.
Ниту хонорарот до 600 евра што го најавуваат надлежните не беше доволен да се исполни предвидената квота од 5.500 попишувачи, па сега, на десет дена пред официјалниот почеток на теренското попишување, недостигаат повеќе од 1.000 луѓе.
Од ДЗС ги уверуваат потенцијалните кандидати дека со доследно почитување на Протоколот за превентивни мерки при спроведување на пописот, нема ризик од заболување, но брзото ширење на британскиот сој ги замислува потенцијалните кандидати за попишувачи.
Покрај тоа, дополнителна дилема има и за краткиот рок за подготовка на попишувачите, кои за помалку од 10 дена треба да ја совладаат и техниката на попишување, но и да ги научат сите протоколи за заштита што треба да ги применуваат во различни ситуации.
– Според одзивот на првиот ден од дополнителниот конкурс, очекуваме дека до сабота (20.3.2021) ќе го имаме потребниот број попишувачи. Периодот што претстои до почнувањето на пописните активности на 1 април е доволен да се изврши квалитетна обука на сите попишувачи – велат за „Нова Македонија“ од ДЗС.
Оттаму уште додаваат дека Протоколот за превентивни мерки за заштита од ковид-19 во текот на подготовките и спроведувањето на Попис 2021 пропишува соодветни заштитни мерки што овозможуваат безбедност за сите учесници во пописните активности.
– Апелираме и до учесниците, но и до целокупното население, строго да се придржуваат кон овие мерки – порачуваат од ДЗС.