Ново кривично дело „попречување на правдата“ и ревидирање на одредбите за криминалот од омраза, неказнување на жртвата од трговија со луѓе и неказнување дете жртва, предвидуваат измените на Кривичниот законик што денеска беа поддржани од Владата.
На редовната седница, Владата ги донесе и измените на Законот за судови и на Законот за Судски совет.
-Измените на Законот за судови се со европско знаме, а произлегуваат од потребата за реформа на судството во Македонија, зацртана во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Измените се во насока на зголемување на независноста, но и подобрување на квалитетот на судството. Предвидува заострени критериуми за избор на судија и редефинирање на основите за разрешување и за утврдување на одговорност на судиите – информираат од Владата.
Основната цел на Предлог-законот за Судски совет е внесување мерливи квалитативни критериуми за оценување на работата на судиите и претседателите на судот на секои две години. Предлог-законот е во согласност со препораките на Венецијанска комисија и на Групата на земји против корупцијата (ГРЕКО), а со него се создава основа за утврдување одговорност на членовите на Судскиот совет.
Новиот предлог-закон предвидува и потранспарентна постапка за избор на членовите на Судскиот совет и судиите, а покрај министерот, право на глас во Судскиот совет ќе нема ниту претседателот на Врховниот суд.
Министрите денеска го прифатија и предлог-законот за извршување санкции кој обезбедува остварување две основни цели: да ја спречи државата и нејзините органи во своето функционирање да применуваат непотребна, претерана, преостра и нецелесообразна присила спрема правните субјекти, и второ, кога се применува присилба, тоа да се прави од страна на надлежни органи во постапка пропишана со закон.