Изборно инфо за вториот круг од локалните избори
В недела, на 31 октомври, во Македонија се одржува вториот круг од локалните избори, при што за избор на градоначалници ќе се гласа во вкупно 44 општини.
Официјално изборниот процес започнува уште в сабота, кога се изјаснуваат болните и немоќните, лицата со ковид-19 и во самоизолација и, според податоците на ДИК, 1.409 затвореници, 266 лица во 13 старски домови и шест внатрешно раселени лица.
Гласањето ќе се повтори во општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа поради недоволен одзив на избирачите, односно немање одзив од најмалку една третина од запишаните избирачи. Собранието треба да распише нови избори за овие две општини.
На гласање во првиот круг од изборите излегле 938.631 граѓанин со право на глас, или 51,44 отсто.
ДИК на секои два часа со свежи информации
ДИК првата прес-конференција ќе ја одржи денеска (сабота) напладне, кога ќе информира за текот на гласањето на болни или немоќни и лица во куќен притвор, гласање на лица во самоизолација и домашен карантин, гласање во КПУ, гласање во старски домови. Истиот ден, во 20 часот, ДИК официјално ќе информира за тоа како поминало саботното гласање.
В недела, гласачките места се отвораат во 7 часот наутро и ќе може да се гласа до 19 часот, кога гласањето завршува официјално. По 19 часот ќе можат да гласаат само лицата што претходно се затекнале внатре во гласачкото место.
ДИК за одзивот на гласачите и за други детали поврзани со гласањето ќе почне да информира од 9.30 часот и ќе држи прес-конференции на секои два часа, заклучно со 19 часот.
По завршувањето на гласањето во 19 часот, ДИК на својата веб-страница ќе ги објавува добиените резултати за тоа како ќе тече броењето. Прес-центарот на Државната изборна комисија ќе биде во седиштето на ДИК.
МВР викендов ќе издава лични документи
Во пресрет на одржувањето на вториот круг од локалните избори што ќе се одржи в недела на 31 октомври 2021 година, денеска и утре управните служби ќе работат во општините каде што ќе има гласање во втор круг, со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за да може да ги подигнат личните карти.
Одделот за граѓански работи, односно отсеците за управни работи на оваа организациска единица при МВР – Куманово, Велес, Охрид и Тетово со сите подрачни единици во нивен состав, на 30.10.2021 година ќе работат на прием и издавање лични карти со редовно работно време од 8 до 16 часот.
Како што информираа од МВР, од подрачните единици на Отсекот за управни работи – Штип ќе работат подрачните единици во Кочани, Берово, Делчево, Пробиштип и Свети Николе.
Од подрачните единици на Отсекот за управни работи – Битола ќе работат подрачните единици во Битола, Ресен, Демир Хисар и Македонски Брод.
Од подрачните единици на Отсекот за управни работи – Струмица ќе работат подрачните единици Струмица, Гевгелија и Радовиш.
Истовремено и Одделението за управни работи – Скопје, само во објектот на МРТВ на 30.10.2021 година (сабота), ќе работи на прием и издавање лични карти со редовно работно време од 8 до 16 часот.
Гласање според зимското сметање на времето
Викендов сабота кон недела се поместуваат и стрелките на часовникот според зимското сметање на времето, така што во два часот по полноќ тие ќе се вратат еден час наназад. Тоа значи дека граѓаните ќе мора да обрнат внимание на овој детаљ, бидејќи ако по некоја случајност заборавиле да го коригираат времето, може да се случи да наидат на затворени гласачки места во утринските часови.
Имено, ако некој пропушти да се врати на зимско сметање на времето, тогаш ако сака да дојде на гласачкото место на отворањето во седум часот, во согласност со новото сметање на времето, всушност, тој таму ќе биде во шест часот и нема да може да гласа. Истото се однесува и на затворањето на изборните места, со таа разлика што сега граѓаните што не ги ажурирале часовниците ќе добијат еден час дополнителна можност за гласање, бидејќи наместо 19 часот по летно сметање на времето, ќе биде 18 часот според новото ажурирано зимско сметање на времето.
Отклонети сите тешкотии околу апаратите за биометриска идентификација
Првпат на овие локални избори се применуваат терминали за биометриска идентификација на гласачите, што придонесе за поголема веродостојност на целиот изборен процес. Во првиот круг имаше мали технички проблеми со дел од опремата на одредени гласачки места, што придонесе за забавување на гласањето, но за вториот круг од ДИК најавија дека тие недостатоци ќе бидат отстранети бидејќи членовите на комисиите веќе се навикнати на опремата и пребројувањето на гласовите ќе оди побрзо.
– Нема никаков проблем со опремата, сè е во најдобар ред и подготвени сме за вториот круг од изборите – изјави кратко првиот човек на ДИК, Александар Даштевски.
Голем број набљудувачи ќе го следат гласањето
ДИК за овие избори акредитира вкупно 871 домашни и 328 меѓународни набљудувачи, кои ќе го следат и вториот круг од изборите на местата каде што ќе се гласа за градоначалници. Од ДИК додаваат дека има барања за дополнителни акредитации за следење на изборите. ОБСЕ има акредитирано 218 набљудувачи, САД имаат 15 набљудувачи и 38 преведувачи, руската амбасада четворица набљудувачи, додека Франција има акредитирано шест набљудувачи. Набљудувачи има и од Албанија, Косово, Белгија, Унгарија, Грција, Италија, БиХ, Британија, Шпанија, Хрватска, Бугарија, Летонија, Австрија, Чешка, Холандија. Изборите ќе ги следат и 10 странски новинари.
Клучни битки во Скопје, Куманово, Тетово, Битола и во Охрид
Во вториот круг од локалните избори, кандидатите за градоначалници ќе ги одмеруваат силите во 44 општини, а се очекува клучните битки да се водат во Скопје, Тетово, Куманово, Битола и во Охрид.
Во Скопје довербата на граѓаните во вториот круг ќе ја бараат кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, наспроти независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Данела Арсовска.
Неизвесна битка се очекува и во Тетово, каде што на кандидатката на ДУИ, Теута Арифи, ќе ѝ се спротивстави Билал Касами од Беса.
Во Куманово независниот кандидат Максим Димитриевски ќе води битка со доскорешниот сопартиец Оливер Илиевски од СДСМ.
Кандидатот на СДСМ, Христо Кондовски, ќе се обиде да ја добие довербата на битолчани, натпреварувајќи се со Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Интересно гласање се очекува и во Охрид, каде што во игра за градоначалничкото место се Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и Константин Георгиевски од СДСМ.
Градоначалници ќе се избираат и во Арачиново, Боговиње, Брвеница, Василево, Вевчани, Врапчиште, Гевгелија, Гостивар, Дебарца, Демир Капија, Демир Хисар, Долнени, Желино, Зелениково, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Центар, Чаир, Чашка, Чешиново-Облешево, Чучер Сандево и Шуто Оризари.
Гласање под строги здравствени протоколи
На денот на гласањето, во согласност со епидемиолошката состојба, граѓаните ќе мора да ги почитуваат здравствените протоколи со цел заштита на своето, како и на здравјето на другите луѓе. Имено, пред влезот на гласачкото место, доколку има поголем број граѓани, задолжително е да се држи предвиденото растојание, да се носи заштитна маска и да се врши дезинфекција на рацете. Кога ќе влезат на гласање, граѓаните треба без поголеми задржувања да ја извршат својата граѓанска должност и да го напуштат местото на гласање. Се препорачува и проветрување на самите простории каде што ќе се гласа, како и дезинфекција на апаратите за биометриска идентификација. Лицата заболени од ковид, како и оние што имаат одлука за самоизолација, не смеат да се појавуваат на гласачкото место.