Според некои психолози, во општеството во кое живееме и функционираме отуѓеноста е присутна подолго време, а пандемијата само го продлабочи тоа. Тие сметаат дека се потребни подлабоки промени во начинот на кој се живее, со ренесанса на вистинските универзални, општествени и човечки вредности. Но тоа изискува еден подолготраен процес со системски промени во свесноста на луѓето
Уште една негативна референција на пандемијата
Полициски час и ограничување на движењето на граѓаните, изолација дури и внатре во семејствата, прослави без гости, работа и настава со следење часови од дома, услови на живот што ги оддалечија луѓето од секојдневната комуникација во живо… Сега многумина се уверени дека пандемијата ги направи луѓето поегоистични отколку што беа предходно.
Чувство на страв, загриженост, изолираност, несигурност…
Пандемијата на ковид-19 придонесе уште повеќе да се продлабочи отуѓеноста меѓу луѓето во сите сфери на животот. Социолозите потврдуваат за голем дел истражувања што го покажуваат тоа. Имено, резултатите откриваат промена на човековото однесување, дистанца, егоизам, малку критичност, дури и некоја автодеструкција. И психолозите потврдуваат дека пандемијата силно ја продлабочи отуѓеноста помеѓу луѓето.
– Пандемијата како една непозната, нова и застрашувачка реалност предизвика чувство на страв, загриженост, изолираност, несигурност и ги разниша егзистенцијалните потреби на луѓето. Начинот на реагирање и справување со дадената ситуацијата зависи пред сѐ од нејзиното разбирање и прифаќање и што е можно да се направи во дадената ситуација и кои избори се на располагање. Од моето искуство и работа со клиенти можам да кажам дека најмногу од сѐ страдаше и остана незадоволена потребата за контакт (допир), која има големо значење во функционирањето на човекот. Начинот на реагирање на условите во кои живееме е индивидуален, во зависност од личното искуство и капацитетот на личноста. Верувам дека пандемијата ги направи луѓето повнимателни, попретпазливи, но и посебични. Социјалните потреби како што се потребата за припадност на одреден група, потребата за дружење и прифаќање од другите се суштински, човекот наоѓа и ќе наоѓа начини за нивно задоволување во контекст на ситуацијата во која живее. Во општеството во кое живееме и функционираме отуѓеноста е присутна подолго време, а пандемијата само го продлабочи тоа -вели психологот и гешталт-терапевт Вера Димовска, од психолошкиот центар „Анима“.
Според неа, потребни се пошироки промени во начинот на кој се живее, во општествените и човечки вредности и уверувањата што се еден подолготраен процес, кој бара системски промени и промени во свесноста на луѓето.
Луѓето се многу променети, како да не се тие истите
Според социолозите, пак, состојбата со ковид-19 практично „ги исфрли сите можни егоистични пориви на површина“.
– Кога говориме за македонското општество, излегувањето од социјализмот исто така беше голем стрес, новите услови, пазарна економија, претпоставки за нов живот, парламентарна демократија, индивидуализација, влијание на тие глобални процеси, но во исто време се случува и оној процес на индивидуализација. Да, влијаат сите тие надворешни фактори, но на некој начин јасно го истакнуваат и човековото его. Тука е на пример психологијата на стадо, но индивидуално сакаме да останеме и самостојни. Е сега кога се случи ова со ковид-19, практично ги исфрли сите можни егоистични пориви на површина, од проста причина што човекот е глобално загрозен. Пандемија е, но во исто време ние почнуваме индивидуално да се грижиме за себе. Тоа е таа социопсихолошка реакција на поединецот, тој е тој животински инстинкт кога човекот ќе ја почувствува таа своја загрозеност. Тогаш тој е во состојба да прави некои постапки, кои многу малку се врзани за колективот, за заедничкото, за дружењето, за толеранцијата, туку се грижи за себе, како јас да го спасам сопствениот живот. Луѓето се многу променети, како да не се тие истите. Како да се бега и од онаа елементарна културна комуникација. Знаеме што се случува, дел сме од целиот свет, од едно глобално село, но во исто време тоа уште повеќе ги изразува нашите егоистични, индивидуални пориви на живеење, таа противречност на целиот свет, сето тоа ќе се одрази и во политиката. Кој е сега заедничкиот интерес, што е она заедничко што може да нѐ спојува. Сега како помалку да веруваме во демократија, во институциите, помалку веруваме во добрите намери на другиот, како да сме разочарани од сето тоа, оваа пандемија го исфрли сево ова на површина во една изразито негативна смисла – објаснува професор д-р Илија Ацески.
Отуѓувањето меѓу луѓето ќе продолжи и ќе се продлабочи
Тој смета дека веројатно ќе бидат потребни многу промени за да се вратиме во некоја нормална состојба и додава дека и пред тоа не верувавме многу во системот, во институциите, па вели дека се нарушени вредностите во голема мера, оние заедничките, што е толеранција, што е заеднички живот.
– Отуѓеноста ќе се продлабочи, особено во оние сфери каде што сѐ повеќе преовладува тој гол интерес, интерес во кој нема емоции, онаа добивка што човекот ја добива без разлика на какво било врзување со некаква сфера на тие човекови вредности. Се бара само добивката. Ние луѓето сме рационални битија, но тоа рационалното кога ќе го соголите, кога ќе го ставите на еден бришан простор, тоа е многу сурово. Има една атмосфера на едно неверување дека за брзо време ќе можеме ќе излеземе од оваа состојба. Заладување на односите ќе има и помеѓу колегите во фирмите, тоа ќе се продлабочи. Ќе постои колегијалност додека постои заеднички интерес, да работиме заедно за нешто што нѐ спојува, од друга страна, пак, се продлабочува она сомневање, многу малку веруваме во добрите намери на другиот, особено на оној што е на повисока позиција, во однос на материјалните вредности на оној што е побогат и помоќен. По пандемијата многу нешта ќе се променат – вели професорот Ацевски.