„Фалсификувањето на историјата досега не било критериум за приклучување во ЕУ. Но се чини дека Бугарите сакаат да го направат да биде критериум. На такво нешто Македонија не може да се согласи поради самото почитување на вредностите во ЕУ“, напиша деновиве угледниот германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). Медиумот отворено застана на страната на вистината и почитувањето на универзалните човекови права, вперувајќи го прстот кон апсурдноста на барањето на Бугарија. Анализата на ФАЦ потоа доби широк одек во пошироката јавност. Токму ваквите прилози и написи на релевантни и угледни новински куќи, кои се држат до својот професионализам и авторитет, покажуваат дека полека, но сигурно се буди меѓународната јавност и дека агресивната бугарска пропаганда не може да ја поклопи вистината ниту, пак, да го погази меѓународното право
Анализата на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ како повод
Угледниот германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ деновиве објави опсежна анализа со наслов „Софиското фалсификување на историјата“, во која се осврнува на апсурдните барања и уцени на Бугарија кон Македонија. Не се влегува во ЕУ со фалсификување на историјата, напиша меѓу другото „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, остро напаѓајќи ја Софија за нејзините барања и уцени кон Македонија. На истата тема прилози направија „Дојче веле“, но и Радио-телевизија Србија, анализирајќи го токму текстот на ФАЦ.
„Бугарија е пред добивање нова влада, а во Брисел се надеваат дека земјата ќе се откаже од ветото за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија“, го започнува својот текст весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, објаснувајќи притоа дека владата на Борисов ги спречила преговорите со образложенија „кои не само Брисел ги смета за апсурдни“.
„Скопје би морало да признае дека македонскиот јазик е всушност само бугарски дијалект и дека македонската нација се развила од бугарството, бара меѓу другото Софија. Но кој верува дека само со промена на Владата во Бугарија повторно ќе се врати разумот и дека бизарните академски дебати нема веќе да стојат на патот на ЕУ-политиката на Балканот, тој може да се излаже. ’Спорот за името‘ помеѓу Атина и Скопје ја спречуваше западната интеграција на балканската држава повеќе од четврт век, пред во 2018 година да биде решен со преименувањето на Македонија во Северна Македонија“, пишува весникот.
Анализирајќи ја состојбата кај нашиот источен сосед, ФАЦ објаснува дека по последните бугарски парламентарни избори во парламентот во Софија дури ќе биде застапена и партија што отворено го негира правото на постоење на Македонија – деснорадикалната Преродба, која бара земјава да се обедини со Бугарија, зашто била „втора бугарска држава“ што произлегла од историска несреќа. Дека за оваа партија не постои македонска нација, се подразбира само по себе. Притоа весникот додава дека Преродба, со само 13 пратеници, е најмалата од седумте пратенички групи и е осамена во својот отворен иредентизам.
„Но Македонија се поткопува во поблага форма и од страна на другите бугарски партии. Софија поднесе каталог со барања од кој идната коалиција не се дистанцира. Така, се бара бугарското малцинство што живее во Северна Македонија да биде спомнато во Уставот. Неопходното двотретинско мнозинство за такво нешто во Скопје можеби ќе се најде полесно ако Бугарија со децении не ги исклучува систематски сопствените граѓани што се дефинираат како Македонци. Обесправувањето на (денес многу малото) македонско малцинство во Бугарија го преживеа распадот на комунизмот. Софија дури игнорираше повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права за да се држи до фикцијата дека во земјата нема македонско малцинство.
Според претседателот Радев, Македонија мора да го спречи и ’говорот на омраза‘ против Бугарија. Од ’медиумите, музеите, јавноста и државната политика‘ морало ’да исчезне извртувањето на историјата‘. Радев следствено бара Скопје да ја цензурира дебатата во земјата, зашто она што во Бугарија се смета за ’говор на омраза‘ е впечатливо. Тоа се однесува на периодот од 1941 до 1944 година, кога Бугарија, во тоа време помлад партнер на Хитлеровата ’оска‘, окупирала најголем дел од денешна Република Северна Македонија, како и делови на северна Грција. Софија во Македонија спроведувала безобѕирна политика на бугаризација. Околу 7.200 Евреи во земјата од страна на бугарските окупаторски власти биле собрани во гета и депортирани во Треблинка. Сепак, Софија денес тврди дека се работело за ’говор на омраза‘ кога во Северна Македонија спомениците или спомен-плочите потсетуваат на времето на ’бугарската фашистичка окупација‘, пишува германскиот весник. Во анализата се поставува и прашањето – што воопшто уште може да се нарече фашистичко, ако така не смее да се опише еден режим што активно учествувал во холокаустот? Тука ништо не го менува фактот дека Евреите во самата Бугарија не биле испорачани на Германците“.
На крајот на текстот, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ потсетува дека премиерот Заев пред извесно време „од избрзана послушност кон Софија“ објавил дека неговата влада ќе наложи да се отстранат повеќе спомен-плочи на кои се потсетува на „бугарската фашистичка окупација“, што наишло на остра критика од страна на македонските историчари.
„Заев беше обвинет за фалсификување на историјата. Ако Скопје сакаше да ги исполни сите барања на Софија, тогаш навистина ќе излезеше така. Фалсификувањето на историјата досега не било критериум за приклучување во ЕУ. Но се чини дека Бугарите сакаат да го направат да биде критериум. На такво нешто Македонија не може да се согласи веќе поради самото почитување на вредностите во ЕУ“, заклучува на крајот ФАЦ.
Ваквиот професионален и коректен пристап кон проблемот не можеше да остане без одек во пошироката јавност. Па така, на текстот на угледниот германски весник, меѓу другите со свои прилози реагираа „Дојче веле“ и Радио-телевизија Србија.
Во прилогот под наслов „ФАЦ: Ако Скопје ги исполнеше барањата на Софија, тогаш навистина ќе ја фалсификуваше историјата“, „Дојче веле“ го пренесе речиси интегрално текстот на весникот со редакциска опрема во која се огледа позицијата на Редакцијата во однос на проблемот за кој пишува. Медиумот застанува на страната на вистината и почитувањето на универзалните човекови права, а од друга страна вперувајќи го прстот кон апсурдноста на барањето на Бугарија.
Во својот прилог „Северна Македонија и ЕУ, да се стигне пред Дедо Мраз“, Радио-телевизија Србија, исто така, во најголема мера се повикува на текстот на ФАЦ, анализирајќи го истиот тој со цел на своите консументи да им ја долови состојбата на релацијата Софија – Скопје.
Српската национална телевизија го започнува прилогот со зборовите дека германскиот весник „Франфуртер алгемајне цајтунг“, смета оти со бришењето на зборовите „бугарски фашисти“ од натписите на спомениците, Македонија би ја „фалсификувала историјата“, цитирајќи дека за време на Втората светска војна „бугарската војска фати и испрати во Треблинка околу 7.200 Евреи“. Во подолгиот прилог се дава главно реален приказ на состојбите, а РТС притоа посебно го нотира цитатот од „Франфуртер алгемајне цајтунг“ дека „Фалсификувањето на историјата досега не било критериум за приклучување во ЕУ “.Токму ваквите прилози и написи на релевантни и угледни новински куќи, кои се држат до својот професионализам и авторитет, покажуваат дека полека, но сигурно се буди меѓународната јавност и дека агресивната бугарска пропаганда не може да ја поклопи вистината ниту, пак, да го погази меѓународното право.
Првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“ досега многупати објавуваше свои текстови, анализи и коментари, укажувајќи и анимирајќи ја пошироката јавност во однос на сите сегменти и последиците од наметнатото бугарско вето кон Македонија и штетата што се прави врз нашата држава, но и врз принципите и постулатите на меѓународното право и на оние на кои почива и самата Европска Унија. Притоа весникот секогаш се држеше до професионалноста, фактите, вистината и меѓународното право, при што постојано нагласувавме дека премолчувањето или игнорирањето на меѓународното право ги поткопува темелите на самата Унија. Во серија наши текстови пишувавме за историската вистина од времето на Втората светска војна и бугарските обиди за фалсификување на историските факти, што никако не може да се смета за европски критериум. Европа и Македонија тогаш беа на иста страна и дадоа многу жртви поради фашистичкото лудило, кое тогаш Бугарија и го поддржа и самата го спроведуваше.
И, секако, безброј пати досега сме пишувале и сме ја истакнувале и потребата за признавање на правата на македонското малцинство во Бугарија и во таа насока почитување на многубројните пресуди на Меѓународниот суд во Стразбур, кои Бугарија не ги спроведува. Сите овие наши голем број тестови, коментари и анализи изминативе месеци, фундирани исклучиво на фактите, правдата и вистината, поставени на столбовите на принципите на професионалноста и новинарските стандарди и етика, се наш прилог кон будењето и анимирањето на јавноста и приближувањето на вистината до нив. Токму најновиот текст на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ е само уште една потврда дека сме биле и сме на вистинскиот пат.