Фото: Маја Јаневска-Илиева

По најавената оставка на премиерот Заев, во игра се повеќе сценарија за тоа како да се надмине политичката криза, која доаѓа во ек на пандемиската, но и енергетската криза. Секое од овие претпоставени политички сценарија има свои добри и лоши страни, свои плусови и минуси. Но кое би било најповолното политичко сценарио во сегашни услови, кое носи најмалку последици врз функционирањето на државата, а наедно и предности од аспект на граѓаните, економијата, евроинтеграциите? Она што сега треба да се направи е да се заборави на политичките интриги и да се пристапи енергично во справувањето со предизвиците. Ако се потфрли сега, тогаш ќе остане само едно сценарио, а тоа е сценариото на колапс

МНОШТВО ПОЛИТИЧКИ КОМБИНАТОРИКИ ПО ПОНУДЕНАТА ОСТАВКА НА ПРЕМИЕРОТ

Оставката на премиерот Зоран Заев продолжи да ја бранува јавноста деновиве и додека копјата се кршат околу тоа дали тој ќе остане на искажаниот збор или под притисок на коалициските партнери ќе се премисли, Македонија е исправена пред сериозни предизвици како понатаму. Или со други зборови, како со најмалку лузни и последици по граѓаните, економијата и државата да се надмине политичката криза, која е само уште една во низата кризи со кои веќе се соочува земјата.

Имено, во периодот што следува земјава повеќе од извесно ќе се соочи со нов пандемиски бран, така што во услови на политичка криза справувањето со пандемијата ќе биде уште полошо од досегашното, кое и онака не беше за пофалба. Покрај пандемијата, овој пат на вратата чука и сериозна енергетска криза, која ако нема кој да ја менаџира, тогаш ќе се случи колапс на енергетскиот систем, а со тоа и на економијата, која и онака не може да закрепне од ковид-кризата. Евентуалниот недостиг од електрична енергија посебно ќе ги погоди и домаќинствата на кои струјата им е основното средство за загревање на домовите, а студените зимски денови веќе се на прагот.
Од тие причини, разните политички акробации што се прават во моментот се крајно несериозни и затоа е потребно дејствување на сите политички чинители во земјава за брз излез од политичката криза, без разлика дали се власт или опозиција, во насока на заедничко справување со претстојната криза, под услов интересите на државата и граѓаните да им се приоритет пред партиските комбинаторики.

Нов мандатар, но со истиот состав на Владата

„Нова Македонија“ претходно ги наведе во кратки црти сите можни сценарија што би можеле да се реализираат по оставката на премиерот, а овој пат ќе се обиде детално да ги образложи добрите и лошите страни на секое сценарио одделно.
Првото сценарио предвидува претседателот на државата повторно да му го довери мандатот за состав на нова влада на актуелното владејачко мнозинство, со што тие би понудиле нов човек за премиер и Владата би продолжила да функционира до истекот на нејзиниот мандат.
Позитивна страна на ова решение е што може релативно брзо да понуди премостување на политичката криза, со тоа што би се сменил само првиот човек на Владата и таа би можела да продолжи со работа. Доброто е и што тоа нема да има импликации врз буџетот.
Но и за ова е потребно да поминат најмалку 30 дена ако доследно се почитува законот. Имено, премиерот треба писмено да го извести претседателот на Собранието дека поднесува оставка, по што таа точка се става на ред на собраниска седница и се констатира оставката на премиерот, а со тоа и на целата влада. По ова претседателот на државата во рок од 10 дена ѝ го доверува мандатот на партијата што има мнозинство во парламентот, а мандатарот има рок од 20 дена да достави програма и состав на новата влада. Знаејќи како течат процедурите кај нас, повеќе од извесно е дека оваа работа нема да заврши за пократко од еден месец. Дополнително ваквата влада ќе продолжи да го влече бремето на неуспешно справување со предизвиците, како и со намалената доверба меѓу граѓаните.
– Ова по Устав е можно, ама е политичко некоректно. Оваа влада нема легитимитет пред народот и тоа го покажаа изборите. Оваа влада изгуби политичка доверба кај народот – смета професорот по уставно право Осман Кадриу.

Ново мнозинство

Второ можно сценарио е формирање ново собраниско мнозинство за кое во повеќе наврати спомнуваа партиите од опозицискиот блок и кое би го добило мандатот за состав на нова влада, која исто така би имала мандат да управува со земјава во следниве две и пол години.
Позитивно при ваквата варијанта е што би дошла целосно нова влада, со нови луѓе и нови политики, кои би можеле да претставуваат освежување на политичката сцена. Тоа може да ги придвижи и реформите, бидејќи новите луѓе ќе сакаат да се докажат и во следните две и пол години ќе се обидат со посветена работа да трасираат пат на својата партија за подобро позиционирање во пресрет на следните парламентарни избори.
Негативно во ова сценарио е што договарањето меѓу партиите за ново мнозинство повторно ќе оди бавно, сите ќе испорачуваат некакви свои теснопартиски барања, ќе се бара ресор повеќе, така што и за влада со ново мнозинство ќе поминат најмалку два месеца, а можеби и повеќе. Тоа, секако, ќе се одрази и врз економијата, која губи драгоцено време не знаејќи во која насока ќе се движи државата. Во делот на евроинтеграциите, со оглед на бугарската блокада и политичката криза и во таа земја, процесите најверојатно ќе запрат на подолг рок и малку е веројатно дека ќе има некакво придвижување на ова поле, бидејќи евентуални нови луѓе и во Македонија и во Бугарија најпрво ќе сакаат да видат до каде стигнале преговорите, не е исклучена ревизија на досега договореното, така што најверојатно ова прашање воопшто нема да се отвора во следниот период.

Експертска влада

Третото можно сценарио би било формирање експертска влада што би ја поддржале сите партии во Собранието и која би ја водела државата до следните редовни избори. Позитивно при формирањето експертска влада би било тоа што во кризни времиња на чело на ресорите би застанале експерти што најдобро ја познаваат областа во која раководат. Тие би биле поддржани од сите партии, нема да бидат политички обременети и можат да понудат најдобри и најстручни решенија за проблемите, без да стравуваат како би се одразило тоа врз партискиот рејтинг.
Сепак, формирањето на ваква влада повторно би одзело најмалку два месеца, таа нема да ја одразува волјата на мнозинството граѓани и партиите веројатно нема да ѝ дадат премногу простор за маневрирање, туку ќе ја користат само како бајпас-решение до следните избори. Покрај тоа, експертските влади немаат легитимитет да носат крупни одлуки и никој внатре нема да сака да преземе одговорност за решавање на отворените прашања, на пример како она со Бугарија, така што нејзиното функционирање би се свело на техничко одржување на процесите во државата. Без можност за крупни реформски зафати и спроведување програми од страна на експертската влада, економијата ќе продолжи да тоне, особено ако земјава биде погодена од енергетска криза во следниот период.

Широка коалициска влада

Четвртото сценарио би подразбирало формирање широка коалициска влада со поддршка на сите парламентарни партии. Таа би можела исто брзо да се формира доколку партиите се договорат да дејствува обединувачки во периодот на предизвици што следува. За дел од познавачите на состојбите ова е добро решение бидејќи таквата влада, пред сè, би се грижела за интересите на граѓаните.
– Мислам дека претседателот треба да ги повика лидерите на партиите за формирање голема влада, за доброто на реформските процеси. Треба да има влада со полн капацитет, партиите конечно да се свестат и да работат за интересите на граѓаните – смета универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Секако и за формирање широка коалициска влада ќе биде потребно најмалку два месеца ако меѓупартиските договарања течат мазно. Македонија имаше во минатото влада на широка коалиција и се покажа дека со овдешниот политизиран менталитет кај луѓето едноставно е невозможно таквата влада ефикасно да функционира. Потврда за тоа беше воениот конфликт во 2001 година, кога во време на оружени судири во земјата, коалициските партнери во владата меѓусебно си подметнуваа и се опструираа само за да го оцрнат политичкиот опонент. Во општество што е длабоко политизирано едноставно ваква влада не може ефикасно да функционира. Тоа целосно ќе ги парализира процесите, реформите ќе запрат, а економијата ќе биде дополнително на удар.

Нови предвремени парламентарни избори

Петто сценарио би било да има предвремени парламентарни избори со техничка влада 100 дена пред избори, по што партијата што ќе освои најголем број мандати, ќе формира влада што ќе управува со земјата во следните четири години.
Ова е добро од аспект дека ќе се добие политичка влада со полн мандат и доверба од мнозинството граѓани. Таа ќе може решително да се зафати со реформите, да продолжи да бара решение за бугарското вето, да изготви нови програми за развој на економијата и да понуди нова визија за иднината на државата. Тоа внесува и нова енергија во општеството, кое е незадоволно од општите состојби и кое бара напредок и подобар животен стандард.
– Наједноставно решението е закажување предвремени избори во март… Само со нови избори ќе се дојде до влада со полн легитимитет – смета политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Сепак, за реализација на ова сценарио уште на почетокот се потребни подолго време и многу повеќе пари. Имено, најпрво треба да се формира техничка влада што ќе управува 100 дена пред парламентарните избори и која треба да ги организира и спроведе овие избори. Потоа следува период на конституирање ново собрание и влада. Ова значи дека најмалку четири месеци ќе запрат сите процеси во државата, партиите ќе се посветат на кампањи и нема да има никакви други придвижувања. Техничката или таканаречена пржинска влада се покажа како целосно нефункционална, нема легитимитет од народот и не ја ужива неговата доверба. Во такви услови, апсурдно е да се говори за некаков економски развој, туку постои сериозна опасност од затворања фирми и отпуштања работници ако здравствената и енергетската криза ескалираат во време на техничко управување со земјата. Додека да се добие целосно функционална влада ќе помине половина година, што во никој случај во овој момент не ѝ одговара на државата.

Повлекување на оставката и останување на Заев

Деновиве стана актуелно уште едно сценарио, а тоа е премиерот да ја повлече одлуката за оставка и да остане на чело на Владата. Тоа ќе овозможи државата да продолжи да функционира без застој и да носи одлуки во насока на подобро справување со кризите што се пред неа.
Но и тоа повлекува многу негативни консеквенции. Прво, премиерот не си останува на дадениот збор и го губи угледот кај граѓаните, кои повеќе немаат никаква основа да им веруваат на институциите. Второ, дополнително ќе се продлабочи политичката криза во земјата бидејќи се добива впечаток дека премиерот е уценет од коалициските партнери да ја погази својата одлука само затоа што еден коалициски партнер во власта има своја политичка агенда од која нема намера да отстапи и на некој начин го става премиерот во позиција на нивен заложник.
Трето, се нарушува и угледот на самата држава кај меѓународната заедница бидејќи странците не знаат дали повеќе можат да им веруваат на македонските политичари ако прекуноќ ги менуваат одлуките. Прашање е каков углед и доверба во иднина ќе ужива македонскиот премиер меѓу странските политичари, ако претходно погазил нешто што во западните земји се смета за израз на највисок морален и демократски чин.


Политичката криза најмногу врз свој грб ќе ја почувствуваат граѓаните

Несомнено, разработените сценарија имаат свои предности и мани, но заедничко за сите нив е дека во непотребно продуцираната политичка криза ќе се загуби драгоцено време и најголема штета ќе трпат граѓаните и економијата. Повеќе од извесно е дека перипетиите околу тоа како ќе се размрси овој Гордиев јазол ќе траат во следниве неколку недели, ако не и месеци, но во време кога секој ден е исклучително важен навреме да се обезбедат нови дози вакцини, лекови, енергенти, струја, играњето „политика“ е најмалку потребно. Она што сега треба да се направи е да се заборави на политичките интриги и да се пристапи обединувачки во справувањето со предизвиците. Ако се потфрли сега, тогаш ќе остане само едно сценарио што е најверојатно на крајот, сценариото на колапс.