Вадење лични документи, изводи, градежни дозволи, легализации на објекти, приватизации на земјишта, грижа за болни, уписи во градинки и во училишта, судски процеси, се само мал дел од секојдневните предизвици со кои се соочуваат граѓаните, кои често се заглавени во институционалните лавиринти
Институциите со децении ја бараат својата улога
Три децении од самостојноста, државата не успеа да изгради функционални институции што ќе бидат вистински сервис на граѓаните. Наместо тоа, тие продолжуваат да функционираат како партиски филијали во кои се вработува главно партиски кадар.
Ваквите практики низ годините доведоа институциите целосно да се отуѓат од граѓаните, а што е уште пострашно, граѓаните да ја загубат довербата и воопшто да не веруваат во државните институции.
Она што треба да претставува регуларна постапка во некоја институција, во одредени случаи кај нас се претвора во голгота што знае да потрае со месеци и години, па од тие причини луѓето понекогаш се решаваат да потплатат само побрзо да завршат некоја работа, што, пак, е дополнителен проблем.
Вадење лични документи, изводи, градежни дозволи, легализации на објекти, приватизации на земјишта, грижа за болни, уписи во градинки и во училишта, судски процеси, се само мал дел од секојдневните предизвици со кои се соочуваат обичните граѓани, кои често се заглавени во институционалните лавиринти.
Затоа и не треба да зачудува степенот на корупција во земјава, бидејќи митото како да стана алатка ако некој сака да му се заврши некаква институционална работа.
Универзитетскиот професор Живко Андревски смета дека проблемот со нефункционалните институции е одамна нотиран и од ЕУ и од САД, но дека ништо не е направено состојбите да се подобрат.
– Со години во објективизираните извештаи што ги прават и Европската комисија и американскиот Стејт департмент, а се однесуваат на функционирањето на тој вкупен бирократски апарат во Македонија, забелешките се дека не испорачува услуги такви какви што им требаат на граѓаните во смисла на квалитет, правно засновани услуги, навремени итн. Значи сите напори досега не доведоа до радикално подобрување на тие услуги – вели професорот Живко Андревски.
Тој додава дека институциите треба да бидат во функција на граѓаните во буквална смисла, односно да им излегуваат во пресрет за нивните потреби, желби и стремежи.
– Во овие три децении не се воспостави таков механизам во кој ќе се има доверба во институцијата, дека таа одговорно според законски надлежности и обврски ќе постапи и дека луѓето нема да имаат апсолутно никаква потреба кога ќе одат таму да размислуваат дали имаат некој пријател преку кој ќе ја завршат работата, дали ќе има некој на кој ќе треба нешто да му се потплати или да се возврати со некоја друга услуга. Во меѓувреме, ние не ја градевме администрацијата таа да биде стручна, професионална и долгорочно да ги решава работите, туку партиите го искористија тоа и бидејќи пред секои избори ветуваа вработувања, ова ветување го исполнуваа со полнење на институциите со нивни кадри. Тоа всушност и беше просторот каде што имаат директно влијание и затоа сега се соочуваме со еден тром административен апарат со многу вработени, а услугите не се подигнати на ниво на потребите на граѓаните – истакнува Андревски.
Според него, решението е, освен директните носители на власта, кои треба да го стимулираат овој систем да работи функционално и да санкционираат каде што не функционира, да се создаде и општествена клима дека тој систем треба да функционира.
– Исполнувањето на потребите на граѓаните треба да биде главниот принцип што секоја власт треба да го бара од институциите – констатира Андревски.
И за професорот Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ институциите мора да се сервисно ориентирани кон граѓаните, а не кон партиите.
– Не ни функционираат институциите. Ние немаме вистинска демократија, затоа што нема демократија во самите партии. Оној што ја има власта мисли дека располага со сè. Нашите институции служат сервисно ориентирани кон власта. Треба да се ориентирани кон граѓаните. Секоја институција сама треба да функционира, во согласност со законот, да бидат сервис на граѓаните – истакнува универзитетскиот професор Борче Давитковски.
Според него, за нефункционалноста на институциите придонесува тоа што не се води сметка за квалитетот на луѓето што раководат со нив.
– Имаме парадокс, пред десетина години, најдобрите што имаат над 30 години стаж, требаше да бидат раководители на сектор, државен советник, а тие беа во втора група, а тие што беа по три-четири години во администрацијата, го заземаа нивното место. Скалата мора да се помине – истакнува Давитковски.