Од Исламската верска заедница во земјава велат дека дозволата за регистрирање на оваа верска заедница е срамен чин и е многу штетна за единството на муслиманите во земјата, а истовремено е обид за паралела на уставната институција на Исламската верска заедница во државата
Исламската селефиска заедница „Дар ал Хадис“ била регистрирана последниот ден од минатата година во Основниот граѓански суд – Скопје, како нова верска заедница во регистарот на цркви, верски заедници и религиозни групи што остваруваат верски права во земјава. Како нејзин прв човек е запишан Шејх Џемаљ Јакупи од Скопје.
Од Исламската верска заедница во земјава велат дека дозволата за регистрирање на оваа верска заедница е срамен чин и е многу штетна за единството на муслиманите во земјата, а истовремено е обид за паралела на уставната институција на Исламската верска зедница во државата.
– Реагираме со длабоко огорчување против Основниот суд Скопје 2 – Скопје, кој ја регистрира оваа наводна верска заедница, одлука што носи печат на судијката Сузана Дончевска. Делото на судијката е пристрасно и со ова таа го прекршила не само Законот за правната положба на црквата, верските заедници и верските групи туку ја прекршила и правната практика, според која за секое основање верски заедници мислење треба да дадат петте уставни заедници во земјата. Законот не дозволува регистрација на две верски заедници што носат исто име, имаат исти ресурси и учења и вршат исти религиозни практики – посочуваат од ИВЗ.
Оттаму велат дека ги презеле сите неопходни мерки и за оваа одлука ги известиле сите државни инстанци, почнувајќи од претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот и меѓународниот фактор во земјата.
– Апелираме до сите наши верници и нашите сонародници во Европа и на други места да не паѓаат во стапицата и канџите на заедницата основана од Дончевска и со непоколебливо убедување покажуваме дека оваа заедница е потомство на малициозни структури во земјата што имаат цел длабоко да го нарушат единството на муслиманите од земјава, особено на Исламската верска заедница – додаваат од ИВЗ.
Од Комисијата за односи со верските заедници посочуваат дека се во постојана соработка со верските заедници, ги слушаат нивните ставови и ги споделуваат нивните грижи.
– Институциите со голема сериозност пристапуваат на овие прашања. Имено, на 2 февруари годинава со одлука на министерот за правда, а по наше барање е формирана работна група со претставници на повеќе институции и експерти, на која ја разгледуваме од повеќе перспективи постојната состојба, ги анализираме компаративното искуство и меѓународните стандарди заради подобрување на законскиот текст. Во овој момент е премногу рано да излеземе со информација во однос на предлозите. Добрата легислатива треба да ги гарантира неприкосновените слободи и права на секој граѓанин, да предвиди јасни и прецизни правила и да спречи евентуална злоупотреба – посочуваат од комисијата.