Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, се осврна на настаните од 27 април 2017 и упадот во Собранието, во неговото гостување во „Студио 10“ на телевизија 24.
– За 27 април сакам да сум во студио со Зоран Заев. Тој треба да даде некои одговори, зашто сведочи во судот дека Трајко Вељаноски и Миле Јанакиески не биле виновни. За настаните од 27 април, осуден е човек што ми ја спаси главата. Не треба да има таква правда. Му должам на тој човек. Груевски имаше причина да ме убие затоа што знаеше што ќе му се случи, но каква причина имаше Заев да ми забива нож во грб, политички – истакна Села во „Студио 10“.
Тој нагласи и дека Алијанса за Албанците ќе коалицира со оние партии кои ги прифаќаат нејзиниот концепт и идеи.
– Немаме предрасуда за никого и за ниеден политички субјект. Алијанса за Албанците ќе прави коалиции со оние партии кои го прифаќаат концептот и идеите. Нашиот идентитет како партија не го градам врз коалиција со македонска политика партија. Нашите ставови никогаш не зависеле од тоа кој е македонскиот партнер од другата страна – кажа Села.
Лидерот на Алијанса за Албанците смета дека Бугарија треба да го признае македонското малцинство.
– Ако се земе предвид што се бара од страна на Бугарија, мислам дека не треба тоа да е однесување на земја-членка на ЕУ. Верувам во самоопределување на секој граѓанин на земјината топка, тука не треба да има дилеми. Тоа би бил добар почеток за добрососедство. Тоа треба да се нашите позиции, кога добрососедствот е еден од главните приоритети, мислам дека соседите треба да се признаат едни со други, треба соседите да си ги признаат малцинствата – вели Села.