Собраниската седница за гласање недоверба на Владата не е завршена сè додека не се обезбедат 61 пратеник и до полноќ во секој момент таа може да продолжи кога ќе се создадат услови за тоа, порача денеска лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, неколку часа по почетокот на денешната собраниска седница на која опозицијата нема кворум ниту за усвојување на дневниот ред.
– Ова што се случува денеска е доказ на тоа што го кажав дека Владата паѓа и дека најпосле граѓаните ќе бидат ослободени – рече Села.
Села изрази сомнеж дека пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи против своја волја не дошол во Собранието.
– Ние сме загрижени што имаме само фејсбук-статус, а немаме глас од пратеникот ниту го гледаме некаде физички присутен. Не можам да кажам дали е безбеден или не е. Самиот факт дека денеска се зборува за пратеник кој е претставник на народот, а немаме физичко присуство или во Собрание или каде било да дава изјава мислам дека тие што се сметаат себе си за хумани луѓе треба да речат пред да зборуваме за Влада да видиме дали е безбеден човекот – рече Села.