Глаголење на христијанин од Македонија (4)
Ефенди Јакуп Селимовски е роден и погребан во Кичево (1946-2013). Ефенди Селимовски дипломира на Филолошкиот факултет на исламскиот универзитет „Ел Асхар“ во Каиро. Претседател е на Исламската верска заедница (1980-1991) на Република Македонија. Под негово раководство, во 1987 година, започнува издавањето на исламскиот тројазичен весник „Млада Месечина“ (турски, албански и македонски). Почина на 30 цутар/март 2013 година. Бев на простувањето од него во „Ајати баба теќе“ и на погребот на семејните гробишта. Присутен беше и проф. д-р Ратомир Гроздановски, декан на Теолошкиот факултет во Скопје, пријател на ефенди Јакуп Селимовски.
Славе Николовски-Катин е новинар, публицист, автор на голем број книги за Македонците иселеници, за црковниот живот на македонските цркви во Австралија, Канада и во САД. Автор е на книгата монографија „Митрополит Кирил“, издадена од издавачката куќа „Македонска искра“, 2007 година. Посебно ми е драго што со владиката г. Агатангел, митрополит повардарски, сме рецензенти на книгата посветена на ликот и делото на митрополитот г. Кирил Полошко-кумановски.
Академијата по повод 40 години од возобновената автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија се одржа на 14 златец/јули 2007 година во црквата „Света Софија“ во Охрид. Митрополитот Кирил на свештениците во Охрид им се обрати со зборовите:
„И конечно што ќе имавме и што ќе останеше од нас без нашата Света црква?! Токму таа, наша Света црква, охридска и македонска, длабоко присутна и вградена во нашето духовно и македонско паметење, била причина да чувствуваме дека имаме сѐ, а инаку како што би рекол Прличев – без неа би биле сираци! Македонија е земја на подвижници и праведници, земја на вистинољупци и правдољупци што заедно нѐ прави голем народ! Она што го поминавме и издржавме нека ни е простено – можевме и можеме само ние – Македонците! Девет века без сопствена држава, девет века робови и подвластени, девет века распнати, девет века цела вечност – пак живи и пак со Бога! Со Бога бевме и тогаш кога ни ги вадеа очите – и затоа гледавме. Бевме со верата, и тогаш кога глави ни сечеа – останавме простум. Имајќи ја црквата, и тогаш кога бевме без ништо свое – преживеавме. И кога нѐ делеа и раселуваа останавме единствен народ. И штом дочекавме слобода, национална и државна – ја возобновивме таа наша Црква! А желбите и копнежите обично му се исполнуваа на оној што верува во Бога, кој се надева во него докрај и со трпение ја потврдува, а со смиреност ја исповедува својата вера“.
Св. Климент Охридски е прв словенски епископ во Македонија (840-27 златец/јули 916). Ученик и соработник на просветителите Кирил и Методиј. За потребите на свештенството и на верниот божји народ, тој состави прости и јасни слова, поуки, похвали за сите празници во чест на пресвета Богородица, Св. Јован Крстител, за пророци, маченици, преподобни и за други светители.
Во дневната соба ми се неколку икони осветени од митрополитот г. Кирил. Тука е иконата на „Св. Климент Охридски“ дар од Васил Радиноски, новинар и градоначалник на Вевчани, 2000 година. Со Васил дружбата започна кога пишувавме за првиот независен дневен весник „Република“ во 1991 година. Весник уредуван од писателот Јордан Плевнеш.
Првпат разбрав дека „главата“ на светителот се наоѓа во манастирот „Јован Продром“, Македонија, Грција.
На 23 листопад/октомври 2012 година бев во кабинетот на поглаварот Стефан. Таму беа Владиката Кирил и отец Никодим Царкњас. На таа средба разбрав дека моштите (главата) на нашиот светител се наоѓа во манастирот „Јован Продром“. Отецот Никодим Царкњас е Македонец, роден во 1942 г. во С‘ботско (Аридеа), регионот Македонија, Грција. Отец Никодим заврши Теолошки факултет во Атина во 1987 година. Најпрво леринскиот, а потоа кукушкиот митрополит го расчинуваат во 1981 и 1982 година. Весникот „Меглен“ го издава, а грчките власти го забрануваат. Македонската православна црква го прифати со служба во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во селото Кучково, Скопска Црна Гора. Ја изгради црквата „Св. Злата Мегленска“ во родното село. Во црквата служи на македонски и на грчки јазик.
Силна желба имав да го посетам светилиштето во Македонија, Грција. Тоа се случи на Велигден на Велипеток, тревен/април 2014 година. Тоа го направив со попот Никодим Царкњас. Грчките монаси срдечно нѐ пречекаа и ни овозможија да се поклониме на моштите – главата на „Св. Климент Охридски“.
На 26 тревен/април се одржа прославата 20 години од возобновувањето на монашкото братство на манастирот „Св. Јован Бигорски“. Во таа свечена пригода бев присутен по покана на старешината на манастирот, отец Партение. Во друштво бев со новинарот Киро Кипровски, долгогодишен известувач за собитијата и духовниот растеж на манастирската обител. Судбината трајно ме поврза со еден од монасите, монах Анатолиј од монашкото семејство. Монахот Анатолиј е црковен пејач и раководител во библиотеката во Бигорскиот манастир.
Второто поклонение на нашиот патрон Св. Климент Охридски го направив на 8 снежник/декември 2018 година. Се најдов со група Македонци и Македонки во велелепниот манастир „Јован Продром“, вгнезден во карпи во планината. Во клисурата тече реката Бистра кај градот Бер (Вериа).
Сега на Балканот го живееме времето на 1767-то господово лето, во XVIII век, иако сме XXI век. Го живееме времето на Григор Прличев, со непризнавање на нашата македонска света Климентова црква од страна на Грчката, Српската и Бугарската црква.
Зарем сега не постојам како православен христијанин Македонец во Македонија?! Јас постојам, а нашиот македонски христијански народ постои и постои нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
Тропар на Свети Климент Охридски:
„Со зборови си ги упатил народите во верата Божја; со делата си се издигнал преблажен, кон божествен и блажен живот.
Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат со вера кон тебе, со знаменија си ја осветил темнината.
Заради тоа го славиме твојот божествен спомен, Клименте“. (Крај)