НАТО го одржа ветувањето дека ќе ја остави вратата отворена. Од вчера, малата држава на Западен Балкан, Северна Македонија, беше формално поканета да стане 30-та членка на Алијансата. Историската одлука има огромна важност за Република Северна Македонија и за нејзиниот евроатлантски пат, за иднината на Западен Балкан, но и за НАТО, пишува американски „Нешнл интерест“ во написот насловен „Северна Македонија – спогодба за име во доба на национализам?“.
Изминатите неколку месеци не беа лесни за Атина и за Скопје. Компромисот беше малку очекуван во денешно доба. Во доба кога европската политика е обликувана од подемот на национализмот и од јавното незадоволство, поттикнати од кризата во еврозоната од 2008 година и од масовните мигрантски бранови во 2015-2016, се чини дека европските политичари можат да научат лекции за политичко визионерство од Балканот. Лекцијата што доаѓа од Балканот е дека тајмингот и стратешката визија значат се. Сега Алексис Ципрас и Зоран Заев се номинирани за Нобеловата награда.
Преспанскиот договор треба да биде употребуван како преседан, за тоа како проблемите и споровите на Балканот би требале да се решаваат. Моментно има повеќе тензии со емотивен набој и проблеми што итно треба да се решат, почнувајќи од оној помеѓу Косово и Србија.
Идното членство на Северна Македонија во НАТО, на кое чека од 1999 година, ја става државата под чадор на стабилност и безбедност во регион во кој има уште неизвесност. Тоа, исто така, претставува сигнал оти привлечниот модел на Западот уште опстојува на Балканот. Крајот на спорот помеѓу Македонија и Грција претставува победа за НАТО, но и за ЕУ. Членството во НАТО би требало да биде проследено со уште една награда од ЕУ. Како што може да се забележи во историјата на Европа по Студената војна, членството во воената алијанса честопати беше проследено со прием во економскиот и политички сојуз на ЕУ.
На претстојниот самит на Европскиот совет во јуни ќе се дискутира за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан и приликата за придвижување на процесот не би требало да биде пропуштена. Но, ова нема да биде лесно, имајќи ги предвид претстојните избори за Европскиот парламент кои би можеле да влијаат врз сегашниот оптимизам за иднината на Балканот.