Премиерот Зоран Заев попладнево пред партискиот состанок, на кој се разгледуваат фаворитите за претседателски кандидат изјави дека имаат одлична листа на разгледување на фаворити и дека верува дека повеќе личности од таа листа може да бидат идниот претседател на Република Северна Македонија.
– Поминува Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Стево Пендаровски, Никола Димитров, Ѓорѓи Филипов, Имер Селмани, поминуваат и други личности. Јас сум демократ, јас секако ќе влијаам на овие одлуки ако претходно било што соопштам рано. Сите анализи им се достапни на оние што одлучуваат, сите, буквално сите анализи и верувам дека ќе донесеме паметна одлука, се работи за нашата држава – изјави Заев, прашан што покажуваат анализите кој поминува и кај албанското гласачко тело и кај неопределените.
Не би можел, рече Заев, порано да кажам ништо заради тоа што секоја одлука па дури и тоа што излегува во јавноста прави веќе проблем во делот на чесно, правично и во духот на ова заедништво што сакаме да го постигнеме.
Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски, пред состанокот во седиштето на партијата рече дека разгледуваат десет клучни кандидати, а четири се фаворити согласно анкетите.
– Одлуката ја носи конгресот. Ние сега почнуваме со иницијалните разгледувања на сите клучни информации и аспекти, а во 20 часот ќе биде соопштена одлуката заедно со коалициските партнери. Овие четири имиња кои јавноста веќе долго ги знае и новинари ги реферираат се општо прифатливи и за граѓаните и за останатите коалициски партнери – изјави Кирацовски.