Како и на секој митинг на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 12 години, повторно се слушнаа истите пораки за поделби на ваши и наши, за враќање назад, а граѓаните не видоа никаква разлика, се вели во писмената реакција на СДСМ по прексиноќешниот митинг на опозицијата.
– Нема никаква разлика. Христијан Мицкоски продолжува прецизно по патот на Никола Груевски и, за жал, повторно одбива да им се извини на граѓаните за пустошeњето што ВМРО-ДПМНЕ го вршеше врз Македонија цели 11 години. Наместо да се извини, Мицкоски повика Македонија да запре. Но, тоа нема да се случи. Граѓаните избраа напредок – реагираат од СДСМ.
Барањето за предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, за СДСМ е класичен партиски блеф на Мицкоски.
– Тој е соочен со слабиот рејтинг и немањето поддршка од граѓаните. Не е лесно да го следиш Груевски во време кога СДСМ добива огромна поддршка на локални избори со освоени 57 градоначалници. Денес, СДСМ е фаворит на какви било избори, а тоа го покажуваат и сите релевантни истражувања на јавното мислење. Поддршката на граѓаните е силно изразена за владејачкото мнозинство, за СДСМ, и за претседателот Зоран Заев – стои во соопштението.
Од СДСМ ѝ порачуваат на ВМРО-ДПМНЕ дека по изгубени 11 години, Македонија нема време за губење.
– Граѓаните немаат уште еден живот да му го доверат на некој нов Никола Груевски, со кого еднаш веќе расчистија. Заветот на Мицкоски се поделбите и минатото. Мицкоски треба да разбере дека Македонија има само еден завет, а тоа е просперитетна иднина, економски раст и членство во ЕУ и во НАТО – соопштија од штабот на СДСМ. П.Р.