Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објави дека неговата партија заедно со уште 20 партии денеска потпиша договор за заеднички настап на локалните избори.
– Ова е коалицијата „Најдоброто за мојата општина – фаворит и победник на локалните избори“, рече Заев.
Тој кажа дека коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ на претстојните локални избори ќе има широка кадровска понуда и принципиелна соработка, во првиот и вториот изборен круг.
– Заеднички застануваме зад заеднички советнички листи но и зад 69 градоначалници. Вредносниот граѓански концепт на „Едно општество за сите“ значи продолжување на успешната коалициска соработка со партнерите ДУИ, БЕСА и ДПА на локалните избори. Секако преку изградени критериуми за взаемна поддршка на кандидатите со најдобра програма и најголема доверба кај граѓаните – рече Заев.
Алијанса за Албанците ги објави кандидатите за градоначалници
Алијанса за Албанците денеска во Гостивар на седница на Централното Собрание ги утврди кандидатите за градоначалници.
За Куманово – Беким Салиу, за Арачиново – Наим Синани, за Сарај – Ќерим Мамути, за Желино – Махир Зибери, за Теарце – Назим Таипи, за Брвеница – Арѓенд Гура, за Тетово – Вулнет Мурсели, за Боговиње – Албон Џемаили.
Кандидат за Гостивар – Арбен Таравари, за Врапчиште – Исен Шабани, за Дебар – Беким Поцеста и за Струга – Идри Истрефи.
За Општина Боговиње имаше тајно гласање каде членовите на Собранието требаше да изберат меѓу два кандидати, Албон Џемаили и Садик Сулејмани. Со мнозинство гласови, Собранието одлучи Албон Џемаили да биде кандидат за градоначалник.