По отворањето на дебатата во јавноста, јасно е дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен на Уставот и затоа партијата треба да предложи друг кандидат за министер за внатрешни работи, велат од СДСМ.
– Уставот е јасен, согласно членот 97, лице кое раководи со МВР или со Министерството за одбрана треба да биде цивилно лице најмалку три години пред изборот на таа функција. Во членот 2 од Законот за полиција се прави јасна разлика помеѓу униформиран и неуниформиран припадник на полицијата, што значи дека униформираните вработени не можат да бидат избрани за министри, и тоа е исто и во двете министерства – се истакнува во партиската реакција во која се додава дека не може Мицкоски да се повикува на право, а да промовира предлози спротивни на Уставот.
Од таму ја повикуваат опозициската партија, да се издигне, како што велат, на висина на задачата и одговорноста која ја има со влезот во преодната Влада.
– Порачуваме дека остануваме отворени за наоѓање прифатливо решение со кое нема да се крши Уставот. До 3 јануари има доволно време да се постигне согласност и да продолжиме кон подготовката на изборите кои ќе се случат на 12 април – истакнуваат од СДСМ.