Од СДСМ велат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири што државата набавува вакцини од скоро сите производители.
– Договори во четири очи, беа нивен начин на работа. Лагите се заштитен знак на ВМРО-ДПМНЕ, па така денеска продолжија со манипулативни изјави да пласираат исмислени конструкции во врска со набавката на кинеските вакцини против Ковид 19. Позната шема Ла Верита, ВМРО-ДПМНЕ и блиски веб портали, за пласирање фалсификати, дезинформации, без никави докази, лажат дека преку фантом фирми и со провизии течела набавката на вакцините – посочуваат од СДСМ.
Вистината е една, додаваат од партијата.
– Министерството за здравство откако не доби повратен одговор директно од компанијата „Синофарм“, користејќи линкови и контакти успеа да договори набавка на 200. 000 кинески вакцини од „Синофарм“. Тогаш Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина посочи дека тие директно ќе ја поврзат нашата земја со „Синофарм“ и Владата го испочитува тоа – објаснуваат од СДСМ.
Велат дека времето на провизии и договори во четири очи е поминато.
„Набавката на вакцините против Ковид-19 е доверлива но во ниту еден случај не е коруптивна. ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири со фактот дека Владата и Министерството за здравство склучија договори со скоро сите понудени производители на вакцини против Ковид-19. 200. 000 дози вакцини од „Синофарм“ ќе стигнат во нашата земја“, стои во соопштението од оваа партија.