Студија за падот на бројноста на светската популација
Според проекциите од многубројниот тим на истражувачи, зад кој стои потписот на главниот автор на студијата во „Лансет“, Кристофер Мареј од Универзитетот во Вашингтон, до крајот на веков би имало 8,8 милијарди луѓе на земјата, две милијарди помалку од она што го предвиде ООН во 2015 година.
Каде ќе биде преполовена популацијата?
Меѓу 20-те земји каде што населението ќе биде преполовено до 2100 година се нашите соседи Бугарија и Србија, потоа земјите од Балканот како Хрватска и Босна и Херцеговина, како и земјите од ЕУ како Полска, Шпанија, Италија, Португалија.
И земјите од Далечниот Исток ќе бидат преполовени со популација, како што се Јужна Кореја, Јапонија, Тајланд. И Кина ќе изгуби речиси половина од своето население и ќе падне од 1,4 милијарда луѓе, колку што имаше во 2017 година, на 731 милион луѓе. На крајот на векот, Кина сепак ќе остане меѓу доминантните сили во светот. А Јапонија, која во 2100 година би имала 60 милиони луѓе, и натаму ќе биде меѓу 10-те најголеми економии во светот, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија. Од друга страна, населението во Супсахарска Африка двојно ќе се зголеми, при што ќе има приближно три милијарди луѓе.
Како да се обликуваат економски одржлив раст на населението и рамномерен развој на земјите
До крајот на векот, Португалија и Шпанија ќе паднат на 25-то односно на 28-то место од светските економии, додека Индонезија, според истото истражување, ќе биде 12-та најголема економија во светот, а Нигерија, која има 206 милиони луѓе и на крајот на векот би имала 790 милиони, вклучувајќи ги и 450-те милиони активни работници, би се искачила меѓу првите 10 светски економии.
– Сега се покажува дека демографите биле тврди реалисти, а не катастрофичари, како што ги нарекуваа политичарите. Демографијата е проблем што ги погодува сите групи граѓани во општеството. Треба да се разбере дека ЕУ нема да ги реши проблемите и да се грижи затоа што ние полека исчезнуваме. Не може да има никаков развој земја во која е во постојан пад учеството на млади лица што се носители на промените и на економската активност – вели демографот Анѓелко Акрап.
Денес во ЕУ, додава тој, само Франција успева да го обнови своето население дури и без имиграција, а другите развиени земји во ЕУ премногу обрнуваат внимание за пронаталитетни политики. Исто така развиените земји усвојуваат и „лесна имигрантска политика што одговара на потребите на нивниот пазар на трудот“.
Проекциите на ООН од 2015 година се многу далеку од најновите студии на „Лансет“
И демографот Стјепан Штерц се согласува дека проекциите на ООН се оптимистички во споредба со последните во „Лансет“, направени од експерти засновани на објективни процени.
– Податоците се застрашувачки и не можеме спокојно да гледаме како исчезнуваат државите. Сите јавни системи ќе пропаднат, нема економска активност што би можела да се одвива без луѓе, без работници – смета Штерц.
Главниот автор на студијата во „Лансет“, Кристофер Мареј од Универзитетот во Вашингтон, кого го цитира „Гардијан“, истакнал дека овие прогнози сугерираат на голема економска можност за делови од Супсахарска Африка, но и повеќето неафрикански земји би имале намалување на работната сила и вртење на пирамидата на населението, што ќе има длабоки негативни последици врз економијата. Како што се намалува плодноста и се зголемува животниот век на траење во светот, се предвидува дека бројот на деца под петгодишна возраст би се намалил за повеќе од 40 отсто, од 681 милион во 2017 година на 401 милион во 2100 година. Од друга страна, 2,37 милијарди луѓе, повеќе од една четвртина од светското население, до крајот на векот, ќе бидат стари над 65 години.
Се наѕираат ли новите светски сили?
Според студијата, може да се заклучи дека заедно со Кина и САД, Индија и Нигерија ќе бидат нови доминантни светски сили. САД исто така ќе имаат мал пораст на населението и ќе имаат 335 милиони до 2100 година, а во ЕУ населението ќе порасне во Белгија, Ирска и во Норвешка. Во Европа најголем раст на населението ќе има во Турција, која ќе скокне од 80 милиони луѓе на 101 милион.
Демографот Анќелко Акрап вели дека ова истражување исто така покажува дека земјата никогаш нема да има 10 милијарди луѓе, што го потврдува пропаѓањето на неомалтузиските теории од 1960-тите и 1970-тите, кои го ширеа стравот од пренатрупаност во светот.
– Херман Кан, познат американски футурист, уште во1973 година напиша дека не постои страв од пренаселување на Земјата и дека популацијата ќе падне. Тој проценил дека падот ќе почне да се случува од 2176 година, а гледаме дека тоа ќе се случи уште порано – заклучува демографот Акрап.
Но стареењето и намалувањето на населението нема да имаат влијание врз развиените земји, бидејќи тие, како што и сега прават најразвиените земји на Европската Унија, ќе ги земаат младите луѓе, пред с8 од неразвиениот дел на ЕУ. Н.М.