Македонија е на линијата на која сериозно ќе ги чувствува климатските промени и затоплувањето на планетата, но малкумина воопшто и да зборуваат за тоа. Светските екологисти предупредуваат дека само со јака свест кај луѓето можат да се превенираат идните природни катастрофи
Во извештај на ООН се алармира за трајни
штетни екопоследици на планетата
Исчезнување на растенија и животни, сиромаштија и глад, недостиг од вода се само дел од катастрофалните последици што Земјата ќе ги претрпи поради климатските промени, како неизбежна фаза што ќе ги зафати сите држави. Македонија е на линијата на која сериозно ќе ги чувствува климатските промени и затоплувањето на планетата, но малкумина воопшто и да зборуваат за тоа. Светските екологисти, пак, предупредуваат дека само со јака свест кај луѓето можат да се превенираат идните природни катастрофи.
За ова предупредува и последниот нацрт-извештај на ООН, во кој се вели дека животот на Земјата неизбежно ќе се трансформира со климатските промени за 30 години или дури и порано, но и ќе се соочи со недостиг од вода, неисхранетост и со исчезнување на одредени видови животни и растенија.
Нацрт-извештајот, напишан од стотици научници од Меѓународниот панел за климатски промени, осцилира помеѓу апокалиптичниот тон и надежта што им се дава на луѓето да ја променат својата судбина со непосредни и драстични мерки.
Извештајот за процена на 4.000 страници е многу поалармантен од претходниот од 2014 година. Иако неговите главни заклучоци нема да се променат, тој нема да биде официјално објавен дури до февруари в година, откако ќе биде одобрен со консензус од 195 земји-членки.
Во извештајот се вели дека животот на Земјата може да закрепне од големите климатски промени со развивање нови видови и создавање нови екосистеми. За некои животни и видови растенија може да биде дури и доцна. Ненадејните загуби се зголемуваат во сите системи за производство на храна.
Научниците предупредуваат дека без оглед на стапката на намалување на емисиите на стакленички гасови, разорните ефекти на затоплувањето врз природата и човештвото ќе се забрзаат и ќе станат болно опипливи дури и пред 2050 година.
– Најлошото допрва следува, со многу повеќе импликации по животот на нашите деца и на нашите внуци отколку на нас. Ефектите се сериозни и ќе бидат посилни, дури и ако се намалат емисиите на јаглерод диоксид – посочуваат тие.
Да се подготвуваме за суша и топлотни бранови со бури
Од невладината организација „Екосвест“ велат дека нашите граѓани веќе ги чувствуваат последиците од климатските промени.
– Поплави и топлотни бранови само го попречуваат нормалното секојдневие за некои од нас, но земјоделците трпат сериозни загуби и штети, па можеби токму поради тоа се и посвесни за овие промени во климата – велат од невладината организација..
Оттаму посочуваат дека интересно за сите групи граѓани е дека иако сфаќаат дека нешто не е во ред со климата, сепак многу мал број од нив се решаваат да направат промени во насока на намалување на нивното влијание врз климата, како намалување на отпадот, зголемување на енергетската ефикасност и заштеда на енергија, одење пеш и со велосипед наместо со автомобил.
– Со моменталната ситуација, светот се движи кон покачување на глобалните температури од над три степени Целзиусови и ова значи дека сите држави се еднакво загрозени. Но земјите во развој како нашата немаат финансиски средства да се справат со штетите и загубите од промените во климата и ова значи дека последиците ќе ги чувствуваме многу повеќе. Процените за нашата територија се дека забрзано се движиме кон опустинување, односно продолжени периоди на суша и топлотни бранови, како и бури што ќе предизвикуваат поплави – заклучуваат од „Екосвест“.
За секторите клима и енергија политичкиот консензус е излишен
Колку ние како држава воопшто работиме на стратегија во насока што ги опфаќа климатските промена на Земјата?
Елена Николовска од центарот за истражување и информирање на животната средина „Екосвест“ вели дека нашата држава навреме ги поднесува сите извештаи што се дел од известувањето до Рамковната конвенција за клима на ООН.
– Пред само еден ден се усвои и стратегијата за климатска акција, која предвидува мерки и избрани сектори за намалување на емисиите на стакленички гасови што доаѓаат од нашата земја – посочува таа.
Според неа, проблемот е што сериозно недостига координираност на активностите помеѓу институциите, но и со општините – без што овие планови ќе останат само на хартија.
– Недоволно сериозно се однесуваме и кон адаптација или подготовка на земјата за живот во новонастанатите климатски услови, особено здравствениот сектор и секторот земјоделство – заклучува Николовска.
За тоа колку политиката се занимава со ова прашање, таа смета дека властите во последно време креираат амбициозни климатски политики, но кога нема план во кој по секоја цена ќе ги натерате да се вклучат сите сектори и сите општини и сериозно да го сфатат овој проблем, тогаш имплементацијата ќе затаи.
– Морам да споменам дека за секторите клима и енергија сѐ уште нема политички консензус помеѓу партиите – посочува таа.
Доза надеж
Според предвидувањата во извештајот, повеќе од 80 милиони луѓе би можеле да умрат од глад до 2050 година, 130 милиони би можеле да западнат во екстремна сиромаштија во рок од десет години, а стотици милиони жители на крајбрежните градови ќе бидат загрозени од почести поплави предизвикани од покачување на нивото на морето, што, пак, ќе доведе до значителни миграции.
Извештајот исто така ја нагласува опасноста од каскадни ефекти.
– Некои региони (Источен Бразил, Југоисточна Азија, Централна Кина) може да бидат погодени од три или четири истовремени временски непогоди или дури и повеќе: топлина, суша, циклони, пожари, поплави, болести пренесени од комарци – се вели во извештајот.
Но и покрај алармантните заклучоци, во извештајот сепак постои доза надеж. Човештвото сè уште може да ја насочи својата судбина кон подобра иднина.
– Потребна ни е радикална трансформација на процесите и однесувањето на сите нивоа: поединци, заедници, компании, институции и влади – се тврди во извештајот.