Со оглед на тоа што богатите земји веќе го вакцинираат своето население, а земјите со ниски примања допрва треба да добијат дури и платени дози на вакцини, крајот на пандемијата на ковид-19 воопшто не е на повидок. Но првите зраци на солидарност почнуваат да се појавуваат, а лидерите мора да ја зајакнат соработката за таа да се оствари.
Пристапот на солидарност е од суштинско значење, бидејќи повторното отворање на светската економија бара насекаде да се спречи ширењето на коронавирусот. Една неодамнешна студија проценува дека дури и ако напредните економии достигнат оптимални нивоа на вакцинација до средината на 2021 година, тие, сепак, би можеле да претрпат економски загуби до 4,5 илјади милијарди долари оваа година, доколку вакцинацијата во земјите во развој продолжи да заостанува. Отворените економии, како што се земјите членки на Европската Унија (ЕУ), Швајцарија, Велика Британија и САД, ќе бидат најризични, а загубите на производството во секторите, како што се градежништвото, текстилот, малопродажбата и автомобилите, може да надминат пет отсто.
Некоординираната дистрибуција на вакцини исто така претставува сериозен здравствен ризик и целиот процес се одвива тешко. Механизмот „Ковакс“ има потреба од повеќе средства. Во спротивно, посиромашните земји ќе бидат принудени да пренасочуваат недоволни буџетски ресурси или да ги забават програмите за вакцинација против други болести, како што се полиомиелитис, сипаници и менингитис.
Потребни се и повеќе средства за забрзување за пристапот до Алатките за борба против ковид-19 (АКТ), кои Светската здравствена организација (СЗО) и други партнери ги создадоа за да развијат тестови, третмани и вакцини за борба против болеста. Според една процена, придонес од 10 милијарди долари во оваа иницијатива ќе заштеди домашно производство до 1,34 илјада милијарди долари, со што Америка повеќе од стократно ќе си ја врати инвестицијата.
Но парите не се најнепосредна пречка. Африканските земји што зедоа кредити за да купат вакцини открија дека нема дози за купување. Иако „Ковакс“ склучи некои зделки со земјите во развој, до 1 март тој им испорача само неколку стотици илјади дози на Гана и на Брегот на Слоновата Коска. Првата пратка стигна до Нигерија на 2 март, а Гвинеја даде вкупно 55 дози до денес.
Некои сметаат дека вината за недостигот од пристап до вакцини во земјите во развој лежи во заштитата на интелектуалната сопственост. Кон крајот на 2020 година, Индија и Јужна Африка, како и некои невладини организации, ја повикаа Светската трговска организација (СТО) да се откаже од постојните правила за патенти поврзани со ковид-19, но САД, ЕУ и Велика Британија се спротивставија на идејата. Американската фармацевтска фирма „Модерна“ порача дека додека трае пандемијата, нема да ги спроведува своите патенти поврзани со коронавирусот против оние што прават вакцини за борба против болеста. Од „Астра Зенека“ велат дека „за време на пандемијата, од продажбата на вакцината ќе бидат покриени само трошоците за производство и дистрибуција“.
Сепак, актуелни се уште две непосредни пречки. Прво, постојат производствени предизвици поврзани со зголемување на брзината на производство. Секоја вакцина е различна и се потпира на биолошки и хемиски процеси со променлива ефикасност. Производството на вакцини бара интензивен надзор и контрола на квалитетот. Другиот голем проблем е национализмот на вакцините. Богатите земји имаат резерви на повеќе дози на вакцини отколку што им требаат, а и други влади се натпреваруваат да докажат дека набавуваат соодветни резерви за своите граѓани.
Два бразилски истражувачки институти планираа да произведат милиони дози од вакцините на „Астра Зенека-Оксфорд“ и кинески „Синовак“, но беа попречени од необјаснето одложување на пратките со клучните состојки од Кина. Серумскиот институт во Индија, кој е најголемиот светски производител на вакцини, сакаше да произведе над 300 милиони дози достапни на 145 земји преку „Ковакс“ во првата половина на 2021 година, но индиската влада неодамна нареди прво да ги задоволат домашните потреби.
Сепак, се појавуваат некои охрабрувачки знаци на солидарност со вакцините. Четириесет и седум земји, како и Африканската унија, склучија или им беа понудени зделки за вакцини со Кина, Индија или со Русија. Индија испрати речиси 6,8 милиони бесплатни дози низ целиот свет, Кина вети околу 3,9 милиони, а Израел нуди 100.000 дози. Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, вети дека ќе донира најголем дел од вишокот дози од неговата земја за посиромашните земји. Некои други лидери на Г7, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, преземаат слични обврски, иако американската влада одби да го стори тоа засега.
Владите на богатите земји мора да ги исполнат своите ветувања за солидарност. Тие треба веднаш да донираат дози на вакцини за да ги заштитат здравствените работници од првите редови во ранливите земји и да придонесат повеќе за иницијативите АКТ и „Ковакс“. Тие треба да соработуваат со фармацевтските фирми во нивните земји за да испорачаат потранспарентни, неексклузивни зделки. Само со ваква солидарност може да се врати светскиот раст.
Авторката е деканка на школата за управување „Блаватник“ на универзитетот „Оксфорд“.