Во очекување на инвазивниот бегалски бран од Авганистан кон Европа, се преиспитуваат сценаријата во бриселските воено-политички и аналитички центри, во однос на речиси „неизбежноста на опцијата“ за привремено прифаќање мигранти оттаму. Во таквите сценарија, очигледно е дека и постојат т.н. тампон-зони, во обликот на некои држави на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, кои несомнено беспоговорно ќе ја одиграат ролјата на мигрантски апсорбери
Бриселскиот медиум „Политико“, во текст насловен „Балканските земји го афирмираат американскиот сојуз со прифаќање авганистански бегалци“, дава оцена дека Македонија, Албанија и Косово се трите „најпроамерикански земји во Европа, па и во светот, кои безусловно излегуваат во пресрет на секое барање на САД“. Главната поента на анализата се сведува на констатацијата дека „фрустрацијата од застојот во пристапот кон ЕУ ги тера Албанија, Македонија и Косово да сакаат да го поддржат Вашингтон“, за кој се надеваат дека ќе им помогне, при што тоа е една од причините што тие многу се потпираат на нивната врска со САД.
– Овие три држави се најпроамериканските земји во Европа, веројатно и во светот, и во однос на расположението на јавноста и усогласеноста на политичката класа, без оглед на администрацијата што е на власт во САД. Тие ќе направат многу за да се приспособат на сите барања што може да ги имаат САД. Иако трите земји не ги спомнаа своите проблеми со пристапувањето во ЕУ, тоа е во втор план. Ова се случува во момент кога пристапниот процес во Европската Унија е заглавен во голема мера поради внатрешните прашања на ЕУ и никој не може да предвиди како ќе се одлепи. Значи, постои елемент за балансирање на САД против ЕУ, што исто така се случува. Раководството на овие земји сака да оди директно до изворот на западната моќ и стабилност, а тоа се САД – вели за „Политико“ Тоби Вогел, аналитичар во Советот за политика за демократизација, аналитичка група со седиште во Берлин.
Забележливиот цинизам на европските медиуми
Во анализата на „Политико“ се наведува дека САД беа тесно вклучени во демократизацијата на сите три земји: на Косово дури му овозможиле и самостојна држава, но и понатаму не можат да се решат предизвиците со неговото меѓународно признавање, а за Македонија и Албанија, САД биле клучен фактор за нивниот прием во НАТО. Сепак, притоа се истакнува дека членството во НАТО за Македонија не било едноставно издејствувано, а земјата платила голема цена.
Во анализата на „Политико“ накратко се наведува историјатот на македонските евроатлантски и европски интеграции, па се кажува дека во 2019 година „земјата, тогаш наречена Република Македонија, го смени името во Северна Македонија за да го реши спорот со Грција, која тврдеше дека земјата го узурпирала името на нејзиниот регион во северниот дел – Македонија“. Тешкиот договор со Атина доведе до укинување на ветото за прием на Скопје во ЕУ и во НАТО. Сите 27 земји на ЕУ се согласија да започнат заеднички преговори за членство со Македонија и Албанија во март 2020 година. Но Бугарија поднесе вето против членството на Северна Македонија, додека таа не признае дека нејзиниот јазик потекнува од бугарскиот јазик и не ги приспособи учебниците по историја за да одразуваат посилно бугарско присуство, се вели во текстот на бриселскиот медиум.
– Забележлив е цинизмот на европските медиуми во квалификацијата на Македонија, Албанија и Косово како „најпроамерикански земји“, веројатно за да ја оправдаат својата немоќ да одговорат самите спротивно на барањата на САД, како најголем сојузник и на ЕУ и на самите членки. Какво било дефокусирање на проблемот со очекуваниот мигрантски бран од Авганистан, со обвинувања на балканските земји за проамериканизам е, најблаго кажано, хипокризија.
Што се однесува до поддршката на САД на македонските евроатлантски и европски интеграции, фактите говорат дека тие секогаш биле активно присутни и сѐ уште ја даваат поддршката на процесот. Тоа беше јасно искажано и на неодамнешниот форум во Преспа. Во однос на мигрантите од Авганистан, Македонија треба да покаже солидарност, со оглед дека 30-40 отсто од македонските државјани се надвор од земјата и на некој начин се мигранти – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
За поранешниот амбасадор на Македонија, Љупчо Арсовски, прашањето за давање привремен престој на бегалците од Авганистан има пошироко хуманитарно значење од квалификацијата на Македонија како „проамериканска земја“.
– Факт е дека Брисел (како административна метафора за ЕУ) не е расположен за прифаќање нов бран мигранти. Исто така, факт е дека САД се заинтересирани за одржување на своето влијание на Балканот, како и тоа дека постојано ја даваат својата поддршка во демократизацијата и евроатлантските и евроинтегративните процеси на Македонија и Албанија, а на поинаков, можеби и поконкретен начин и на Косово. Но излегувањето во пресрет од страна на Македонија на бегалците од Авганистан е чин на солидарност во спречување можна хуманитарна криза. Особено што е јасно дека тоа би било привремено. Не е коректно таквиот чин на солидарност да се става во контекст на некаков „изам“, дури и да е проамериканизам. Од друг, можеби политички прагматичен аспект за Македонија, ако ја изгубиме пријателската поддршка на САД, на кој друг можеме да се потпреме во сегашната геополитичка поставеност на интересите на големите сили? Сепак, солидарноста и очекувањата на пријателите треба да бидат во рамките на економските можности на Македонија, со прецизно дефинирани услови – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.
Ферид Мухиќ: Неправедно и лицемерно е својот проамериканизам да го проектираат како обвинување врз Македонија
– Колку и да ценат европските медиуми дека беспоговорно сме прифаќале мигранти по барање на САД, сепак, тоа го направивме со помал ентузијазам од некои земји-членки на ЕУ, како на пример Германија, која покрај Келн има голем прифатен центар. Неправедно и лицемерно е својот проамериканизам да го проектираат како обвинување врз балканските земји и Македонија. Од друга страна, не може да се негира дека имаме диспропорција во однос на барањата што ги поставуваат САД, како најголем сојузник, и поддршката што ја испорачуваат за остварување на интересите на Македонија. Најчесто САД условуваат со брзо спроведување на нивните барања и очекувања (како сега со прифаќањето на мигрантите од Авганистан), но не брзаат со исполнување на нивните ветувања. Така беше и со Преспанскиот договор, за кој очигледно се притиска само Македонија да ги исполни условите, додека сите други страни се лабави во однос на својот дел од обврските. Таквата ситуација се повторува и во однос на Договорот за добрососедство со Бугарија. Спроведувањето на договорите би требало да биде симултан настан, односно да стапи во сила во мигот кога сите страни ќе го исполнат својот дел од обврските. Се укажува дека прифаќањето на авганистанските бегалци, за Македонија ќе биде уште еден популистички аргумент дека сме придонеле за НАТО-сојузништвото, но и понатаму е неизвесно колку САД ќе брзаат да го наметнат своето влијание за забрзување на процесот на нашите евроинтеграции и да ги нарушат односите со другите сојузници – вели универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ.
Калајџиев: Солидарноста е во ред, но да не се истрчуваме за да
добиеме поени кај САД
Опцијата за можноста и очекувањата за некакви придобивки од излегувањето во пресрет на побарувањата на САД за прибежиште на авганистанските мигранти во Македонија, за професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет при УКИМ преставува нерационален аргумент.
– Информацијата за прифаќање бегалци од Авганистан во Македонија, во прв момент предизвикува на реакција од видот ние ги решивме сите наши проблеми, па сега ќе ги решаваме светските! Таквата реакција произлегува од реалната процена на актуелната политичко-економска ситуација, која предупредува дека Македонија не е во состојба да прифати голем број загрозени луѓе од светот. Солидарноста е во ред, доколку е во рамките на економските можности на државата. И меѓународната заедница треба да направи реален баланс на можностите на земјите за да излезат во пресрет на некоја очекувана хуманитарна криза. На своевиден начин и смешно е Македонија да се истрчува со понуди за солидарност пред многу поразвиените земји, Ќе повторам, солидарноста е во ред, но да се истрчуваме за да добиеме поени кај САД, во смисла да добиеме поголема политичка (или економска) поддршка за нашите евроинтеграции, никако не е рационален потег – смета професорот Гордан Калајџиев.