Понесени од генералниот заклучок дека кој не добива лајкови, не добива ниту гласови, политичарите со сите сили се трудат да го задржат интересот од јавноста, пласирајќи на социјалните мрежи, покрај важните, понекогаш дури и банални работи. Но колку тоа им помага или им штети
Мнозинството луѓе денеска своето мислење за политичарите го формираат преку социјалните мрежи, кои многумина ги сфаќаат како медиум, преку кој може да формираат сопствено мислење за одредена работа и на некој начин тоа мислење да им го наметнуваат на другите.
Понесени од генералниот заклучок дека кој не добива лајкови, не добива ниту гласови, политичарите со сите сили се трудат да го задржат интересот од јавноста, пласирајќи на социјалните мрежи, покрај важните, понекогаш дури и банални работи.
Американскиот претседател Барак Обама ќе остане запаметен токму по многубројните самослици со личности од политичкиот, забавниот, спортскиот и другите сфери на животот.
И актуелниот американски претседател Доналд Трамп е особено активен на Твитер.
Формулата што тој ја користи на социјалните мрежи, често дава плод. Имено, тој на својот твитер-профил ќе нападне некој свој противник, нападот ќе наиде на голем публицитет, уредниците на медиумите по инерција и од желба да не заостануваат зад другите ги ставаат неговите изјави на насловните страници, со што Трамп ја постигнал целта – сите зборуваат за него.
Неговиот пример го следеа и европските лидери, како германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, како и францускиот претседател Емануел Макрон.
Сите редовно ги освежуваат своите профили на Твитер или на Инстаграм, постојано испраќајќи порака до одредени целни групи.
Твитерот се користи за испраќање информации најчесто до медиумите, додека Инстаграмот има цел да креира слика за одредена личност или за некоја кампања. Се чини дека овој нов начин за комуникација го прифатија и нашите политичари, кои сè почесто се активни на Твитер и на Инстаграм, но и на Фејсбук.
Премиерот Зоран Заев, за време на неодамнешната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас, правеше самослик со својот гостин пред платото на Владата, сакајќи да ја демонстрира блискоста со грчкиот премиер, но и важноста на моментот. Сликата беше објавена на Инстаграм, а целта беше да се испрати порака, особено до младите луѓе, дека Грција е новиот сојузник што ќе ѝ помага на државата на патот кон ЕУ.
Но искусните дипломати имаат поинакво мислење за ваквите постапки на политичарите.
– Селфањето на македонскиот премиер беше невообичаена и непромислена работа! Сериозен политичар со висок ранг по правило со себе не носи мобилен телефон, а неговиот телефон го носи некој член од неговата придружба! Политичарите треба да внимаваат и да не дозволуваат неконтролиран излив на емоции – смета Коста Стоименовски, поранешен дипломат.
Министерот за внатрешни работи Никола Димитров е особено активен на Твитер, каде што информира за настаните на кои присуствува, како и за информациите што сака да ги сподели со јавноста. Објавите на Твитер се брзи, а информацијата стига до огромен број луѓе, што порано не беше случај.
– Генерално денеска се смета дека ако не сте присутни на социјалните мрежи, како ништо да не се случило. Таа максима се пренесе од минатото, кога важеше дека ако ве нема во весник, како ништо да не сте направиле. Светските трендови стигнаа и кај нас, а нашите политичари сакаат да бидат во духот со времето – вели Викторија Кафеџиска, комуниколог.
Според неа, целта на нашите политичари со присуството на социјалните мрежи е да допрат до помладата публика.
– Се сфаќа важноста на новите медиуми и најверојатно тимовите на политичарите им сугерираат колку и на кој начин да бидат присутни на социјалните мрежи. Целта е јасна, да се допре до младата популација – нагласува Кафеџиска.
Таа додава дека посебно прашање е колку се оригинални нашите политичари во кампањите на социјалните мрежи.
Станува јасно дека онлајн-комуникацијата, а особено комуникацијата преку паметните телефони е императив, бидејќи на тој начин политичарите можат 24 часа дневно да бидат во контакт со своите гласачи и во континуитет да ги пласираат своите пораки. Згора на тоа, и самите гласачи на овој начин имаат еден вид директен контакт со оној што го поддржуваат или се противат на неговите ставови, нешто што во минатото беше невозможно.
Но сепак, како што тврдат комуниколозите, постои и треба да се прави разлика и во целната група кон која се упатуваат пораките од страна на политичарите. И додека социјалните мрежи се интересни за помладите, сериозните медиумски куќи со долгогодишна традиција, во кои влегуваат весниците и печатените медиуми со својот интегритет, традиција знаење, искуство и професионални новинарски стандарди се привлечни за сите возрасни структури и она што се нарекува квалификувана читателска публика. Во таа насока, секако, пласираните содржини во весниците имаат и многу поголема тежина и поголема додадена вредност, сметаат познавачите.