Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ако на гугл-пребарувачот се впише зборот „самоиницијативност“, тешко ќе се најде сериозна длабинска анализа на оваа тема, а сепак постојат илјадници страници во кои „самоиницијативноста како особина“ се бара во огласите за вработување!? Ако е навистина таа особина толку битна при вработувањето, односно за реализирањето на активностите при постигнувањето на поставените цели, за претприемачкиот дух, па и за лидерството, тогаш зошто уште повеќе не се обрнува внимание на особината за која се вели дека „ако ја имаме и ако се култивира, тогаш целосно ја преземаме одговорноста за својот живот“?!

Самоиницијативноста е одлика со која луѓето функционираат по свој сопствен, внатрешен нагон, од сопствени побуди, без потреба од некакво надворешно поттикнување. Тоа е особина што создава сопствен поттик и внатрешно мотивирање да се започне нешто. Со самоиницијативноста во своите раце се презема одговорност за сопствената иднина и својот живот. Самоиницијативноста е умешност за уште поголема самомотивација за активностите при постигнувањето на планираните цели.
Самоиницијативноста може да се спореди со волан со кој ја управуваме нашата судбина. Но и таа особина треба да се култивира. Штом ја култивираме самоиницијативноста, примерите покажуваат дека таа битно ќе влијае на текот на нашиот живот, на личен и на професионален план, на животниот стил и со тоа и на иднината.

Пример што може да послужи како образец

Во 2008 година компанијата „Пејпал“ донесе одлука за купување на израелската стартап-компанија „Фрауд Сајенс“, која во тој момент нудеше најдобри иновативни решенија во заштита на електронските трансакции. Набргу во Тел Авив пристигна Скот Томпсон, претставник на „Пејпал“, со намера да ја проучи израелската компанијата и да се запознае со вработените.
Уште на самиот почеток за Томпсон имаше неколку пријатни изненадувања, а неговиот прв голем впечаток беше паркингот на „Фрауд Сајенс“. Секој автомобил на браникот имаше лепенка со логото на „Пејпал“. Скот Томпсон никогаш не видел таква гордост или ентузијазам во американска компанија. Вработените во „Фрауд Сајенс“ ги залепиле лепенките по сопствена побуда и без надворешно наметнување. Следното изненадување за Томпсон беше однесувањето на вработените во текот на состанокот во просториите на „Фрауд Сајенс“. Секој вработен директно гледал во него, никој не праќал порака на својот телефон, не сурфал на својот компјутер и не одел на одмор. Интензитетот се засилил кога започнала дискусијата и вработените започнале да поставуваат прашања. Томпсон започнал да се нервира бидејќи никогаш во својот живот не бил сведок на толку многу неконвенционални размислувања.

Изненадувањето било уште поголемо, бидејќи не станувало збор за негови врсници или раководители, туку за млади вработени кои смело ја оспорувале логиката за начинот на кој „Пејпал“ работел со години. Томпсон се изненадил од нивната отвореност, директна комуникација и непретенциозност, кои го поттикнале да размислува – кој за кого работи.

Томпсон се соочил со елементи на израелската култура, кои се одликуваат се асертивност, односно активно заземање став преку искажување на потребите на директен, недвосмислен и отворен начин. Овој начин на комуникација се сретнува насекаде во Израел – помеѓу студентите и професорите, вработените и раководителите, водниците и генералите и др.

Ден Сенор и Сол Сингер, автори на книга „Нација во подем: Приказна за економското чудо на Израел“ тврдат дека главен фактор за економскиот раст на Израел може да се најде во културата на Израелските одбранбени сили, во кои воената обврска е задолжителна за повеќето млади Израелци. Авторите веруваат дека военото служење им дава можност на потенцијалните претприемачи да развијат широк спектар вештини.

Тие исто така веруваат дека служењето во израелските воени сили обезбедува искуство со одговорност во релативно нехиерархиско опкружување каде што креативноста и интелигенцијата се високо ценети. Припадниците на израелската армија имаат минимално водство одозгора, и од нив се очекува да импровизираат, дури и ако тоа значи кршење на некои правила. Ден Сенор и Сол Сингер тврдат дека израелската армија има многу посебна култура, која нуди придобивки за економија, пониските воени редови се соочени со необичен степен на притисок и одговорност, принудувајќи ги војниците да развијат вештини за брзо решавање проблеми и тимска работа.

Многу луѓе живеат во инерција, или како што би рекле во новоговорот, „по дефолт“. Имено, животот едноставно им тече, а тие реагираат вака или онака, на сето што им се случува. Тие не носат никакви значајни одлуки, се плашат дека ќе згрешат или бараат оправдување во тоа дека имаат премногу обврски кои треба да ги завршат и немаат време за уште нови, самоиницијативни обврски и идеи. Своето време тие луѓе го трошат реактивно, а не проактивно. Но не е возможно да се живее во благосостојба ако за многу работи човек очекува да биде поттурнат од некој однадвор, односно постојано да бидеме зависни од некој друг. Всушност, пораката е дека треба да бидеме посамостојни, самоиницијативни и проактивни ако сакаме успех на кое било поле во животот.


Нација на иновации

Многу клучни иновации во областа на софтверот, телекомуникациите, чиповите и медицински уреди се создадени во малата еврејска држава. Во 1993 година израелската компанија основана од Гил Швед, Мариус Нахт и Шломо Крамер ја создадоа првата верзија на Фајервол. Компанијата „Мирабилис“ беше основана од програмерите Сефи Вигисер, Арик Варди и Јаир Голдфингер, во 1996 година оваа компанија ја разви оригиналната платформа за инстант пораки, а подоцна „Мирабилис“ беше продадена на „АОЛ“ за 407 милиони долари. Гавриел Идан работеше во „Рафаел“ (Rafael Advanced Defense Systems Ltd.) една од водечките израелски одбранбени компании, каде што специјализираше во развој на електрооптички уреди што им овозможуваат на ракетите да ја „видат“ својата цел. Идан сфати дека технологијата што овозможува поставување минијатурни камери на ракетите, може да се искористи за друга примена. Тој создаде минијатурна едноскопска пилула, која штом еднаш се проголта од пациентите, може да испраќа слики од човечкото тело, давајќи вредни увиди на лекарите и истражувачите.
Израел има најголема густина на стартап-компании во светот, а израелскиот стартап-екосистем продолжува да расте и да привлекува инвестиции и големи компании од целиот свет, кои купуваат израелски технологии и создаваат центри за истражување и развој. Во 2017 година, во израелската држава работеа 365 центри за иновации, вклучувајќи ги и гигантите како „Интел, „Мајкрософт“, „Гугл“, „Циско“ и др. Во 2017 година, „Интел“ ја купи израелската компанија „Мобилај“, а аквизицијата изнесуваше 15,3 милијарди. Во 2018 година новите израелските компании, кои излегоа на берзата, вредеа 23 милијарди долари, а израелската нација има околу стотина компании што котираат на берзата „Насдаг“.

Фото: Игор Бансколиев